Низ ходниците |

Креативноста и социјализацијата да се одлика на зимскиот распуст

feat-img

Нецела година откако излегол од средношколските клупи, а му недостасуваат како да ги напуштил одамна. Левиот бек на ракометниот клуб „Металург“ и на македонската репрезентација, 18-годишниот Филип Талевски од Крушево со неговиот талент и потенцијал  ги освои симпатиите на спортската јавност, а секое негово влегување на терен или затресување на противничката мрежа мами громогласни скандирања од трибините.

За сето ова, како и секој друг успешен спортист, така и Филип ја платил цената. На неколку дена пред почетокот на зимскиот распуст го прашавме младиот ракометар како тој се сеќава на тој период, каде и на кој начин ги поминувал одморите од училиште.

– Мојот зимски распуст јас го поминував постојано во сала, со многу тешки тренинзи и подготовки за втората полусезона што следува после тој период. Жртвував многу и многу ми недостасуват средношколските денови. Сите кога одеа на школо јас бев во сала, сите кога излегуваат надвор и се дружеа јас бев дома и се спремав за утрешниот ден – вели Филип.

Годинава тој заврши општа гимназија во скопското училиште „Марија Кири Склодовска“, а сега е бруцош на Факултетот за физичка култура. Талевски беше дел од рапрезентативците кои изборија пласман на светското првенство во Катар во јануари 2015 година.

Токму натпреварите на македонската репрезентација со сигурност ќе бидат дел од времето поминато пред телевизор за време на претстојниот зимски распуст.

Овие дваесетина дена надвор од училниците со нетрпение ги очекуваат не само учениците, туку и нивните професори и родители. Велат ова е периодот кога се сумираат и согледуваат постигнатите резултати и независно дали со повеќе или помалку успеси, сите со иста надеж за олеснување и ослободување од обврските ја очекуваат слободата на сопственото време.

– Факт е дека во училиштата се што е нормирано и поврзано со рокови станува напорно, тешко и стресно, а зимскиот распуст би бил одличен период за ослободување од рано станување од кревет, внимавање да не се задоцни после големиот одмор, да се направат писмените работи, тестовите и испитувањата – вели Мирјана Гичевска, специјалист по училишна психологија во гимназијата „Таки Даскало“ во Битола.

Вечна дилема: Што сега?

zimovanje3Гичевска вели дека кога распустот ќе тропне пред врата, секогаш останува отворено прашањето што би се правело со слободното време. Дали ќе ги поминуваме утрата под топлиот јорган, потоа во кафуле, попладне пред телевизор и после полноќ на интернет муабет? Дали слободното време сами ќе го режираме и ќе извлечеме нешто квалитетно од него, „Медиум“ разговараше и со дел од средношколците.

– Тој период планирам да ги засилам тренинзите за фудбал бидејќи поради училишните обврски некако како да го запоставиив сопственото хоби. Иако е ладно, ќе си организираме и ќе се обидеме на тој начин да го искористиме времето – вели Филип Филиповски, средношколец во економското училиште „8-ми Септември“ во Тетово.

Гледањето филмови, завршување со книгите кои останеле недочитани поради тестовите и испрашувањата пред крајот на полугодието и кафе муабетите беа дел од плановите на речиси сите средношколци со кои разговаравме. Матурантите, пак, бидејќи ова им е последен зимски распуст, велат оти максимално ќе го искористат за дружење со школските другари, без разлика дали тоа ќе биде во кафулиња, на патувања или во спортски сали.

– Едвај го очекувам зимскиот распуст иако немам некои конкретни планови. Поголемиот дел ќе го поминам со другарките, а што се однесува до зимување ќе одиме во вила кај една другарка бидеќи не е скапо, но ако заврне снег – вели Кристина Цветковска, ученичка во скопското средно училиште „Димитар Влахов“.

Од друга страна, пак, и туристичките агенции веќе излегоа со свои понуди за зимување. Во екот на зимската сезона понудите за најпознатите македонски туристички центри, како што е Берово, се движат околу педесет евра, ноќевање и појадок за две лица. Во хотелите, пак на пример, во Маврово цените се околу 20 евра за една вечер или пакет за една недела е од 150 евра па нагоре. На листата зимски дестинации е и ски-центарот Пониква кај Кочани, каде едно ноќевање во одмаралиште е околу 10 евра. Ако на сето тоа се додадат и изнајмувањето на скии, превозот и храната, средношколците велат дека поисплатливо им е да заминат на зимување со приватено сместување.

– Плановите за зимување ќе ги правам после Нова Година. Ако веќе одам тоа ќе биде со сместување кое однапред сами ќе го најдеме со друштвото бидејќи поевтино ни е да изнајмиме соба во некоја куќа отколку во некој мотел или одмаралиште – вели Елена Гоцевска, средношколка во скопското училиште „Лазар Танев“.

На огласите на Интернет приватено сместување во овој период, на пример во Крушево, може да се пронајде и по цена од пет евра од вечер по лице, иако не станува збор за луксузно опремена соба или апартман.

Што се однесува до зимските туристички дестинации во соседството, не постои голема разлика во споредба со македонските. Најповолни за средношколците се понудите за во Банско, Бугарија, каде што сместувањето во соба за друштво од неколку лица е од 20 до 30 евра од ноќ.

Корисен и ефикасен распуст

zimovanje2Мал дел од туристичките агенции имаат и специјални понуди за учениците во средните училишта кои сакаат да го комбинираат патувањето со корисното. Постојат зимски кампови во бугарски Боровец каде денот од утро до полноќ е исполнет со дружење, спортски активности и забава. Овие кампувања траат седум дена, а како дел од спортските активности на младите им се нудат скијање, бордање, пливање и организирање на разни натпревари и зимски игри, но имаат и ноќни излегувања во диско. Еден ваков камп чини 240 евра.

Покрај организирањето забави, гледањето филмови и зимувањето, учениците од слободното време треба да извлечат и некоја корист, да бидат активни и да работат на развојот на сопствената личност.

– Во овој период неопходно е пронаоѓање на механизам за мотивација на учениците да го искористат слободното време на ефикасен начин, да си постават реални цели за претстојниот период и да станат свесни за потребата на воспоставување на рамнотежа помеѓу слободното време и обврските – вели психолог Гичевска.

Таа вели дека учениците може да го искористат слободното време ефикасно и во нивните училишта и градови ако се активираат преку младинските организации или проектните активности во училиштата. Волонтерски и хуманитарни акции, креативни работилници се дел од начините зимскиот распуст да заврши квалитетно, а во нив има место и за музичките и за спортските таленти, но и за оние кои се надарени во литературното и ликовното творештво.

Најважно од се е, како што велат психолозите, да сфатиме дека празното трошење на времето со изолирање од какви било активности не треба да биде одлика на претстојниот распуст. Креативно исполнување на секојдневието и социјализацијата е она што ќе направи освен првото полугодие, и овој зимски распуст да го завршиме со примерно поведение и одличен пет.

Автор: Александар А. Самарџиски,
дипломиран студент на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и новинар во „Нова Македонија“