Активирај се | Создадено од вас |

Куманово ја има најубавата сала, но младите не се гледаат во неа

feat-img

Владимир Величковски е средношколец и млад фудбалер во Третата македонска лига, дел од фудбалскиот клуб „Студена вода“. Неговите родители сакале да го запишат на пливање на негова шестгодишна возраст, но тогаш откриле дека фудбалот е негова страст, но тоа него не го исполнувало. Напротив уживал да го гледа својот постар брат како тренира фудбал.

МЕДИУМ: На колку години започна да спортуваш?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Почнав да се занимавам со спорт уште од мали нозе. Бев пресреќен кога татко ми ќе нѐ одведеше мене и мојот постар брат на некој натпревар во спортската сала во Куманово или во „Соколана“ каде што се играше фудбал или кошарка. На седумгодишна возраст родителите ме запишаа да тренирам фудбал. Тоа за мене беше остварување на најголемиот детски сон. А кога за роденден ги добив и првите фудбалски патики, на среќата ѝ немаше крај. Имав сила и волја да трчам и да правам сѐ како што ќе ми кажеше тренерот. И не само во тимот во кој тренирав, јас фудбал играв секаде, и во паркот, и на улица, и во соба.

Kumanovo ja ima najubavata sala no mladite ne se gledaat vo nea 2 1200x550МЕДИУМ: Се сеќаваш ли на твојот прв натпревар?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Имав осум години. Тренерот не ме планираше да играм на тој натпревар, но еден играч имаше здравствени проблеми и не можеше да настапи. Бев изненаден од одлуката на тренерот, но бев и среќен што ќе играм. Тоа беше мој прв натпревар.

МЕДИУМ: За кои фудбалски тимови си играл досега?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Започнав во Ф.К. „Пантер Куманово“. Таму играв речиси пет години. Потоа играв во младинските генерации на „Силекс“, Ф.К. „Металург“. Денеска играм во Куманово, Трета Македонска лига во Ф.К. „Студена Вода“.

МЕДИУМ: Кој натпревар ќе ти остане во сеќавање и дали има фудбалер на кој се восхитуваш?

ВЕЛИЧКОВСКИ: За мене најдраг натпревар беше оној на меѓународниот турнир во Србија каде игравме против клубот „Партизан“ и таму постигнав гол што за мене беше огромен успех. А најмногу сум восхитен од Лионел Меси, затоа што тој е најдобриот фудбалер во светот. Му се восхитувам на начинот на кој игра, тој е мојот фудбалски идол.

МЕДИУМ: Кои се твоите планови за во иднина, дали во меѓувреме се занимаваш и со некој друг спорт?

Kumanovo ja ima najubavata sala no mladite ne se gledaat vo nea 3 1200x550ВЕЛИЧКОВСКИ: Планирам да се занимавам со спортот поинтензивно и попрофесионално откако ќе го завршам училиштето и ќе ја положам матурата. Имам желба да напредувам, да играм и да не се откажувам. Моја желба е да бидам дел од некој познат и поголем фудбалски клуб.

Го сакам пливањето. Порано немав можност во текот на целата година да одам на пливање, затоа што во Куманово немаше затворен базен. Но, во последните години, откако во Куманово се отвори покриениот олимписки базен, пливањето е вистинско задоволство.

МЕДИУМ: Сметаш ли дека спортот е важен за младите, дали твоите врсници спортуваат и што би им порачал?

ВЕЛИЧКОВСКИ: Физичката активност е многу важна за младите. Ние сме генерација која постојано е пред компјутерот и телевизорот. Вежбањето, трчањето, пливањето, возењето велосипед се најефикасни начини за зачувување и подобрување на здравјето Мислам дека младите не спортуваат доволно. Иако во Куманово има доволно места кои што нудат најразлични спортови, сметам дека спортот не е во секојдневниот распоред на младите. На училиште имаме часови по спорт и спортски активности, ја имаме и најубавата сала во Куманово, но потребно е и нешто што ќе не поттикне. Би можеле да се организираат почесто натпревари во кои ќе бидат вклучени сите ученици. Исто така, во училиштата се потребни предавања од стручни лица за да се објасни важноста на физичката активност.

Сара Спасовска