Активирај се | Создадено од вас |

Матеа Коцевска: Гимназиското образование ми помогна да добијам стипендија во Абу Даби

feat-img

Матеа Коцевска, матурантка од гимназијата „Јосип Броз-Тито“, е добитник на целосна стипендија за Њујорк Универзитетот кој припаѓа на Бршленовата лига (The Ivy league), по што ќе ги започне своите студии во кампусот во Абу Даби.

МЕДИУМ: Накратко раскажи ни го твоето искуство од средно училиште. Како гимназиското образование влијаеше врз твојот успех ?
КОЦЕВСКА: Во моментов ја завршувам четвртата, последна година во скопската гимназија „Јосип Броз Тито“. Сметам дека гимназиското образование нуди голема предност, бидејќи гради солидна основа за повеќе природни и општествени научни подрачја. Од академски аспект, мојот контиуниран успех (5.00), беше првиот предуслов за аплицирање на ваков тип на универзитет. Од социјален аспект, четиригодишното образование во ЈБТ, ми овозможи запознавање на најразлични профили на личности и во таква гимназија, секој лесно може да го пронајде своето место. Стекнав многу пријателства и контакти со индивидуи со слични и различни погледи и секое искуство даде позитивно влијание во градењето на мојот карактер. Сметам дека успехот пред сè доаѓа од баланс и правилно организирање на времето за учење и излегување.

МЕДИУМ: Како дозна за Универзитетот и каков е процесот на аплицирање ?
КОЦЕВСКА: Дознав од презентација во нашето училиште од страна на претставник од Универзитетот. Апликацијата се пополнува онлајн и содржи неколку различни делови: генералии, училиштен успех, неколку есеи, школски и воншколски активности, како и евалуација и препораки кои ги поднесуваат професорите. Процесот на селекција се одвива во две фази. Студентите кои влегуваат во вториот круг се повикани на викенд во Абу Даби. Во тие два дена има две официјални интервјуа, предавање и дискусија на област од наш интерес за понатамошно изучување, но всушност бевме постојано набљудувани. Најголем тест се правеше на нашиот карактер, начинот на кој комуницираме во група и нашата способност и начин на соработка и истакнување.
МЕДИУМ: Во кои училишни активности си вклучена надвор од редовната настава?

КОЦЕВСКА: Претседател сум на мојот клас. Уште од прва година сум дел од новинарската секција под раководство на професор Емилија Величкова. Преку заедничка соработка ја реализиравме и нашата иницијатива за дебатен клуб во рамките на училиштето, како дел од изучување на правилно, организирано и аргументирано изразување. Клубот беше предводен од мене, бидејќи имав претходно искуство на дебатен тренер. Потоа, повторно под менторство на проф. Величкова, го претставував нашето училиште на националната симулација на „Модел на Европски Парламент“ каде се водеа дискусии и се пишуваа резолуции за тековни проблеми со кои се соочува Европската Унија. Успеав да се рангирам како прва при Комитетот за надворешни работи и бев избрана меѓу петте најдобри делегати кои ја претставуваа Македонија на интернационалната сесија во Берлин.

МЕДИУМ: Како реагираше кога дозна за позитивниот одговор на твојата апликација?
КОЦЕВСКА: За мене позначаен беше моментот на испраќање на апликацијата. Сомнежот се однесуваше на тоа дека можам да напишам подобар есеј, да се претставам себеси подобро и слично. До тој момент јас имав контрола врз мојата иднина, откако ја испратив бев свесна дека направив што можев, доколку моето место е таму- ќе го добијам. Уште од тој момент јас бев среќна. Го исполнив тоа што го зацртав. И приемот и одбивањето за мене беше позитивен одговор. Колку се радував на приемот, еднакво толку не би можела да го класифицирам спротивното, односно студирањето во Македонија, дома и покрај моите најблиски, како негативно.

МЕДИУМ: Што ќе студираш?
КОЦЕВСКА: Системот на студии е малку поразличен од нашиот и дава шанса на студентите да ги задоволат своите интереси преку можноста за индивидуално креирање на распоред. Иако сè уште сум неодлучна во врска со конкретното поле на студии, мојот интерес се движи околу биологија и хемија.

РЕКОА ЗА МАТЕА: Емилија Величковска, професорка по македонски јазик и ментор

Ученичката Матеа Коцевска ја запознав уште на самиот почеток од нејзиното влегување во гимназијата. И тогаш, на денот на уписот ме праша-„Дали има новинарскиот клуб во гимназијата?“. Тој прв впечаток беше само почеток на нашата заедничка комуникација. Не само што го предводеше новинарскиот клуб, туку и создаде дебатен клуб во кој постојано регрутираше млади, нови дебатери. Челното место во дебатниот клуб ја одведе на интернационална сесија во Берлин на Европскиот парламент. Но, тоа беше само поттик да продолжи вредно да се надградува. Воопшто не ме изненади нејзината молба за помош при аплицирање за студирање надвор од нашата држава. Треперев над одговорот од страна на њујоршкиот универзитет на кој аплицираше.

Сепак, нема да го заборавам сјајот во очите и жарта во говорот, дента кога дојде да ми соопшти дека ја повикале на интервју, никогаш нема да ги заборавам. Универзитетот ѝ додели целосна стипендија, прифаќајќи ја како Македонка. Горда сум што бев дел од нејзиниот живот, задоволството кое заемно го уживавме и солзите радосници кои заедно ги бришевме. Посакувам сè да ѝ врви понатаму лесно, да се истакне со својата доблест достоинствено како што ѝ прилега.