Активирај се | Создадено од вас |

Матури: насмевката е најважната облека

Матурантите, можеби за прв пат во својот живот се наоѓаат на прагот на донесување сериозни одлуки, сосема сами. Но пред да го направат пресудниот избор за тоа на кој факултет да се запишат или пак веднаш да почнат да бараат работа, треба прво да ја поминат матурската вечер која се одбележува со традиционална голема забава – матурата.

Иако поголемиот дел од младите го одобруваат ваквиот начин на одбележување на матурата и полнолетството сепак исто така од година во година расте бројот на средношколци кои и пркосат на традицијата. И годинава многумина се прашуваа – како да слави? Кој е најдобриот начин убаво да се заокружи оваа етапа од животот на еден млад човек? Дали да се продолжи традицијата или да се искуси нешто ново?

Колку чини една матурска вечер? 

Конкретно во Скопје, најдобар избор е матурска вечер со партнери, фустани, свечени одела, алкохол и игра. И момчињата и девојките, значително инвестираат за својот изгле за незаборавната ноќ. Девојките купуваат или шијат фустани, што чинат во просек по 10 000 денари, купуваат и накит, чанта, чевли, шминка и фризура.

Доколку сето ова се земе во предвид, најскапата варијанта за подготовка на една матурантка е околу 30 000 денари.

Ниту момчињата не поминуваат нешто поевтино. Квалитетни вратоврски, кошули, панталони, одела чинат од 10. 000 денари па нагоре.

Секако трошок е и вечерата во хотел со соучениците, за диското и трубачите резервирани за утрото после лудата ноќ. Во Скопје сумата за хотелот и храната за матурската вечера чини најчесто 1.250 денари, диското и диџејот 500 денари, алманахот 700 и трубачите 300 денари. Сѐ на сѐ, организацијата би чинела околу 2.750 денари.

Оваа сума мора да ја плати секој што сака да биде дел од забавата, додека сѐ останато останува на матурантот и родителите колку можат или сакаат да потрошат.

Доколку се вклучи во цената и домашната прослава со пријатели и роднини, во ресторан пред матурантот или матурантката да отиде на матурската вечер, трошокот е уште поголем. Можеби дел би се покрил со подароците од баба, дедо, тета или чичо, но парите секако мора да се дадат.

Сепак, дел од средношколците веќе го напуштаат ваквиот начин на размислување и делување.

– Матурската вечер според мене е голем непотребен трошок. Штипјани се држат до оваа традиција и непишано правило е дека секој од матурантите мора да се подготви да биде најубав на големата вечер. Настанот би требало да симболизира завршување на еден период од младоста и влегување во позрел период, затоа изборот како тоа ќе се одбележи, треба да остане на матурантот. Јас лично нема да славам матурска со премногу пријатели и роднини, само со најблиските – изјави Јована Георгиева, матурантка од Штип.

Сличен став имаат и дел од професорите во училиштата.

– Воопшто не сум против славење матура, средношколците тоа го заслужуваат. Се прославува за убаво да се заокружи оваа етапа на младите. Меѓутоа начинот на кој што се слави во Скопје, секако е прескап. Тоа покажува каков менталитет имаме па се расфрламе со пари и со тоа матурската вечер станува парада. Во странство на пример, се следи истата традиција, но се постапува многу поекономично. Се слави во училиштето, во спортската сала, додека за музика се задолжени средношколците што сакаат да станат диџеи. Не верувам дека ние ќе го достигнеме некогаш тоа ниво на свест – вели Душко Стојановски, професор во СУГС “Орце Николов.”

Сепак, оние кои велат дека матурските вечери се скапи непотребни помпезни забави кои треба да се избегнуваат се во помал број од оние кои сакаат богата, раскошна прослава налик на свадба.

Свечена вечера или спомен од Милано?

Во други градови, како Охрид и Струга, средношколскиот крај се прославува со матурска екскурзија.

Покрај екскурзијата во трета година што сите средни училишта ја имаат, Охриѓани и Стружани организираат уште едно патување надвор од Македонија.

За нив, повеќе вреди да се дадат пари за шетања во странство, отколку за фустан, одело и журка. Најчесто се прави тура до Италија и истата чини отприлика исто колку што би чинела и една матурска вечер, доколку се земат во предвид дополнителните трошоци од патувањето.

Кому му текнува на учење?

Во овој период, ретко кој фаќа книга бидејќи повеќето се засегнати со подготовските за славењето дури и три месеца однапред.

Машките покануваат девојки да им бидат партнерки на време, за да не завршат без партнерка, или со некоја со која сврзале едвај три збора последниве 4 години.

Забавата во ресторанот, па во дискотеката, сите адети со партнерот и партнерката се интересни и поразлични од сите претходни средношколски забави. Тоа е вечер кога целата генерација се собира на куп за последен пат, развеселена и носталгична.

Најчесто, прославата со пријатели и роднини почнува од околу 19 часот, два часа подоцна партнерот ја „собира“ партнерката од дома и се упатуваат кон хотелот каде почнува забавата. Алкохол таму најчесто нема, иако многумина пробуваат да прошверцаат (во чантите најчесто), но затоа најголем број средношколци организираат и „афтерка“ – забава после официјалната забава, во некое диско каде што има доволно вотка и џин за вистински да се развеселат.

За ова да се реализира, се собираат пари и се земаат телефонски броеви од сите родители, во случај матурантот да се напие повеќе од што има кондиција.

Сара Коцевска, матурантка од Скопје порачува дека се што треба за матурата е да бидете насмеани и добро расположени. Без тоа џабе би била и најскапата гардероба и најскапиот автомобил, музика и храна.

– Никој не бара прескапи, брендирани облеки. Единствениот „дрес код“ е насмевка и добро расположение. Треба да се прави забава, бидејќи не знаеме дали повторно некогаш ќе се сретнеме во овој состав ние средношколците – вели Сара Коцевска, матурантка од Скопје.

Хуманоста на дело

Пејачката Кристина Арнаудова, оваа година беше иницијатор на малата хумана акција на донирање свечена облека на матуранти што не можат да си ги дозволат.

– Идејата почна наивно, со мој ФБ- статус, во кој напишав дека би сакала да им помогнам на неколку матурантки кои не можат да си дозволат тоалета и останати нешта потребни за таа толку важна ноќ. По мојот статус, се приклучија и мои пријателки, кои искажаа желба и тие да го направат тоа, па почнаа да се пријавуваат бутици, дизајнери, па непознати луѓе од цела Македонија кои подаруваа. Стигнавме до бројка од 90 дотерани матуранти. Многу сум среќна што таа моја објава доби таков одзив. Да знаев дека ќе има толку интерес од матуранти на кои им беше потребна помош, а од друга страна на луѓе кои сакаат да помогнат, сето тоа ке го направев поорганизирано.

Затоа следната година, таа акција ке ја официјализирам, во рамки на моето здружение ,,Проект Среќа,, и ќе се потрудиме да направиме уште помасовна и поуспешна акција за матурантите.”- изјави Арнаудова.