Активирај се | Создадено од вас |

Меѓу професорот и ученикот мора да постои доверба и трпение

feat-img

Професорката Јулијана Лазоска предава математика во средното гимназиско училиште во Тетово. Има 44 години и 15 годишно работно искуство во оваа област. Ни раскажа за нејзиното искуство како професор со учениците и воедно ни даде мислење за нашиот образовен систем. Ученичката Мартина Стојаноска „ја испрашуваше“ професорката.

МЕДИУМ: Кои беа Вашите мотиви да предавате математика?
ЛАЗОСКА: Уште од рани години имав љубов кон математиката, бев учесник на многу натпревари по математика и едноставно беше предмет кој најмногу ми одеше од рака. Па, така спонтано се случи и да ја предавам онаа наука.

МЕДИУМ: Дали можеби имате личност од оваа област која ви оставила најголем впечаток?
ЛАЗОСКА: Да, тоа би бил Питагора.

МЕДИУМ: Зошто баш Питагора? Како тој ве фасцинираше?
ЛАЗОСКА: Уште во негово време тој бил премногу напреден. Бил нарекуван дури и полубог и бил многу почитуван. Без него, многу области во математиката, не би биле објаснети. Сметам дека неговото размислување било илјада години понапред од она на останатите.

МЕДИУМ: Која проблематика од математиката најмногу сакате да ја предавате?
ЛАЗОСКА: Тоа би било геометрија, бидејќи поттикнува многу размислување кај луѓето.

МЕДИУМ: Објаснете ни го вашиот начин на предавање? Што правите за часот биде интересен?
ЛАЗОСКА: За да биде успешно едно предавање, потребно е внимание на учениците и нивната самостојна работа. Преку професорот и неговото објаснување на часот како и задавање на домашни задачи се постигнува солиден успех на предавањата. Создаваме проблеми и задачи кои потоа сите заедно ги решаваме, а многу често знам да им кажам примери или анегдоти од секојдневниот живот, со цел да го привлечам нивното внимание и така некако создавам атмосфера во која полесно би научиле.

МЕДИУМ: Дали работата со средношколци е тешка?
ЛАЗОСКА: Не, не е тешка. Потребно е трпение и разбирање како од професорот, така и од ученикот за да се воспостави успешна меѓусебна врска. Исто така сметам дека работата со помали деца е понапорна и потешка.

МЕДИУМ: Каков е односот професор-ученик?
ЛАЗОСКА: Секако дека постојат поедини случаеви каде односот на учениците спрема професорот не е секогаш најдобар, но генерално имам одличен однос со моите ученици. Сметам дека и тие се задоволни и од начинот на моето предавање.

МЕДИУМ: Дали образовниот систем треба да претрпи промени и какви?
ЛАЗОСКА: Да. Сметам дека постојат определени пропусти кои доколку би се решиле би имале подобро образование. Би почнала од тоа дека материјалот е пренатрупан, постојат теми кои можат да се поедностават, па и да се исфрлат. Конкретно во гимназиското образование или поточно во јазичните смерови постојат математички теми кои не ги засегаат ученици кои одбрале четири или пет различни јазици. Сметам и дека треба да има приемни испити за во средно училиште, кои би биле насочени од основното образование. Така би се олеснила работата на професорот при насоченување на ученикот кон неговата пасија.