Активирај се | Создадено од вас |

Младите испратија јасна порака во каков свет сакаат да живеат

На 9 мај имав прекрасна можност да ги доделам овогодинешните награди на средношколците за најдобри медиумски производи што ги организира средношколскиот весник „Медиум“, како дел од образовните проекти на Институтот за комуникациски студии (ИКС). Темата беше „Сакам да живеам во чиста околина“, а учениците можеа да изработат фото приказна или едноминутно видео. Медиумските производи беа подобри отколку што очекував, со јасни пораки зошто е битно сите ние да ја чуваме средината во која живееме. Навистина ми беше мило што Обединетото Кралство даде поддршка на натпреварот на средношколците оваа година затоа што животната средина и екологијата се теми кои за нас се навистина важни. Учениците направија прекрасни производи и нивната креативност и ангажираност за околината излегоа на површина. И јас се согласувам со нив, и јас сакам да живеам во чиста околина.

Во изминатиов период откако сум амбасадорка тука често слушам за дебатата за животната средина, загадувањето на воздухот, урбаното планирање, дали има доволно зелени површини да се произведе повеќе кислород за подобри услови за живеење. Овие се важни прашања затоа што нашите животи зависат од животната средина. Квалитетот на воздухот што го дишеме и храната што ја јадеме покажуваат колку добро се грижиме за животната средина.

Еколошките прашања се многу важни за програмската поддршка која Британија и ја дава на Северна Македонија. Еден од нашите проекти е поддршката на кампањата од јавен интерес „Не игнорирај! Реагирај“ што ја спроведува ИКС преку која работиме на одржливи градови, здрава животна средина и климатски промени. Исто така ја поддржуваме Владата на Северна Македонија во изработката на стратегијата енергетска ефикасност со која се надевам ќе се изработат подобри решенија и услуги за граѓаните и поеколошки политики.

Кога соработуваме заедно, постигнуваме повеќе. Животната средина не е тема или прашање на политики кое треба да им се остави на експертите или на владите. Важно е сите ние, преку нашите заедници да се образуваме и информираме, да ги препознаеме проблемите и да преземеме некакво дејство за да ја подобриме животната околина за идните генерации што доаѓаат после нас. Имаме една планета на која живееме, заедничка е за сите нас и должни сме да ја чуваме, затоа што таа ни ги дава прекрасната природа и услови во кои живееме.

Им честитам на сите ученици што се охрабрија и беа дел од натпреварот и се надевам дека ќе има и други слични иницијативи каде ќе го слушнеме младинскиот глас.

Авторка: Рејчел Галовеј, Амбасадорка на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска