Низ ходниците |

Младите од вардарскиот регион ќе „читаат меѓу редови“ и ќе учат за медиумска писменост

Педесетина ученици од прва до четврта година во велешкото средно училиште „Гимназија Кочо Рацин“ учествуваа на првиот форум од проектот „Читај и меѓу редови“. Тема на настанот беше „Медиумска писменост и градење на критички став“.

Целта на проектот е зголемување на свеста на младите во Вардарскиот регион, за критичко размислување, преку мотивација за креирање на сопствен став и одговорно изјаснување во јавноста со користење на аргументи и компетентност.

Настанот го организираше професорката по македонски јазик и литература, Магдалена Сарагинова, а имплементатор на проектот е Фондацијата за локален развој и демократија „Фокус“ од Велес.

Тимот на фондацијата, новинарките Убавка Јаневска и Даниела Саздова, како и  директорот на училиште, Гоце Алексоски, им се обратија на учениците при што новинарките го промовираа проектот пред учениците и професорите кои предаваат по предмети во чии наставни програми се вклучени содржини од медиумската писменост односно предметите: македонски јазик и литература, филозофија, етика и информатичка технологија.

Првиот форум, го водеше, новинарот Саше Димовски. Учениците со внимание ги слушаа примерите што тој им ги презентираше, посочувајќи им како да препознаат дезинформација и лажна вест, како се пишува новинарска вест и кои извори треба да се користат. Настанот им понуди на средношколците интерактивност кои одговараа на прашањата на Димовски, учествуваа во практичните вежби и покажаа голем интерес за за медиуската писменост и критичкото размислување

Активностите со учениците од прва до четврта година ќе продолжат и во  наредниот период кога ќе бидат одржани уште три работилници и еден форум.