Активирај се | Создадено од вас |

На сцената го давам максимумот, а аплаузот ми е најголема награда

Кире Ацески е средношколец со големи афинитети кон актерството и музичката уметност, благодарение на генетските предиспозиции. Тој е ученик во трета година во гимназијата „Кочо Рацин“ во Велес. Во исто време знае свири на клавир, гитара, учествувал на натпревари, освојувал награди. Уште од мали нозе ја засакал театарската уметност, а сега во фокусот му е актерството, дел е од аматерски театарски претстави и иднината ја гледа токму во оваа професија.

na scenata go davam maksimumot aplauzot mi e najgolema nagrada 2

МЕДИУМ: Кога сфати дека актерството е твојата љубов и секако од каде потекнува твојот талент?

АЦЕСКИ: Сметам дека мојот талент за актерството е генетски наследен. Мојот дедо бил глумец, и благодарение на него и јас сега почнувам да пливам во овие води. Исто така мојата мајка поседува голем потенцијал за глума, но за жал не успеала  да го оствари својот сон.

„Х – Хамлет“, чијшто режисер е Васил Зафирчев, е првата претстава која воопшто ја гледав во 2007 година. Беше навистина прекрасен ден и прекрасно искуство. Особено, убавината на бекстејџот, која ја доживеав на само девет години и за ова многу му должам на мојот дедо. За мене беше огромна привилегија да се запознаам со велешките актери.

МЕДИУМ: Која е твојата прва одиграна претстава?

АЦЕСКИ: Основно училиште завршив во „Блаже Конески“ – Велес, па така, мојата прва одиграна претстава е на 11-годишна возраст и се викаше „Шефе плата“. Навистина беше возбудлив првиот чекор на сцената.

МЕДИУМ: Кире, сподели со нас, колку ти уживаш додека глумиш?

АЦЕСКИ:  Мислам дека никогаш нема да пронајдам доволно зборови за да опишам колку добро се чувствувам додека го правам тоа. Од една страна е голема одговорност и посветеност при подготовка на претстава, но од друга страна, олеснително ми е што сум заљубен во актерството. Кога сме на сцена, ние актерите, сме во еден посебен свет во којшто се обидуваме да го дадеме нашиот максимум. Секако, аплаузот е најголемата награда којашто еден актер може да ја добие.

МЕДИУМ: Дали музиката и свирењето се само хоби за тебе или нешто повеќе?

АЦЕСКИ: Мојата приврзаност со музиката е исто така генетска. Мојот татко е професор по музичка уметност и на некој начин тој има големо влијание врз мојата љубов кон музиката. Ми ги прикажува сите нејзини убавини и посебности. Имам завршено основно музичко- клавир, учествував на голем број на натпревари и освоено низа награди. На четиринаесетгодинашна возраст започнав да свирам на гитара, свирев на некои училишни претстави, а сега за своја душа и секако при дружби со луѓето кои ги сакам. Може да се каже дека музиката и свирењето се мое омилено хоби.

МЕДИУМ: Како Кире се снаоѓа со училиштето, покрај сите активности со актерството?

АЦЕСКИ: Обожувам живот полн со обврски. На училиште држам континуиран одличен успех. Морам да признаам, некогаш знае да биде навистина напорно, но секако јас го правам она што го сакам, едноставно го обожувам тој начин на живеење. Некогаш знам подолго време да отсуствувам од настава, но го давам секогаш мојот максимум за да го надокнадам изгубеното. Омилен предмет ми е македонски јазик и литература, секако дека не ги потценувам и останатите, но сепак сите сме талентирани за различни области во животот.

МЕДИУМ: Кој е твојот досегашен најголем успех?

АЦЕСКИ: Ах, па прецизен одговор на ова не можам да дадам од причина што мислам дека се’ уште не сум го достигнал, но ќе се потрудам да одвојам некои досегашни ликови кои мене ми оставиле впечаток. Такви се: Бенедикт, од претставата „Многу врева за ништо“, трговецот во претставата „Адвокатот Патлен“, претставата „Сон на летната ноќ“ во ликот на Задрогаз и слично.

МЕДИУМ: Кои се твоите планови за иднината, каде ќе го продожиш твоето образование после средно?

АЦЕСКИ: Дефинитивно, тоа е Факултетот за Драмски уметности. Во мојот живот знам дека имам една цел, тоа е да бидам глумец во велешкиот театар. Мојата иднина ја гледам во Македонија, никогаш не би ја напуштил нашатата татковина.

Габриела Лескова,  СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ – Велес