Активирај се | Создадено од вас |

На учениците им треба и филмска писменост

feat-img

Во време на дигиталната ера, кога од сите нишани сме „бомбардирани“ со разни информации и приказни, употребата на видеото како алатка за нивно визуелно претставување зема сѐ поголем замав. За тоа сведочи и еден од последните трендови на социјалните мрежи, каде што медиумите, институциите, организациите, но и обичните корисници сѐ почесто наместо статус или текст објавуваат разни аудиовизуелни содржини.

TEMA ZA DILEMA 04fОва е само една од причините кои ја наметнуваат потребата граѓаните, а пред сѐ младите да бидат филмски писмени, односно да знаат да ги разберат и критички да ги консумираат видеосодржините, но и да ја развијат креативноста за да можат аудиовизуелно да се изразат.

– Филмската писменост има повеќе дефиниции. За нејзино објаснување јас често се користам со адаптација на една изјава на Џорџ Лукас, кој вели дека за да си филмски писмен значи да знаеш да читаш и да се изразуваш со јазикот на сликите и на звуците. Овој јазик е во основата на сите аудиовизуелни уметности и медиуми, а неговата „граматика“ се наоѓа во филмот, фотографијата, сликарството, музиката – вели Киријана А. Николоска, од здружението за креативни документарни филмови „МакеДокс“.
Таа додава дека образовниот систем преку филмската писменост може да ги научи учениците на критичко размислување, но и на дејствување преку јазикот на сликите и на звуците.

– Изучувањето на филмската уметност и користењето на филмовите во образованието има огромен потенцијал не само за учење на овој јазик, туку и за да се поттикне активното промислување, критичкото консумирање, да се развива креативноста кај младите, да се отвори перспективата на мултиперспективноста, да се сочувствува, да се мечтае, да се дејствува – објаснува нашата соговорничка.
Со слично размислување е и професорот по филозофија и граѓанско образование, Владимир Спасовски, кој предава во двете средни училишта „Марија Кири Склодовска“ и „Михајло Пупин“ во Скопје. Како што вели тој, во време на брз техничко-технолошки развиток, за средношколците најбрз начин за восприемање на одредена содржина од која било сфера е аудиовизуелниот прием.

– Кај денешниот млад човек, сликите што ги гледа му се поблиски и поавтентични отколку зборовите што ги слуша. Тој е постојано „бомбардиран“ со секаков вид информации, па затоа од круцијално значење е како да научи да ги селектира и да им даде приоритет на оние кои навистина се битни – вели Спасовски.
Според него, средношколецот треба да биде свесен дека честопати аудиовизуелната содржина предизвикува, поттикнува на размислување и провоцира, сѐ со цел тој да почне да размислува како критички, така и аналитички. Како што смета професорот, би било од големо значење наставниците освен теоретски, своето познавање да им го пренесуваат на учениците и со разни аудиовизуелни содржини.

– Ваквиот начин на настава остава простор за креативност, развој и созревање на личноста, која се врти кон вистинските вредности, но и ја поттикнува да сочувствува со страдањата на другите луѓе, бидејќи нивните страдања ги гледа директно преку филмот. Улогата на наставникот во ваквиот начин на усвојување на знаењата е да биде поттикнувач и модератор на содржините кои треба да продуцираат изградба на знаења и личности кои ќе бидат совесни и самосвесни – објаснува Спасовски.
Исто така, додава тој, овој вид настава треба да биде застапен во поголем обем, бидејќи на тој начин би се избегнала и монотонијата која често се „јавува“ на часовите.

Тој, заедно со повеќе од сто професори по социологија и граѓанско образование, е дел од проектот „МакеДокс во училница“, кој претставува образовен пакет од 15 документарни филмови и прирачници за работа со нив. Проектот е одобрен и од Министерството за образование и наука, а професорите кои досега ја поминале обуката ја спроведуваат програмата во 62 средни училишта во 25 града низ Македонија. Годинава, велат од „МакеДокс“, се подготвува нов сет филмови и прирачник за работа со нив.
Наставниците, односно училиштата неминовно треба да бидат дел од оние кои ќе им помогнат на учениците да ги разбираат и да имаат свесен и љубопитен избор на филмови. Покрај нив, сите преостанати кои имаат удел во образованието и во воспитувањето на децата, како што се семејството, медиумите, институциите, кинодистрибутерите и здруженијата, треба да се трудат ваквата способност да ја „вградат“ кај младите.

TEMA ZA DILEMA 04 Viktor sonuva da izgubi kadri 01f

– Сите овие субјекти треба да ги образоваат и за способноста за критичко гледање и анализирање. Таа треба да се однесува на гледање, консумирање или усвојување на која било содржина, не само филм или визуелна содржина. Училиштата, медиумите и здруженијата артикулирано и систематски треба да го искористат огромниот потенција на филмот и на аудиовизуелните содржини како помошно наставно средство во стекнување и пренесување на современи и здрави информации, знаења, ставови и вредности, односно свест и вештина за критички однос кон понудените содржини, со цел градење на активни граѓани кои критички го промислуваат своето место во општеството – наведува Николоска, додавајќи дека филмовите и другите вакви содржини треба да се користат на часовите, пред сѐ по општествените науки, јазиците и уметностите.

Од друга страна, кај оние ученици кои покажуваат особен интерес кон аудиовизуелната уметност образованието треба да им овозможи тие да се стекнат и со способност за користење на филмскиот јазик, односно на техничките ресурси за креирање подвижни слики, а тоа треба да го спроведе квалитетен, образован и професионален кадар од областа на филмската уметност.
Леон Ристов е четврта година во приватната гимназија „НОВА“, досега снимил околу 35 видеа и кратки филмови, а сега го снима неговиот краткометражен игран филм „Виктор сонува да изгуби“, на кој проект, вели, најмногу се гордее. Освоил осум меѓународни и државни награди и признанија. Самоук е, но се надградил на приватни курсеви.

– Не сум научил многу на училиште. Сметам дека тоа треба да биде почеста опција, можеби како изборен предмет – вели Ристов, додавајќи дека таму од оваа област имал еден изборен предмет „Филммејкинг“.
Почнал да снима од осум години, со камерата на неговиот татко, а за неговите први видеа ги „малтретирал“ сестра му и татко му, а потоа и другарите. Користел само негова опрема и тој, како што вели, бил единствениот што седел зад камерата во речиси сите негови филмови. Во „Виктор сонува да изгуби“, поради сериозноста на проектот ја користи опремата на неговиот ментор Дејан Џолев, додека, пак, камерата и објективите се на Дејан Димески.

– Во 2014 година го посетував курсот за филм и филмски актер, организиран од страна на „Џолев и уметностите“. Овде се запознав со двајца од моите сегашни ментори. Еден од нив е Теа Беговска, која ја водеше програмата и која многу ми помогна при развојот на сценариото за мојот нов филм „Виктор сонува да изгуби“. Вториот ментор е Џолев, кој е основач на студиото и ја организираше истата програма – раскажува средношколецот.

Филмското образование и во основните училишта

Покрај споменатиот проект „МакеДокс во училница“, од Здружението спроведуваат и низа други програми меѓу кои и „МакеДокс во кино“ наменета за основците. Со неа се опфатени учениците од четврто до деветто одделение и во нејзини рамки се организираат проекции на внимателно изразени документарни приказни раскажани за или од деца и млади. Досега, преку 75 филмови околу десет илјади деца имале можност да научат и да разговараат за кинокултурата, за документарните филмови, екологијата, демократијата и човековите права итн.

TEMA ZA DILEMA 04 Viktor sonuva da izgubi kadri 02fУште еден проект насловен како „Ние сме визуелни“, исто така, е наменет за деца и млади на возраст од 12 до 18 години. Станува збор за други 12 документарци кои треба да бидат дел од формалната и неформалната едукација на учениците. За програмата се обучуваат 120 наставници од основните училишта, како и дваесетина членови од граѓански здруженија.

„МакеДокс“ еднаш месечно организира и проекција на филмови во младинските клубови на Младинскиот образовен форум (МОФ), а на меѓународен план ова здружение е активно со регионалната школа „АКТив“. Станува збор за школа за креативен документарен филм која е наменета за младите од 12 до 25 години од Македонија, Босна и Херцеговина, Косово и Србија. На досегашните две изданија, како што велат, биле создадени 11 кратки документарни филмови.

Се одржа филмскиот фестивал за млади „Џифони“

На тема „Сказноверзиум“, од 21 до 26 октомври во Скопје се одржа четвртото издание на филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“. Во жирито на овој настан беа 500 деца и тинејџери на возраст од десет до осумнаесет години, а покрај учесниците од земјава имаше и од Италија, Хрватска, Србија, Романија, Грузија, Азербејџан, САД, Велика Британија и од Албанија.