d

The Point Newsletter

Sed ut perspiciatis unde omnis iste natus error.

Follow Point

Begin typing your search above and press return to search. Press Esc to cancel.
najkul profesor1

Најкул професор: Математиката му е пасија, а посветените ученици – мотивација

Математичарот што му води и на Леонардо ди Каприо со два спрема еден во добиени „оскари“ – е шегата која изминатиов месец пријателите ја испраќале на адресата на професорот Гоце Ангеловски.

Тој е професор во скопската гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“, а предава математичка анализа на два класа од природноматематичките смерови. Вели, статуетките кои „корчагинци“ секоја година им ги доделуваат на своите професори му се помили од какви било други оскари или признанија, бидејќи во работата на еден професор, најважно е учениците да бидат тие кои ја препознаат неговата посветеност и ќе му возвратат со иста мера.

– Да се биде професор не значи само да се биде добар предавач, туку и добар воспитувач. За добро менаџирање и водење на еден наставен час, потребна е и добра комуникација и високо развиена корелација помеѓу наставникот и ученикот. Мотивацијата е основната компонента за солидна повратна информација од страна на ученикот. Правилниот пристап на професорот кон учениците секогаш дава позитивни резултати – вели професорот Ангеловски, додавајќи дека е горд што е дел од наставничкиот кадар на „Корчагин“.

Неговите ученици годинава го избраа за најпосветен професор, а минатогодишните матуранти, пак, му ја доделија статуетката под која пишуваше „најамбициозен“.
Ова е негова втора година во скопската гимназија, а претходно пет години предавал во други средни училишта и во неколку приватни школи. Вели, речиси и да нема час кога не добивал „поплаки“ дека бара и задава премногу задачи, но она што го радува е дека учениците на крајот од денот ќе сфатат оти сите тие маки се исплателе.

najkul profesor3„Многу брзо сфативме дека ако ги решиме сите задачи пред време, веднаш ќе добиеме нови, а ако нема, за овој професор не е проблем и да измисли. Животното мото на професорот е додавање и одземање, па така и нам ни додаваше бонус задачи, а ни одземаше од одморот“, стои во посветата од овогодишните матуранти во „Корчагин“.

Во сличен стил била и онаа што минатата година му ја напишале учениците, кои велат оти до неговото доаѓање во нивната гимназија, не знаеле оти еден професор може да го сместат во многу категории.

„Понекогаш беше тешко, и да, се жалевме, но не можеме да ја опишеме нашата благодарност и почит кон овој човек, кому не му беше тешко да остане и девет часа во училиште. Секогаш насмеан и расположен да состави или да реши некоја задача“, велат неговите ученици.

За неговиот метод на работа, професорот вели дека предава и работи со учениците онака како што и самиот ја научил математиката. Предавање, објаснување на задачите, задавање домашни, решавање на табла. Тој за неговите „корчагинци“ направил и веб страница преку која и надвор од училиштето комуницира со нив. Таму им објавува задачи, збирки, домашни, но не заборава ниту да им ги честита празниците или да им посака убав и продуктивен распуст.

А.С.