Активирај се | Создадено од вас |

Некои ќе полнат батерии со спорт, други ќе бадијалчат пред телевизор

Марко Б., средношколец во трета година во Гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“, новогодишната ноќ ќе ја помине со друштво во едно скопско кафуле. Имал желба да слави и на друго место, вон градот, но тренинзите во ракометниот клуб го ограничуваат во намерата. Едноставно, мора да остане цел зимски распуст во Скопје и напорно да тренира.

-Нема зимски распуст за нас спортистите-вели тој.

Цените за забава на новогодишната ноќ се различни. Се движат од 800 до 1.000 денари во зависност од атрактивноста на локалот. Во цената влегува храна и пијалоци, во ограничени количини, а забавата трае од 10 часот вечерта на новогодишната ноќ до 4 часот наутро следниот ден.

Идентичен избор за прославата има и Марија Б., средношколка во Спортската академија. Ќе слави со друштво во некоја од дискотеките во градот, се’ уште не се договориле точно каде. Имале други планови, кои подразбирале евтини аранжмани, но сепак се изјаловиле.

-Имавме желба да ја прославиме новогодишната ноќ во Белград или во Банско, но едноставно задоцнивме со резервацијата. Најдовме промоции кои ветуваа добар провод за 50 евра од човек за две ноќевања од човек плус водич, но се’ беше букирано неколку недели пред Новата Година-раскажа Марија.

И таа зимскиот распуст ќе го помине тренирајќи ракомет. Идентично, како и нејзините другари и другарки од Спортската академија, кои, речиси сите се ангажирани некаде на спортски план. Останатите нејзини пријатели, вели таа, ќе останат дома и буквално времето ќе го поминат пред телевизор, освен малкумина кои ќе поминат некој викенд на скијање во некој македонски ски центар.

Зимување од неколку дена, половина родителска плата

Средношколците од Скопје немаат некој голем избор околу зимување, доколку родителите немаат подлабок џеб. Цените во Крушево и Маврово, за апартман се движат од 5, 10 до 20 евра од човек за ден, во зависност од атрактивноста и опременоста на собите. Тоа значи дека секој од нив, доколку сака да престојува некаде една недела, ќе мора да издвои просечно околу 70 евра за престој и уште толку за храна, значи околу 150 евра вклучително и за храна за цел ден, бидејќи во цената некаде не влегува ниту појадок.

Петар С., ученик во четврта година во Гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Скопје рече дека Новата Година ќе ја прослави со друштво во викендичка во околината на Скопје, во Марков Манастир или во Сопиште. Цената за една вечер изнесува околу 400 евра за целата куќа. Имале опција и за изнајмување на стан, за околу 150 евра, но сепак се одлучиле за поголема забава и повеќе луѓе на едно место, надвор од Скопје.

-Зимскиот распуст ќе го поминам во нашата куќа во Маврово. Ќе шетам на падините на Бистра, имам друштво, а и многу сакам да планинарам. Секако дека и ќе скијам, не секој ден, бидејќи тоа е скап спорт и скапа е дневната карта, но така некако ќе го поминам времето од 1 до 21 јануари, за време на распустот-рече Петар.

Со средношколците со кои разговаравме, многумина ќе се одлучат да заминат на Попова Шапка, во Маврово или Крушево, но само доколку некој пријател таму има сопствена куќа со повеќе легла. Тоа би им било добра опција, а и економична. Останатите средношколци, од градовите во Македонија, ќе заминат можеби во викендичките во околината на нивните градови, каде има планини.

Психолозите препорачуваат спортување или читање на книги за време на зимскиот распуст, креативност, бавење со хоби, повеќе дружење, културни активности, волонтерство, шетање, планинирање, со цел полнење на батериите, ослободување од стресот и подготвеност за новите предизвици во преостанатиот дел од школската година.

За средношколците се нудат различни попусти во текот на целата година, во најразлични сфери. Една од нив е културната. За време на зимскиот распуст би можеле да изберат различни активности, меѓу нив и посета во театар, музеј или некој културен центар, наместо бесцелно трошење на слободното време.

Бесплатна среда во музеи, театри, културни центри

Од Министерството за култура обезбедија информации за попустите во националните установи во нивна надлежност.

-Општо, сѐ уште важи одлуката на Владата за слободна и бесплатна посета во среда за средношколците, како и слободните четвртоци за студенти. Учениците и средношколците се легитимираат со книшка, студентска легитимација, индекс. Ова важи за музеите и театрите-појасни портпаролот на министерството, Петрит Сараќини.

На пример, во Театарот за деца и младинци во главниот град има бесплатни претстави за средношколците во среда, додека во Театар Комедија има секој ден попуст од 50 отсто за ученици и студенти, како и за лица до 29 години. Приходот од една претстава во месецот се донира за случаи на млади со ретки болести, или се донираат за некое училиште. Цената на билетите со попуст е 150 денари, рекоа од министерството.

И во Македонска опера и балет ја почитуваат одлуката на Владата за „бесплатна среда“ за средношколци, а исто и во Македонски народен театар, но само за продукцијата на театарот, не и за приватни копродукции или за ексклузивни . Во вторниците билетот е намален за 50 отсто и чини 150 денари за сите посетители. Слободен влез е за лица со посебни потреби, како и за деца без родители.
Билетите се бесплатни за средношколци и во средите во Драмски театар- Скопје, треба само се идентификуваат со месечен возен билет или со потврда од училиштето. За другите денови тие имаат попуст од 50 отсто.

Во Битола, во Народен театар, бесплатни се посетите во средите, додека во прилепскиот Центар за култура ,,Марко Цепенков” – Театар ,,Војдан Чернодрински” , во среда има попуст за средношколци.
Во Кинотека на Македонија, учениците и студентите (основно, средно и факултет) плаќаат 50 отсто од билетот што чини 50 денари, а во среда проекциите за средношколци се бесплатни. Во Природонаучниот музеј, покрај средношколската среда, цената на влезницата за младинци до 27 години е 50 отсто.

Од министерството за култура потенцираа дека нема ограничување дали привилегиите средношколците ги користат во текот на учебната година, или и за време на распустите.

Од друга страна, за средношколците постои и картичка за попусти од 249 денари на годишно ниво, дел од проектот „Да научиме“, и со која може да користат од 5 до 20 отсто попусти во разни локали за исхрана, спортски центри, кина, дискотеки, кафе барови, бутици, во текот на целата година.