Активирај се | Создадено од вас |

Неповторливо чувство да се биде дел од „Орце“

feat-img

„Ако повторно се запишувам во средно, изборот повторно би бил ‘Орце’“ – ова е најчестиот коментар на учениците кои завршиле во оваа гимназија, која е една од најстарите во земјава.

Тоа е училиште  кое  спојува многу генерации, многу случувања, многу ликови за паметење. Од 1945-тата  па сѐ до денес, „Орце“ е симбол на професионалност, авангарда, високи стандарди за учење, отворен дух и вклученост во сите средношколски општествени движења.

orce nikolov skopje2 330x200„Орце Николов“  не е само училиште. „Орце Николов“ е бренд, начин на  созревање и растење. Многуте државни и интернационални  награди, секогаш високиот успех на државната матура се потврда дека учениците на оваа гимназија се носат со предизвиците на новото време.

Средношколските проекти, билингвалните англиски и француски паралелки секоја година  оставаат интернационален белег во повеќе култури и земји, посебно во Франција, Англија, Германија, Италија, Словачка, Бугарија, Србија.

orce nikolov skopje3 330x200Гимназијата „ Орце Николов“  отсекогаш била спој на традицијата и новото, на модерното и авангардното, на актуелните тинејџерски трендови,  на учење на  трајни вредности, креативност и критичко размислување. Многу познати имиња, пејачи, актери, писатели, спортисти, јавни личности биле дел од историјата на училиштето. Меѓу нив, Милчо Манчевски,  Дејан Лилиќ, Камка Тоциновски, Ставре Џиков,  Бранко Огњановски, Зоран Јолевски, Борис Трајанов, Ивана Туфегџиќ и уште многу стари и нови ииња на македонската култура и општествен живот.

Тие се само потврда дека оваа гимназија е училиште за  лидери, креатори, инженери и хумани луѓе. Благодарение на професорите, на нивната непосредност, критички став, отвореност и стручност, гимназијата стана  училиште на нови образовни трендови и практики.

Овде заедно  се  гради иднината – дисциплинирано и во духот на слободата на умот. „Орце Николов“ навистина е вистинскиот избор!

Подготвиле:
Миа Илиевски и Јована Илиевска
ученички во гимназија „Орце Николов“ – Скопје