Активирај се | Создадено од вас |

Нико Нестор не пливаше за пари, туку од љубов кон својот народ

feat-img

Стружанецот Нико Нестор беше пливач, ватерполист, маратонец и сестран учесник на сите спортови во вода. Човек кој прв го преплива Охридското Езеро по неговата должина, а на 9 септември 1959 година и каналот Ла Манш. Воедно, тој бил и првиот учесник од овие краишта на трката Атлантик Сити – Њу Џерси која се одржала на американскиот континент. Меѓутоа цел живот останал аматерски спортист.

Niko Nestor 11

Нико Нестор е роден во Струга на 10 јуни 1934 година, а починат лани. Основното образование го завршува во Охрид, а средното во Фискултурната школа во 1955 година во Скопје.

Разговаравме со сопругата Зорица и синот Ромео. Неговата ќерка живее во Велика Британија.

Niko Nestor 1Медиум: Кога се роди љубовта кон пливањето кај Нико ?

Семејство Нестор: Уште како дете од 4-5 годишна возраст го привлекуваше водата, а почетоците ги направи во водите на прекрасната река Црн Дрим. Пливачката кариера ја започна во Охрид во далечната 1945-46 година. Во 1947 година, Пливачкиот Сојуз на тогашна Југославија, организирал едномесечен курс за инструктори по пливање и ватерполо, каде учествувал и Нико Нестор. Тогаш тренерот Винко Цветковиќ  го препознал неговиот неверојател талент.

По завршување на курсот, за прв пат се формира Македонска репрезентација во пливање и ватерполо и околу 15 репрезентативци заминуваат на државно првенство во Сплит.

Медиум: Кој беше неговиот прв пливачки успех ?

Семејство Нестор: Нико пливаше на повеќе стази на првенството во Сплит, но неговиот прв успех, кој е прв во историјата на македонското пливање, е пласманот на Македонец во финале кога го освои осмото место во Југославија. Тогаш Нико имаше 13 години.

Потоа, во 1948 година, на пионерското првенство во Охрид освои пет шампионски титули во слободен стил, а во различни дисциплини во слободен стил, ги поставил сите републички рекорди, кои долго време не биле соборени.

Медиум: Како дошло до идејата да се одржи првиот Охридски пливачки маратон во Охрид?

Семејство Нестор: Барајќи нови предизвици, Нико, заситен од пливањето во базен, посака да ја плива патеката Горица – Охрид. Раскажуваше, како тој ја предложил идејата, а заедно со неколку пливачи решиле да ја испливаат таа патека, во чест на празникот Илинден. Така на 2 август 1954 година се одржа првиот Охридски пливачки маратон во Охрид. Победник беше Нико Нестор, со време од 42 минути и 20 секунди. Овој маратон страна традиција и од тогаш па се’ до ден денес масовно се одржува, како интернационален маратон.

По победата на патеката Горица – Охрид, успесите почнале да се нижат на други патеки: Свети Стефан – Охрид, Пештани –Охрид и Свети. Наум – Охрид. Се јавила и желба за препливување на патека долга 33 километри, од Свети Наум до Струга, родното место на Нико. Со тоа станал прв пливач што официјално го преплива Охридското Езеро во неговата должина.

Niko Nestor 2Медиум: Како се решил за подвигот каков што е каналот Ла Манш?

Семејство Нестор:  Тоа беше негов сон. Препливувањето на патеката Свети Наум– Струга претставуваше генерална проба за препливување на најтешката патека во светот – каналот Ла Манш, од Кале, Франција до Довер, Англија.

На 9 септември 1959 година, на полноќ, на ртот Кап Грине, Франција, бил означен стартот од главниот судија. Учествувале Нико Нестор (Македонија – Југославија) во придружба на својот секундант Климент Заров, Мигуел Гонзалес (Мексико) и Рудолфо Родригез (Шпанија).

Медиум: Какви мисли му се движеле низ главата додека пливал?

Семејство Нестор: Мислите при пливање многу брзо се менуваат. На почетокот од трката, главно фокусот е на темпото и ритамот. Меѓутоа, како времето поминува, мислите добиваат друг тек и се прави една ретроспекција на животот и се анализира. Важно е да се напомене дека Нико пливал во многу студена вода, со големи струења од водата. На целта стасал по 12 часа и 6 минути.

Niko Nestor 3Медиум: Англиските медиуми го опишале како човек „од зад железната завеса“. Што значело тоа ? : Како влијаела популарноста на Нико?

Семејство Нестор: Во англискиот печат, Нико,  беше претставен како: „прв човек од комунистичките земји што го преплива Ла Манш“. Ако ја вброиме и Кина во комунистички земји, тоа значи дека од милијарда луѓе, нашиот Нико е прв човек што го преплива каналот Ламанш.

Нико беше доста скромен човек. Постигнатиот успех и популарноста беа од огромно значење за него, но никогаш не го променија како личност, затоа што тој веруваше во искреноста како главна одлика на секој човек.

Медиум: Каков бил пречекот во родната Струга, по еден таков историски подвиг?

Семејство Нестор: Беа дојдени луѓе од сите страни на Македонија да го видат и да му пожелат добредојде. Тоа беше кралски пречек, незапаметен. Народот, извикувајќи: “Нико, Нико,Нико !!! “ го крена на раце и до хотелот „Палас“ во Охрид го движеше низ шпалир на симпатизери.

Медиум: Зошто, и покрај безбројните домашни и меѓународни успеси, тој останал аматер, иако имал шанса да стане професионален пливач?

Семејство Нестор: Нико никогаш не пливаше за пари, љубовта кон спортот и кон пливањето не му го дозволуваа тоа. Тој гледаше на пливањето како активност која поинаку го гради и го развива човековиот дух. Тој пливаше за својот народ, а народот знаеше да го цени тоа.

Стефан Митиќ, СУГСГ „Орце Николов“ – Скопје