Активирај се | Создадено од вас |

Прилепски средношколци на обуки во Португалија, Грција и Холандија

Средношколци од прилепското училиште „Орде Чопела“ учествуваа на обуки за земјоделско претприемништво во Португалија, Грција и Холандија кои треба да ги поттикнат иницијативата и претприемништвото на учениците и да ги подобрат нивните можности за вработување и кариера.

Средношколци од ветеринарната струка беа во Португалија кадешто се запознаа со техниките на одгледување и лекување на животни преку предавања на инженери агрономи и практична настава во сточарска фарма. Ученици од насоката агроменаџмент заедно со претставници од уште четири стручни училишта од Свети Николе, Ресен, Скопје и Струмица учествуваа на студенскиот кампус на Американ скул фарм во Солун, Грција. Во Холандија, пак, средношколци ги осознаа со различни можности и технологии во хортикултурното производство. На обуките, средношколците разменија искуства со нивни врсници за струките кои ги изучуваат и се запознаа со најновите светски земјоделски технологии и нивната примена. Обуките беа организирани од страна на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, во рамки на програмата Еразмус плус преку проектот АГЕНТ (AGricultural ENtrepreneurship Training).

Елизабета Пирганоска, професор во ОСУ „Орде Чопела“ – Прилеп