Активирај се | Создадено од вас |

Професија на иднината: Пејзажен архитект

feat-img

Доколку имате смисла за убавина, естетика и детали, пејзажен архитект е идеална професија за вас. Тоа е работа со која се дизајнираат природните и изградените средина, од градски улици и паркови, училишта, зоолошки градини до национални паркови, а заради подобрување на функционалноста на просторот и визуелниот ефект.

Оваа професија ја препорачуваат од средното училиште „Ѓорче Петров“ во Кавадарци кадешто пејзажната архитектура се изучува на посебна насока. Од таму објаснуваат дека коренот на пејзажната архитектура е во разбирањето на животната средина и на функционирањето на секој град поединечно. Тоа е креативна професија која црпи знаења од природните науки, ја чува животната средина и ја разубавува.

„Пејзажната архитектура го обликува лицето на земјата, а исто така помага во формирањето на лицето на иднината и создава пејзаж на човечката мерка. Таа вклучува мултидисциплинарен дизајн врз основа на познавање на архитектурата, градежништвото, екологијата, транспортот, планирањето …  Ги анализира, планира, проектира и управува со природните и изградени површини, отворени јавни места, споменици и објекти.“, вели професорката Ратка Стојанова.

Таа додава дека оваа професија вклучува урбанистичко планирање и проектирање и претставува уметност на компонирање објекти, вегетација, вода и асфалтни површини.

„Ништо друго не може да ви пружи поголемо задоволство од создавање убавина која сите ќе ја видат. Соодветната  диплома ќе ви обезбеди одлична работа, а другите ќе ви завидуваат на вашата креативност.“, смета Стојанова.