Активирај се | Создадено од вас |

Саем за зелени работни места во гимназијата во Кичево

На тема „Соларна Македонија реалност или фикција“, кичевската гимназија „Мирко Милески“ организираше „Саем за зелени работни места и образование“. Предавање на темата одржа професорот на универзитетот МИТ од Скопје и Декан на факултетот за еколошки ресурси, д-р Илија Насов, додека можностите за студирање на зелени програми ги презентираа учесниците од седум земји од Европа.

-Целта е младите да се запознаат со потенцијалот за вработување и можностите за студирање во и надвор од Македонија, во области поврзани со одржлив развој и зелена Македонија. Воедно и да се зголеми свесноста кај младите за екологијата, да се дојде до поголема заштеда на енергија, но и да се дојде до почиста енергија. Обновливите извори во иднина ќе бидат доминантни во светот, ќе се отворат голем број работни места од оваа област, се со цел да се спречи глобалното затоплување на планетата Земја-рече професорот Насов.

На оваа тема, младинската еколошка организација „Гоу Грин“ е домаќин на меѓународен проект за климатски промени, наречен „Разбуди се и преземи акција за климата“. Во овој проект учествуваат 44 претставници од седум земји, меѓу кои и од Македонија.

Автор: Зоран Антовски, новинар на „Нова Македонија“