Активирај се | Создадено од вас |

Секој се мисли добар во својата струка, а не се знае што е глобално затоплување, каква брука!

feat-img

Целта на младите демонстранти од 125-те земји е властите да сфатат дека климатските промени се сериозна криза и оти сега имаат време само за да се намали катастрофата бидејќи во изминатите 40 години ниту еден политичар, без разлика какви му се партиските бои, не успеал во оваа војна.

„Секој се мисли добар во својата струка, а не се знае што е глобално затоплување, каква брука“, ова е една од пораките кои на 15 март, средношколци ја испратија до Владата. Пораката беше напишана на еден од транспарентите кои учениците ги носеа на протестот против климатските промени.

Средношколците и младите кои излегоа на протестот во Скопје беа само мало камче од мозаикот. Повеќе од 1,5 милиони ученици во 2.083 градови од 125 земји ширум светот, тој ден ги напуштија школските клупи и излегоа на глобален штрајк. Движењето го започна шведската тинејџерка Грета Тунберг. Шеснаесетгодишната Тунберг се стекна со светска слава како активистка во борбата против климатските промени, а благодарение на тоа, тројца норвешки пратеници ја номинираа и за Нобелова награда за мир.

Во акцијата која таа ја покрена, нејзините врсници од пред владината зграда во Скопје преку транспаренти ги прашаа властите: „Имате ли план?“. Тие гласно кажаа дека сакаат чист воздух и побараа „стоп“ за смогот и за јагленот.

„Соочени со целосната инертност и безидејност на нашата влада во однос на загадувањето, многумина од младите размислуваат едноставно да се отселат од оваа земја некаде каде што воздухот не е загаден до степен на канцер и каде што во почвата не циркулира преработениот токсичен отпад од депониите без никаква контрола. Но тоа не е излез! Во следните децении, нашиот проблем ќе стане проблем насекаде, затоа што незаинтересираноста на оние кои имаат моќ за било што друго освен зголемување на нивната моќ постои насекаде, не само во Македонија“, порачаа младите демонстранти во поканата кон останатите ученици да им се придружат. Протестот го поддржаа и десетина граѓански организации.

Младите побараа итни и ригорозни мерки за заштита на животната средина: максимални казни за најголемите загадувачи во индустријата; контрола на преработката на отпадот во депониите и негово безбедно складирање; воведување на сеопфатна еколошка транспортна инфраструктура итн.

Протести се одржаа во Франција, Германија, Италија, Белгија, Индија, Австралија, Јапонија, Јужна Кореја…

Едни од барања кои се најдоа на листите на македонските, но и на учениците од целиот свет беше итно преминување на обновливи избори на енергија и стоп на безмилосната сеча на шумските предели.

Во ученички крик кој одекна ширум светот, сите едногласно порачаа: „Ние немаме планета Б“, „Ни ја уништувате иднината“, Ако вие не се однесувате како возрасни, ќе мора ние“.

Целта на младите демонстранти од 125-те земји е властите да сфатат дека климатските промени се сериозна криза и оти сега имаат време само за да се намали катастрофата бидејќи во изминатите 40 години ниту еден политичар, без разлика какви му се партиските бои, не успеал во оваа војна.

Моќни пораки испрати и тинејџерката Грета.

– Ние сме пред егзистенцијална криза, најголемата криза со која човештвото се соочило, а сепак луѓето кои знаат за неа, ја игнирираат со децении. Одговорноста е ваша, не е наша. Ние сме младината, ние не придонесовме за оваа криза. Ние сме само родени во овој свет. И одеднаш пред нас има криза. Оваа криза во која ќе треба да живеат нашите деца и нивните деца, и не ја прифаќаме, и нема да ја дозволиме, затоа протестираме. Бидејќи сакаме иднина и ќе продолжиме со борбата – порача Грета.

За неа денот на глобалниот протест – 15 март, беше само уште еден во низата петоци бидејќи таа речиси една година, секој петок е пред шведскиот парламент, држи транспаренти со апел до властите да сторат нешто за да се спречи глобалното затоплување.

Протестот во март беше втор глобален протест по тој во јануари кога над 60.000 млади луѓе излегоа на улиците во Шведска, Германија, Белгија, Швајцарија и Италија. Се очекува ваквите протести да продолжат и во иднина.

Крикот на младите за справување со климатските промени не е единствениот кој го вклучува алармот. И научниците предупредуваат дека се потребни построги мерки со цел да се спречи гобалното затоплување.

Кога станува збор, пак, за тоа што го преземаат властите од кои всушност се бараат поригорозни мерки, во 2017 година, лидерите од речиси 200 земји со потпишување на Парискиот климатски договор се обврзаа дека ќе ја одржат температурата „значително под“ два степена Целзиусови над прединдустрискиот период и ќе овозможат растот на глобалната температура да се ограничи на максимални 1,5 степени.