Низ ходниците |

Образовен процес – чекор напред, два назад

feat-img

Славка Јанеска, професорка во општинското средно училиште „Св. Климент Охридски“ во Охрид

Образованието во Република Македонија е процес кој се гради речиси еден век. Прашањата се каде се наоѓа, колку напреднало сите овие години и на кое место се наоѓа истото во однос на другите европски образовни системи. И секако најзначајното, колкава е неговата функционалност и примена во 21 век.

Прашања многу, а одговори зошто е образованието такво какво што денес го имаме во нашата земја нема. Ако се обидеме да најдеме причини и последици за сѐ што се случува денес, голема е веројатноста дека од корен се направени погрешни чекори во градењето на образовниот процес кај нас. Денес имаме образование кое се темели повеќе на теорија, а помалку на практика, имаме пренатрупани наставни програми.

На пример, еден иден правник или филолог не е потребно да изучува математика со ист фонд на часови како еден информатичар или електроинженер. Исто така, еден иден математичар не би требало да изучува историја во обем како ученик кој ги одбрал општествените науки.

Друг проблем или пречка во образовниот процес во 21 век, век на Интернетот, е фактот што поголем дел од нашите училишта воопшто и го немаат.

Следејќи ги, на пример, образовните системи на скандинавските земји како Финска и Норвешка, можеме да заклучиме дека тие го имаат приматот на најдобри и најфункционални образовни системи не само во Европа туку и во светот. Прашањето е како, а одговорот е едноставен. Таму се гради образование кое пред сѐ е применливо, образование кое само 30 отсто е централизирано, односно нормирано со наставни програми, а преостанатото е приспособено според потребите на учениците. Секако, овде не може да се заборави и еден важен момент – финансиите, бидејќи колку вложуваш толку и добиваш. Но факт е дека ние сме многу посиромашна земја од Финска и тука можеби „лежи“ и поголем дел од проблемот.

Тука морам да го споменам и екстерното тестирање кое во развиените системи е репер за знаењето на ученикот. Тоа не служи за казнување или за наградување, тоа е само своевиден тип на статистика за тоа до каде е образованието и според добрите или лошите резултати се гледа како и каде во иднина ќе треба да се менува.

Сигурна сум дека има надеж за нашето образование, но само ако се случат промени за кои повеќе ќе се прашуваат учителите, оние кои секојдневно се со ученикот, а помалку оние кои се во канцелариите.

Сметам дека со мали промени можеме многу да добиеме, па така и нашите ученици во најскоро време да се најдат на врвот со најдобрите, зашто ние и можеме и имаме потенцијал.