Спортистите од Скопје „растурија“ во Нирнберг
Најдобрите спортски екипи од средните скопски училишта постигнаа одлични резултати на натпреварите во повеќе спортови во германски Нирнберг каде нашите средношколци се натпреваруваа со нивните врсници од овој збратимен град на Скопје.
Генералниот резултат кој го постигнаа скопските тимови е шест победи и еден пораз. Тие победија во машка и женска конкуренција во кошарка и во ракомет, женската екипа оствари победа во одбојка, а машката во футсал. Единствениот пораз го имаше женската екипа во футсал.
Покрај спортските натпревари, учениците од Скопје имаа можност да прошетаат низ Нирнберг и да ги посетат знаменитостите на градот, како и да се дружат во зоолошката градина.
Натпреварите на најдобрите спортски екипи од средните училишта од Скопје во Нирнберг се продолжение на праксата за организирање вакви натпреварувања, какви што во изминатите години се организираа во Истанбул, Ниш, Загреб, Љубљана, Софија и во Белград.