Средношколците знаат што е семејно насилство, но сите заедно треба да го спречиме
Околу 30 ученици во СОУ „Кочо Рацин“ во Велес дебатираа и ги кажаа своите мислења за семејното насилство на работилница која се организираше во рамките на програмата за Мировно образование.
Секоја трета жена во Македонија е жртва на семејно насилство, па оттука ваквите работилници се и тоа како потребни, порачаа учениците.
Средношколците на почетокот на работилницата на стикери ги запишаа и истакнаа нивните ставови за семејното насилство, а со дел од пораките се обидоа да ги мотивираат сограѓаните да го пријавуваат семејното насилство, додека со други јасно побараа поголем ангажман од надлежните. Учениците и дебатирааа на оваа тема, а како вовед во дебата беше презентацијата која им ја приредија средношколите од трета година, Сара Николова и Марија Богоевска. Заклучокот од дебатата, пак, беше дека учениците имаат формирано свој став за семејното насилство на кое гледаат како комплексен, општествен и социјален пробелем кој не засега сите. Некои од нив излегоа со јасен став дека колку е општеството одговорно за овој проблем, толку се одговорни и дел од институциите. Голем дел од учениците многу добро се запознаени и со Законот за превенција, спречување и заштита. По плодната дискусија тие се поделија во шест групи и секоја од нив потоа ги изнесе своите гледишта за одреден аспект на семејното насилство: физичкото; психичкото; сексуалното насилство; карактеристиките на жртвата; причините и последиците од семејното насилство.
Одговорни професорки за координација, кои се членови на тимот за Мировно образование, се Магдалена Сарагинова и Љубица Темелковска.
М.С.