Активирај се | Создадено од вас |

Средношколци – носители на промени

feat-img

Осум средношколски тима, кои во изминатите три месеци реализираа граѓански иницијативи и поттикнаа промени во своите заедници, ги споделија своите прикаски на настанот „Активирај се“, кој се одржа месецов во кино „Култура“.

Пред публика и жири комисија, се избраа најдобрите иницијативи, при што по гласањето од публиката и бодувањето од жири комисијата, првото место го поделија тимовите „МКЦдониа„ од Велес, составен од шестмина активисти и „Од големи за мали“ од Скопје кој пак броеше петмина.

Иницијативите со кои тимовите настапија беа различни: од стрип против дискриминација, веб портал за информирање на млади, културни дебати во основни училишта, родова еднаквост меѓу половите, обука против сајбер насилство на 40 средношколци, па се до победничките иницијативи на „МКЦдониа“ за отворање на културен дом за млади во Велес и креативна работилница за екологија на тимот „Од големи за мали“.

Како што објасни Симона Младеновска, асистент координатор од студентската организација „Излез“, „Активирај се!“ е настан кој е дел од проектот „Млади информирани, млади активирани!“.

Станува збор за партнерски проект на „Излез“, „ЗГ Младите Можат“, Асоцијација за здравствена едукација и истражување ХЕРА и Центар за меѓукултурен дијалог – ЦИД.

Проектот се спроведува во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го реализира Фондацијата Отворено Општество Македонија – ФООМ.

Во име на тимот на „МКЦдонија“ зборуваше Драгана Кичукова, активист и средношколка од гимназијата „Кочо Рацин“ од Велес.

-Нашата иницијатива цели кон отворање на младински културен центар во Велес, од типот на МКЦ во Скопје. Место каде младите ќе може лично да се експресионираат и дружат-рече Кичукова.

herojot od mojata ulica 3Во рамки на проектот и активностите кои траеја три месеци, таа со своите тимски колеги, имаа низа акции за подигање на свеста кај младите, но и надлежните власти околу нивната замисла-снимаа видеа со изјави на граѓани, музичари, поети, ученици. Отворија и ФБ страна „Велес сака МКЦ“, на која своите намери ги изразуваа преку статуси, фотографии, пораки и така некако ја развиваа индивидуалната и колективна свест.

Во рамки на иницијативата, подготвија и изведоа и претстава, која ја именуваа „Гужва“. Влезот во библиотеката „Бели мугри“ беше еден денар.

-„Гужва“ е симболично име за нашиот недостаток од простор. Ние шестмина, заедно со наши пријатели од Велес, во претставата глумиме поети, актери, уметници, креативци-раскажа таа.

Нивната намера не завршува со завршување на проектот и освојувањето на првото место, напротив веќе стапиле во контакт со градоначалникот на Велес, а ќе испратат и барање до Општината за отворање на младински културен центар во градот. Доколку локалната власт не им излезе во пресрет, имаат намера самите да изнајдат начини за крајна реализација на нивната замисла.

Креативните работилници за екологија на тимот „Од големи за мали“ се однесуваше на 3,5 месечни активности со кои беа опфатени вкупно 64 деца во Скопје, поточно 48 десетгодишни деца со типичен развој од три основни училишта и 16 деца-средношколци со попреченост од „Партение Зографски“.

Како што објасни Ивана Крстиќ, дел од тимот и средношколка од „Орце Николов“, проектот се одвивал преку дискусии, игри, визуелни претстави, се со цел подигање на свеста и позитивно влијание кај младите.

-Активностите по екологија опфатија часови три дена во неделата. Една средба траеше околу час и половина и се трудевме преку различни методи на децата и средношколците да им ја доближиме тематиката за екологија, да направиме чекор плус во нивната свест -рече Крстиќ.

Според асистент координаторот, Младеновска, проектот за учесниците е големо искуство од аспект на „учење преку работа”.

-Потребно е да направиме проблемот да биде виден, а не само да се зборува за него-потенцираше Младеновска, додавајќи дека сите иницијативи може да продолжат да живеат преку разни алатки, особено интернетот, во зависност од упорноста и самоиницијативното вложување на тимските активисти.