Активирај се | Создадено од вас |

Стотина средношколци учествуваа на Медиумскиот ден

Новинари кои постојано се во трка со времето за да ја пренесат информацијата на публиката, уредници кои се задолжени вестите да бидат „спакувани“ според сите професионални стандарди, растрчани техничари, камермани и сниматели.

Ваквата секојдневна атмосфера во новинарските редакции на медиумите имаа можност да ја почувствуваат стотина ученици од десет средни училишта во Македонија. Тие заедно со нивните професори беа дел од Медиумскиот ден кој го организира Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во рамките на проектот „Коалиција за медиумска писменост“, што го реализира со партнерство со дневниот весник „Нова Македонија“ и со Институтот за различности во медиумите од Лондон. Проект кој е финансиран од Европската Унија.

Средношколци од Скопје, Куманово, Битола, Виница, Штип и од Гевгелија посетија повеќе печатени и електронски медиуми во земјава како Телевизија 24 вести, Телевизија 21, Телевизија Тера, Канал плус Куманово, Нова Македонија, Радио МОФ и Телеграф.мк.

Идејата за организирањето на овој настан е младата публика да се запознае со улогата и функцијата на медиумите во едно општество, начинот на кој се создаваат вестите, новинарските стандарди и, уште поважно, кога истите се прекршени.

Новинарите и уредниците-домаќини успеаја преку примери да им го доловат сето тоа, им покажаа како работи една редакција, како изгледа работниот ден на новинарот итн.
„Новинарството е исклучително одговорна професија, оние кои се дел од неа треба да внимаваат на јазикот со кој се изразуваат, а не да „подгреваат“ судири. Да бидат објективни, а не пристрасни. Во нивните приказни да се слушнат сите засегнати страни, а не да се манипулира“, е сублимираната порака која на учениците им беше пренесена речиси од сите редакции.

Средношколците, пак, се интересираа како се одлучува со која информација ќе се отворат вестите или која сторија ќе биде на насловната страница на весникот, како се постигнува рамнотежа во известувањето, особено во периодот кога во тек беше предизборната кампања, што се случува кога соговорникот сака да биде анонимен или воопшто не одговара на новинарските прашања итн.

Техничката опрема, собите за монтирање на прилозите и студијата од кои се емитуваат вестите и емисиите исто така го привлекуваа вниманието на тинејџерите. Тие имаа можност и во живо да проследат како тече емитувањето на вестите.

„Знаевме дека тоа што го зборуваат спикерите пред камера е напишано негде, но не ни беше јасно како успеваат во исто време и да читаат и да гледаат во камерата“ беа дел од нивните коментари кога новинарите ги запознаа со т.н. „идиот“ на кој се појавува текстот што го читаат спикерите, а е монтиран кај објективот на камерите.

– Со развојот на технологијата и техничкиот развој на медиумите се менува улогата на публиката. Сите истражувања покажуваат дека младите гледачи ја избегнуваат телевизијата. Затоа овие средби во кои ги отвораме вратите за нив се суштински значајни за нас. Младите луѓе не се пасивни приматели на информации на социјалните медиуми, но се пасивни кога станува збор за телевизијата. Поради тоа, важно е да ги слушнеме како размислуваат. За мене како уредник ваквите средби се навистина драгоцени и инспиративни, би сакале да ги имаме почесто, а не само на Медиумскиот ден – изјави Стево Башуровски од битолската Телевизија Тера.

Во печатениот медиум, пак, преку пример средношколците видоа како технички се уредува една страница во весник, односно како се редат текстот, фотографиите и графиките.

– На нас вработените во првиот дневен весник во Република Македонија особено ни е драго што бевме домаќини на овој ден, а пред сѐ што сме едни од партнерите во проектот за Коалиција за медиумска писменост. Медиумската писменост, нејзиното негување и развој на сите нивоа е пред сѐ обврска и работа на медиумите. Токму поради ова ние како медиум влеговме во оваа благодарна мисија за општеството, граѓаните, државата – истакна Марјан Велевски, заменикот на главниот и одговорен уредник во „Нова Македонија“.
Заинтересираноста на учениците за време на посетите не беше ништо помала ниту во „глувата соба“ во радиото која, како што им беше објаснето, се вика така бидејќи ѕидовите се изолирани за да не се слушаат надворешните звуци кога се снима програмата. Седнаа и зад микрофонот и снимаа пробна емисија.

Фоторепортерите од онлајн-медиумите со нивните приказни како покриваат еден настан, како ги направиле најинтересните фотографии исто така беа дел од моментите кои оставија впечатоци кај младата публика.

По посетата во редакциите, учениците учествуваа и на интерактивното предавање „Кликни, провери“ со Дарко Булдиоски за стекнување вештини како да се препознаат лажните вести.

Училишта кои учествуваа:
– СУГС „Орце Николов“ – Скопје
– СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“ – Скопје
– СУГС „Георги Димитров“ – Скопје
– СУГС „Зеф Љуш Марку“ – Скопје
– СОУ „Ванчо Прке“ – Виница
– СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија
– СОУ „Славно Стојченов“ – Штип
– Гимназија „Јосип Броз Тито“ – Битола
– Државно средно музичко училиште – Битола
– СОУ „Перо Наков“ – Куманово