„Светилки на теслини бранови“ на беровските ученици презентирани пред нивните врсници

Светилки од иднината што не се поврзани со струјно коло, а може да светат и да продуцираат постојана светлина која преку бранови ќе се пренесува и на други светилки.
Ваква иновација создадоа учениците од средното училиште „Ацо Рускоски“ од Берово, која месецов беше презентирана пред средношколци и основци од неколку училишта во земјава во изложбениот центар „Матка“ на ЕВН.
Беровските ученици иновацијата ја нарекоа „Светилки на теслини бранови“ и истата беше наградена во рамките на повикот „Предизвик за млади истражувачи 2“ на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР).
Настанот на кој беше презентирана оваа иновација во изложбениот центар претставуваше интерактивна и едукативна посета со цел учениците од основните училишта „Свети Климент Охридски“ од Прилеп и „Дедо Иљо Малешевски“ од Берово, како и од скопските средни училишта ЕМУЦ „8 Септември“ и „Орце Николов“ да имаат можност да дознаат повеќе детали за воведувањето на електрична енергија во нашата земја, како и за искористувањето на различните видови енергија.