Активирај се | Создадено од вас |

Учениците од АСУЦ Боро Петрушевски учеа како склопуваа автобусите во фабриката на Ван Холл

feat-img

Како се монтираат, полираат, фарбаат, како се поправаат и какви видови на автобуси има. Ова се дел од работите кои ги гледаа учениците од Автосообраќајниот училишен центар „Боро Петрушевски“ (АСУЦ) од искусните мајстори и работници во фабриката Ван-Хоол во технолошко индустриската зона во скопската населба Илинден.

Поделени во четири групи и предводени од водачи од македонската фабрика на белгиската компанија ги разгледуваа халите и современите машини со помош на кои се составуваат автобуси. Гледаа и учеа, какви им се и како им функционираат моторите, па сѐ до тоа како се врши технички преглед и се подготвуваат возилата за продажба.

Учениците од четири паралелки од прва година од струката машински техничар на моторни возила ја посетија фабриката во декември во рамки на соработката на АСУЦ Боро Петрушевски со фабриката Ван – Хоол Македонија. Соработката потекнува уште од  2012 година, кога сопствениците на  компанијата од Белгија го посетија средното училиште за да се информираат за кадрите кои  се образуваат и кои би можеле да одговараат на нивните потреби.

Сите заеднички активности се проследени и со соодветни вработувања на завршени  ученици  во Ван – Хоол Македонија, а како најзначајна придобивка од соработката е формирањето на дуалната паралелка од смерот „Монтер на мотори и моторни возила“.

АСУЦ “Боро Петрушевски” е современ образовен центар за едукација на кадри од машинска, електротехничка и сообраќајна струка.  Учениците своите знаења и вештини кои денес се барани на пазарот на труд ги стекнуваат во современо  опремените училници, кабинети, работилници за практична настава  и реалните училишни компании.

 

Автор: Марко Ристоски I-6, АСУЦ „Боро Петрушевски”