Ученици во младинска акција исцртаа графити, садеа дрвја, опремија спортско игралиште
Повеќе од 200 ученици од средни училишта од Град Скопје се собраа да го разубават дворот на училиштето „Арсени Јовков“ со цртање мурали, садење растенија, поставување клупи и опремување на спортското игралиште.
На ѕидовите на училиштето тие цртаа графити со мотивациски пораки, ги обележуваа линиите на спортскиот терен и ставија голови со мрежи, поставија и клупи за рекреација за време на одморите, како и канти за отпадоци, а садеа и дрвја во училишниот двор.
Оваа младинска акција беше резултат на средбите на учениците во изминатите неколку месеци за тоа како да се подобри состојбата во нивните училишта. Средношколците од различни етнички заедници кои беа дел од овие активности се од четири училишта во Скопје: АСУЦ „Боро Петрушевски“, СЕПУГС „Арсени Јовков“, СГГУГС „Здравко Цветковски“ и СУГС „Браќа Миладиновци“.
Младинската акција, сметаат организаторите, придонесе кон уште поголемо зближување на младите од различни етнички заедници и продлабочување на меѓусебната соработка и со неа учениците ја истакнаа важноста на младинскиот активизам. Слични акции се најавуваат и во преостанатите три училишта.
Оваа активност е дел од проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција на младите во образованието, а беше спроведена со поддршка од Македонски центар за граѓанско образование, од Град Скопје и во соработка со Младинскиот образовен форум.