Учениците од „В.А.Дрен” и годинава ќе рециклираат
Претставници од СЕПУГС ,,Васил Антевски-Дрен”, минатиот месец, присуствуваа на вториот работен транснационален состанок на работната група за проектот ,,Got pollution ?!..Be the sollution…Recycle!…”, како дел од ,,Еразмус+” програмата за рециклирање и почиста животна средина. Вториот транснационален состанок се одржа во Брага, Португалија. Целта на состанокот беше разгледување на досегашните активности, спроведени во рамките на проектот, како и планирање на понатамошните чекори. Се разменија и искуства околу рециклирањето во шест училишта од исто толку европски земји.
Работните групи имаа можност да посетат две фабрики за селектирање на отпад и една за рециклирање и да се запознаат со нивната работа. Притоа, секое училиште имаше можност да презентира начини на работа со своите ученици околу подигнување на свеста за рециклирање и зачувување на животната средина. Во изминатиот период, во ,,В.А.Дрен”, беа организирани две работилници со ученици во однос на овој проект. Целта на проектот е да се разбуди свеста кај младата популација за секојдневните проблеми кои ги имаме со загадувањето на животната средина, главно од индустриското загадување и отпадот кој доаѓа од домаќинствата.