Учениците презентираа паметна табла, дрон за прецизно прскање и велосипед-полнач
Три иновативни проекти на ученички тимови од различни средни училишта низ Македонија беа претставени на настанот „Петок за млaди“ и цел месец беа изложени во Академијата за науките и уметностите.
Тимот од кавадаречката гимназија „Киро Спанџов Брко” ја презентираше интерактивната паметна табла која има за цел да се замени класичната школска табла со современа теххнологија на која ќе може да се пишува со „смарт“-покажувач, наместо со креда.
Иновацијата пак, на учениците од скопската гимназија „Георги Димитров” е дрон со којшто прскањето на шумите со пестициди го прави прецизно, наместо низ пошироки предели. На тој начин се заштитува екосистемот, особено пчелите кои најмногу страдаат од неконтролираната употреба на пестицидите.
На изложбата можеше да се види и како скопските гимназијалци од „Орце Николов” статичниот велосипед го опремиле со механизам кој преку ротирање на педалите може да ги полни батериите на мобилните телефони.
Проектите на младите иноватори се поддржани од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), а се презентираа на манифестацијата „Денови на ЦЕРН во Република Северна Македонија” со поддршка на Природно-математичкиот факултет при УКИМ и на МАНУ.