Активирај се | Создадено од вас |

Учениците сами ќе одлучуваат за матурска прослава, екскурзија и мирен собир

feat-img

На иницијатива на граѓанскиот сектор, до крај на оваа година, според оптимистичи прогнози, се очекува да се усвојат измени на Законот за средно образование за средношколско учество во процесот на одлучување во секое средно училиште, но и на регионално и национално ниво. Министерството за образование и наука (МОН) даде позитивни сигнали за иницијативата. На ред е разгледување на финалната верзија од предлозите, формирање на работни групи, по што законските измени би дошле на дневен ред во Собранието на Македонија.

Законското регулирање на оваа материја значи дека учениците од секој клас, со демократско гласање,  ќе може да избере свој претставник-претседател, кој, пред наставнички и родителски совети ќе ги застапува ученичките потреби, желби, интереси, како и да се спротистави на одлуките на возрасните, кои, не се во прилог на средношколците.

Иницијативата за предлог законските измени е на Коалицијата на младински организации СЕГА, како и на граѓанските организации Младински отворен форум (МОФ) и Првата детска амбасада „Меѓаши“.

tema za dilema zoran ilieski2 330x200Извршниот директор на „СЕГА“, Зоран Илиески, појасни дека имаат позитивни сигнали од Министерството за образование и наука, да се регулира детално средношколското учество и организирањето, да не биде како досега на неформално ниво и со добра волја на управите на училиштата. Иницијативата е стара шест години, но досега немало политичка волја за законско регулирање на оваа материја.

Според претставниците на Младинскиот образовен форум, законски регулирана материја ќе овозможи учество на учениците како главни чинители на ученичкиот живот во донесувањето на одлуки кои се однесуваат на нив.
tema za dilema martin trifunovski 330x200Мартин Лазаревски, програмски асистент во МОФ, во оние училишта каде што досега нема средношколско организирање, тоа ќе се воспостави по сила на закон. Онаму пак каде оваа форма на здружување постоела, истата би се зајакнала.
-Ќе се овозможи поголема реализација на правата на учениците активно да придонесат во образовните процеси во училишниот живот. Тука можеме да го споменеме квалитетот на наставата, комуникацијата наставник-ученик, начинот на нивното однесување, процесот на бирање на претседател на клас, дополнителни активности. Во работата на ученичките парламенти како дел од овие измени ќе учествуваат и наставниците со цел да се создаде соработка и доверба меѓу нив и учениците. Средношколското организирање се уште не е регулирано во закон, додека пак, со оваа промена се гарантира минимум стандард на средношколско организирање и учество-смета тој.

Друг пример, учениците нема да бидат само прашувани за прослава на  матурска вечер или екскурзија, напротив самите ќе учествуваат во сите тие процеси. Истото се однесува и за начинот на изведување на наставата, потоа за разни дополнителни активности, а и полесно остварување на нивните права во поглед на мирно организирање на собир, слободно изразување на мислења во поглед на прашањата кои ги засегаат.

Од Министерството за образование изјавија дека во моментот работат на предлог измените во Законот за средно образование во делот на средношколското учество и организирање.

-Во наредниот период се очекува да пристигнат предлозите до МОН, а и да бидат формирани работни групи во рамки на Министерството за образование и наука кои ќе работат на измените во Законот за средно образование, а во кои ќе биде разгледано и ова прашање-го пренесе ставот на министерството, Владимир Делов од одделението за односи со јавност.

Илиески потенцираше дека имаат поготвен предлог-текст, кој во изминатиот период го дале на дискусија пред учениците, наставниците и граѓанските организации. Тој процес заврши.
-Досега немаше слух од Министерството за законска регулација на средношколско учество и организирање. Лани, имавме предлог-препораки, доставени во Министерство и до пратениците во Собранието на Македонија, пред парламентарните избори, за да се иницираат промени, но ништо не се случи-објасни тој.

tema za dilema srednoskolci2 330x200Пред еден месец, во насока на придвижување на работите, иницијаторите имале активности, се сретнале со Народниот правобранител и пратеници и го дискутирале ова прашање. Ја барале поддршката од пратениците, при што сите со кои се сретнале, а биле од различни политички партии, се изјасниле позитивно. Предлагач на законските измени ќе биде или Министерство за правда или за образование.
-Нас ни е важно како иницијатори од граѓанскиот сектор, министерството да не вклучи во работните групи. Не се уште сме добиле покана. Според наши сознанија, формирање на работни групи би се случило по изборите, а законските измени, би се случиле до крај на годината, според светли прогнози-, посочија од Коалицијата „СЕГА“.

Иницијативата за средношколско учество започнала пред пет-шест години, како една од препораките на Комитетот на Обединетите нации, дадена на Република Македонија за подобрување на примената на Конвенцијата за правата на децата во државата. Според Илиески, пред Комитетот во Женава на ОН, каде е сместен, државите рапортираат на секои десет години. Македонија рапортирала пред десет години и една од препораките за подобрување на правата на децата било да се регулира учеството на децата во образованиот систем.

tema za dilema srednoskolci3 330x200Граѓанските организации, изминатата година, направиле низа консултации околу средношколското учество, вклучиле 300 наставници и 400 деца од цела Македонија. Базирано на тие наоди, на компаративна анализа на европските практики, потоа изработиле текст кој сега го застапуваат за промени на Законот за средно образование.
Во таа насока, граѓанските иницијатори, користеле дел од различни европски пракси, од државните каде има учество, вклучително она, кое, кај нас учениците го искажале како желба.
Формите се следни: Прво, учениците ќе учат демократија во училницата, да се воспостави избор на претставник или претседател на клас. Сега изборот не е регулиран, секое училиште го регулира со внатрешни акти, по своја желба.
Претходно, поради немање на законска форма за средношколско учество, Коалицијата „СЕГА“, повела иницијатива во десет града, во десет училишта, каде биле усвоени акти и правилници за избор на претседател на клас. Тоа се случило на граѓанска иницијатива и со добра волја на управата на училиштата.

-Возрасните декларативно се против ова, се плашат од вакво учество, ученици да бидат дел од процес на одлучување. И ова го знаеме од одлуките и дискусиите во училиштата-рече Илиески.

Поради тоа, структурата на учество, мора да ја обезбеди законски на сите нивоа. Да се гарантира нивниот избор-учениците да можат да се самоизберат на ниво на училници, на ниво на генерации, на училиште. И понатаму нивен претставник да учествува во формите на управување во училиштата, како што е наставничкиот совет и родителскиот совет. Па, дури и во училишниот одбор.