Активирај се | Создадено од вас |

Време на наставникот

feat-img

Секојдневен работен ден, завршува последниот час, а со тоа и работниот ден.

Потоа на кафе, пред одење дома со колегите, во блискиот локал каде често навраќаме. Седнуваме и ни приоѓа еден возрасен црнокос маж, со широка насмевка на неговото лице, всушност газдата на локалот.

Нарачуваме по едно кафе, а тој низ смеа стариот муабет ни го дофрла: „Ех учители! Помина вашето! Бела кошула, црни панталони… умни луѓе бевте некогаш, но помина и вашето!

Низ смеа со колегите си продолжуваме со секојдневни муабети од типот оперативен план, ИКТ, програми, планирања, писмени работи и слично.

На пат за дома ми се враќа муабетот од газдата на локалот. Си мислам, па во тоа имаше и вистина, но зошто никој не му одговори ништо? А она… време на наставникот?

Јас сум помлад и не паметам, значи имало ВРЕМЕ НА НАСТАВНИКОТ!

А она другото, некако повеќе ме навлече да размислувам, ни вели: „Помина вашето!

Кое наше? Нашето нели е и негово? Неговите деца, неговите внуци, нели се и тие дел од она што тој вели дека е „наше”?

Многу прашања почнаа да ми се вртат низ глава, но зошто не му одговорив?

Па да, ќе му оодговорам.

Не е поминато нашето и сите што така мислат треба да знаат дека не само што не е поминато, туку сега е моментот кога треба да почне, баш е сега погоден момент, но од каде да се почне?

Можеби од домот на оние како тебе, кои треба да поработат малку на воспитниот дел со своите деца, да ги научат да почитуваат, да се одговорни и да научат дека само со добро извршување на обврските и на задачите и оти со дисциплина и посветеност се постигнуваат резултати.

Не дека наставникот е цвеќе за мирисање, но што може еден наставник во еден ваков обезвреден образовен систем или време на „наставникот на  администрација” кој е потпрен на правилници за оценување, со електронски и класични дневнци, со лоши и избрзано донесени програми, со учебници полни со грешки граматички, учебници полни со дискриминирачки и стереотипни содржини, не баре живееме во XIX  век, а всушност во време на дигитализација и паметни телефони.

За учениците да не зборуваме каде се изгубени во цела оваа приказна, а тие треба да се  носители на фабулата во истата.

Треба да ни е јасно дека наставникот, најголем дел од својата енергија треба да ја насочи кон наставата и учениците. Да се минимизира административниот дел, наставникот да може во секој момент да побара помош од родителите и од сите кои се во можност да помогнат во мотивирање на учениците, за да учат, за да ги остварат своите поставени цели.

Особено наставникот треба да работи на градење добри луѓе, луѓе кои ќе чувствуваат и сочувствуваат, луѓе со морална одговорност кои ќе ја надминат и заменат потребата од материјално со духовното задоволство, кои ќе се почитуваат едни со други, свесни луѓе кои ќе бидат спремни за предизвиците во животот и на проблемите мотивирано ќе ги погледнат в очи, а такви луѓе ќе излезат од училишта во кои има поврзност и почит еден кон друг, училишта кои ќе асоцираат на сигурност, на топл дом, на разбирање и соработка, на споделување. Таквите училишта ќе помогнат да се создаде општество во кое секој ќе може да ги оствари своите соништа и луѓе кои иднината ќе ја гледаат во родната земја.

Џевит Мифтароски, професор по македонски јазик и литература во гимназијата “Здравко Чочковски”, Дебар