d

The Point Newsletter

Sed ut perspiciatis unde omnis iste natus error.

Follow Point

Begin typing your search above and press return to search. Press Esc to cancel.

Проекти

SHAPE

Институтот за комуникациски студии (ИКС) во партнерство со Македонското еколошко друштво (МЕД) од 2020-2022 година ќе го реализира проектот „Локална акција за подобри политики за заштита на животната средина“ кој има за цел да овозможи граѓанските организации и младите луѓе, да стекнат збир на вештини и знаења за заштита на јавниот интерес и животната средина во нивните заедници.

Двете организации ќе ги обучуваат еко-активистите и учениците од Пелагонија, Охрид, Струмица, Тиквеш, Демир Капија и Преспа како да иницираат и претстават одреден проблем во нивниот регион, а во чие решавање ќе ги вклучат граѓаните и институциите.

ИКС и МЕД преку конкурс ќе ги повикаат граѓанските организации да се здружат со едно средно училиште од регионите со заштитени подрачја и да предложат како да се реши локален проблем од областа на животна средина. Избраните организации и училишта ќе учат како да ги развијат комуникациските вештини, да истражуваат врз база на податоци, да застапуваат и лобираат. За да ги реализираат овие активности, граѓанските организации ќе добијат грант од 5.000 евра и менторска поддршка од професионалните тимови на ИКС и МЕД.

Проектот предвидува и изработка на онлајн едукативни ресурси, обуки, еко-камп, теренски истражувања, кои треба да придонесат кон создавање модел на неформално образование што и во иднина ќе може да се користи во случај кога се прекршува правото на здрава животна средина.

Проектот се реализира со финансиска поддршка на Европскиот инструмент за демократија и човекови права (ЕИДХР).

#BeMediActive

„Биди медиумски активен/на“ е името на заедничката иницијатива на ИКС и Делегацијата на Европската Унија за одбележување на Европската недела на медиумска писменост 2020 во земјава, а во која главниот збор го имаат младите. ИКС преку конкурс ги повика средношколците да се здружат во тимови и да предложат идеја за новинарска приказна што би ја реализирале со некој медиум. Пристигнаа 61 апликација од 27 средни училишта кои добиле поддршка од вкупно 30 медиуми. За избраните шест тимови (четири ученици, професор и новинар-ментор) ИКС обезбеди грантови од 400 евра за продукција на новинарските приказни, новинарски обуки и менторство од медиумите партнери кои ќе ги објават средношколските новинарски приказни.

Види повеќе за проектот тука.

Не игнорирај! Реагирај!


Институтот за комуникациски студии во 2019-2020 г. ја реализираше кампањата од јавен интерес за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ која имаше за цел да го зголеми притисокот врз јавните институции за поефикасно решавање на проблемите од животната средина, истовремено поттикнувајќи го граѓанскиот активизам. Преку различни активности, ИКС ги изложи проблемите со кои се соочуваме како заедница и ги насочи прашањата кон соодветните институции за решенија за подобар квалитет на живеење.

Кампањата „Не игнорирај! Реагирај!“, што ја поддржа Британската амбасада во Скопје, беше поделена на три теми: одржливи градови, здрава околина и климатски промени. Активностите се реализираа во соработка со факултети, средни училишта, невладини организации, граѓански иницијативи, експерти од различни области, креатори на јавно мислење и медиуми.

Младите беа дел од оваа кампања, вклучени преку различни активности:

  • Темата на средношколскиот конкурс Изрази се преку медиумите 2019 беше „Сакам да живеам во чиста околина“, на кој учениците можеа да аплицираат со едноминутни видеа и/или фото стории апелирајќи на промена во нивното опкружување за да живееме во чиста околина. Пристигнаа 46 апликации, групни и поединечни, од вкупно 24 училишта низ земјата. Првите 15 пријавени, добија награди и покана за учество на Медиумскиот еко-камп во Струмица.
  • Наградените средношколци на конкурсот „Изрази се преку медиумите“ ги претставија своите фотостории пред принцот Едвард од британското кралско семејство за време на посетата на Скопје во 2019 г., организирана од Британската амбасада во Скопје. Кампањата Не игнорирај! Реагирај! Преставена пред принцот Едвард
  • Новинарите од „Медиум“ известуваа за роденденот на англиската кралица

Младите новинари од „Медиум“ известуваа од прославата за роденденот на кралицата на Обединетото Кралство што на 13 јуни 2019 го организираше Британската амбасада во Македонија во Музејот на современа уметност во Скопје.

  • Традиционалниот Медиумски еко-камп 2019  беше во знакот на еко-новинарството. Најкреативните 20 ученици од конкурсот „Изрази се преку медиумите“ учествуваа на четиридневниот камп на кој учеа за заштитени подрачја, како се управува со нив, како се фотографира во природа и како се истражува кога се пишуваат новинарски теми од овие области.
  • Петтиот Медиумски ден 2019, ИКС го организираше како дел од оваа кампања. Над 140 ученици при посетите на 10-тина различни медиуми, разговараа за уредниците како се подготвуваат вестите и дали има интерес кај публиката за теми од екологијата. Денот заврши кај Претседателот на Р. С. Македонија, Стево Пендаровски кога средношколците го интервјуираа што прави тој во рамки на неговите надлежности за да живееме во поздрава животна средина.
  • Постери – Деведесет средни училишта во Македонија добија научни постери за влијанието на климатските промени врз биолошката разновидност во земјава, кои Институтот за комуникациски студии (ИКС) во соработка со ЗЕЛС ги изработија и поделија во рамките на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“.

Повеќе информации за кампањата „Не игнорирај! Реагирај!“ може да се најдат на www.reagiraj.mk. Кампањата се реализира како дел од проектот „Поддршка на добро владеење преку граѓанско учество за поголема транспарентност и отчетност на институциите“, кој е финансиран од Британската амбасада во Скопје.

Стоп дезинформации

ИКС е партнер во проектот Писменост за вести и дигитална писменост – Справување со лажните вести“, кој го спроведува Македонскиот институт за медиуми, заедно со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Институтот за различности во медиумите од Лондон. Главната цел на овој тригодишен  проект (2018-2020) што го финансира Европската Унија е да се унапреди писменоста за вести и дигиталната писменост кај граѓаните, граѓанските организации и новинарите во дигиталниот простор. Улогата на ИКС е да го сврти вниманието на корисниците на социјалните мрежи да стекнат знаења и вештини за препознавање дезинформации и неетичкото известување во медиумите и социјалните мрежи. Оваа неформална едукација ја реализира преку разни едукативни видеа, квизови, блогови, обуки.

Една од главните активности на ИКС во овој проект е организирањето на Неделата против лажни вести. Речиси во исто време со Глобалната недела за медиумска и информациска писменост на УНЕСКО, ИКС организира серија настани кои треба да ја подигнат свеста зошто е важно да знаеме како да ги читаме вестите и како да бидеме внимателни дигитални граѓани. Во овој период ИКС организира  обуки за пензионери, средношколци, активистки за родова рамноправност на жените, вебинари, дебата „Ај на кафе во живо“. Се емитуваат видеа од новинари кои споделуваат лично искуство за ненамерна грешка во својата работа, а граѓаните можат да го проверат своето знаење за препознавање непрофесионални вести преку 10тината квизови.

Активности на сите три партнери, ИКС ги ажурира на веб страницата www.stopdezinformacii.mk.

МАМИЛ

МАМИЛ (Media Literacy in an age of news overabundance: Macedonian Coalition for Media and Information Literacy) е проектот што Европската комисија го брои меѓу првите 10 најдобри проекти за медиумска писменост во 2019 и ИКС го презентираше во Брисел за време на Европската недела за медиумска писменост.

Овој  проект што Високата школа за новинарство и за односи со јавноста (сега ИКС) од 2016 до 2018 година го спроведе со дневниот весник „Нова Македонија“ и Институтот за различности во медиумите од Лондон, а финансиски поддржан од Европската Унија имаше за цел да ја промовира медиумската писменост кај граѓанскиот сектор, медиумите и младите.

Сите вести беа редовно објавувани на специјализираната веб страница за медиумска писменост www.medium.edu.mk.

Коалиција за медиумска писменост

Преку вмрежувањето на осум граѓански организации и осум медиуми во Македонија во Коалиција за медиумска писменост, успеа да докаже дека преку добро испланирана комуникација и користење на традиционалните и новите медиуми, граѓаните може да предизвикаат промена во општеството. Тоа го направија поборниците за правата на пациентите со ретки болести и родителите на децата со попречености кои иницираа промена на регулативата. Коалицијата за медиумска писменост по завршувањето на проектот се прелеа во Мрежата за медиумска писменост што ја основаше Агенцијата за аудио и аудио визуелни медиумски услуги во 2017 г.

Младите во МАМИЛ

Во текот на трите години средношколците беа клучната целна група на која различно ѝ се пристапуваше, ангажирајќи ги преку различни активности.

  • Ги вклучивме како новинари во средношколскиот весник „Медиум“, кој е месечно издание што излегува како подлисток во „Нова Македонија“
  • Организиравме 15 Медиумски лаборатории, што се интерактивни предавања за новинарството во средните училишта. Неколкучасовните работилници ги водеа предавачи од Високата школа и искусни новинари од весникот „Нова Македонија“;
  • Преку конкурсот за најдобар медиумски производ Изрази се преку медиумите“ ги повикавме средношколците да ни испратат медиумски содржини
  • Организиравме летен камп за медиумска писменост во Штип на кој учествуваа 30 ученици за четири дена успеаја да продуциираатТВ емисија и да направат фото стории.
  • Во рамки на МАМИЛ, го организиравме традиционалните Медиумски ден на кој 10-тина медиуми, вклучувајќи ја и Македонската телевизија, се домаќини на повеќе од 120 средношколци за да можат изворно се запознаат со работата на новинарите и функцијата на медиумите во општеството.

Види како изгледаше Медиумскиот ден 2018.

Едукација

Третиот сегмент на МАМИЛ е континуираната едукација за тоа зошто е битно критички да се перципираат медиумските содржини.

Преку петте видеа Медиана, со младата јутјуберка Изебела Пан, Високата школа/ИКС објасни пет аспекти на медиумската писменост: што е таа писменост, како да имаме одговорен и етички онлајн живот, да дознаеме за основите на новинарството, како да се справиме со лажните вести и како да бидеме ангажирана публика.

Во соработка со Институтот за различности во медиумите, Високата школа го направи Прирачникот за медиумска писменост за млади, за медиуми и за граѓански организации (достапен на македонски, албански и англиски јазик).

Преку овој проект, се спроведоа две мошне значајни истражувања во областа: во 2016-тата Високата школа ги мапираше практиките и поимањето на медиумската писменост во средното образование, во граѓанскиот сектор и медиумите, сублимирани во извештајот Медиумската писменост во Македонија: алката што недостасува за активно граѓанство. Две години подоцна Високата школа го покани Бирото за развој на образованието да се вклучи во анализата на медиумската писменост во основното образование и наодите од ова истражување, кое нуди и компаративна анализа на третманот на медиумската писменост во Словенија, се преточени во Медиумската писменост во Македонија: обид за имплементација во основното образование. Истражувањето е достапно на македонски, албански и англиски јазик.

За сите активности во МАМИЛ проектот за медиумска писменост, погледнете го 15 минутното видео.