Активирај се | Создадено од вас |

Кога поддршка се очекува, секој се повлекува: Македонските деца не се доволно наградени за своите таленти

feat-img

Неспорно е дека нашата земја изобилува со надарени деца кои секојдневно ги негуваат своите таленти и амбиции. Приказните за еден успешен училиштен хор, за една млада пливачка шампионка, за една идна природонаучничка, за еден надарен оратор и за тројца идни роботичари, одат кон прашањето – до каде ќе стасаат ако не добијат поголема поддршка од своите наставници, од образовниот систем и од државата?

150 медали, меѓународни признанија, дипломи од републички натпревари и пласман на светски олимпијади, сепак не го поттикнуваат македонскиот образовен систем да се ангажира повеќе за младите таленти кај нас. Родителите се огорчени од изговорите дека „законите им се така скроени“ и одбиваат нивните деца да бидат задоволени со едно сувопарно „браво“. Неправдите врз врвни хористи, идни програмери, дебатери и спортисти, едноставно, не можат да поминат премолчани.

Успехот не се темели на услови

Хорот од основното училиште „Кузман Јосифовски – Питу“, чиј водич, наставничката по музичко Вера Ангеловска, нè запозна со сите негови постигнувања, вежба на скалите на училишната зграда.

Паричната награда од Италија, изведбата во вилата на претседателот, па дури и настапот во Киев, не се доволни за да се обезбеди посебна просторија во училиштето, каде тие би можеле да се подготвуваат за претстојните приредби.

– Криво ми е што ги немаме доволно услови и што просторот е ограничен – вели Андреј Стојанов, директорот на „Кузман Јосифовски – Питу“.

Наставничката Ангеловска, пак, е уште потрогната од овој проблем, бидејќи смета дека самодовербата се развива токму преку хорската и оркестарската настава.

– Сите се восхитуваат, но кога треба поддршка од МОН, наставници или нешто финансиско, секој се повлекува – вели таа за Плусинфо.

Вера Ангеловска не заборава да спомене дека тие самите си купиле пијано, магнетна табла и инструменти, за кои државата не одвоила дел од својот буџет.

– Овие деца сакаат само поддршка, сакаат едно „браво“, да ги наградат со нешто – додава таа.

Од директорот на училиштето дознаваме дека проблемот со просториите не го засегнува само хорот, туку и фискултурците и учениците кои во програмата ја изучуваат информатиката, како и сите природни науки.

Ни 150 медали нема да го „пробијат“ законот

Отсуството на поддршка, освен во просториите на ова училиште, се јавува и во секојдневниот живот на ќерката на Ана В. од Скопје, која е петкратен пливачки државен шампион во категоријата млади кадети.

Родителите на младата пливачка конкурирале во Општина Карпош за стипендија, но ги одбиле, бидејќи ќерка им била – седмо одделение?! Дури ни 150 медали и 6 години тренирање не успеале да ги премислат општинарите. Општината доделува финансиска помош во висина од максимални 3.000 денари, но само на спортисти од осмо и деветто одделение.

Младата седмооделенка и пливачка шампионка е жртва на едно апсурдно и необјасниво решение во прописите.

– Ние, како родители, сè сами вложуваме, иако нашата ќерка, кога настапува во странство, го вее државното знаме, настапува под боите на Македонија – вели Ана В., лута поради овој исход.

Но, оваа пливачка не е единствениот ваков пример, а тоа го знаела и мајката на Дамјан Давков, деветооделенец од основното училиште „Ванчо Прке“ од Штип, кога неодамна кажа:

– Денес сме ние, утре истото ќе биде за друг ученик.

Нејзиниот син ја освои државната награда на натпреварот по математика за средношколци, но бидејќи самиот сè уште беше основец, државата одби да направи отстапка и соодветно да го награди.

– Што да правиме, законите им се така скроени – резигнирано вели мајката на младата пливачка шампионка.
Зарем сме стасале до молење?

Негативно искуство имала и Теодора, средношколка во „Орце Николов“, која уште од основно постојано учествува на натпревари по природните науки и разни литературни конкурси. Од разбирлив причини, таа не сака целосно да го открие својот идентитет.

– Според моите сеќавања, во основно имав добри наставници, но подоцна во средно се молев со професорите да ме пријават на натпревар – раскажува таа, додавајќи дека за нејзините професори натпреварите биле преголема обврска и непотребно малтретирање.

Желбата на Теодора да учествува на натпревар по биологија во прва година била брзо задушена од нејзината професорка, која одбила да помогне и понатаму ја насочила да се обрати кај некој друг. Но и покрај тоа што добила ментор, таа сепак сама се подготвувала за натпреварот.

Во втора година наишла на истиот проблем. Овој пат, за воопшто да се пријави, морала да го исконтактира педагогот на училиштето, па тој да преземе нешто и да го најде соодветниот професор кој ќе се нафати да и биде ментор.

– Но, повторно иста приказна, се подготвував сосема сама – се жали Теодора.
Поддршката доаѓа главно од доброволци

Соученикот на Теодора, Леонардо Змајшек од „Орце Николов“, кој беше прогласен за најдобар говорник на Националното дебатно првенство, тврди дека за повеќето свои интереси не познава професор на кој може да му се обрати.

– Вообичаено поддршката доаѓа од доброволци. Кога се слуша за моите успеси, често знаат да изразат честитки и гордост, но ретко да добијам конструктивна помош – вели Леонардо.

Фотографија од Леонардо Змајшек

Младиот оратор Леонардо Змајшек

Тој сепак силно верува дека проактивноста секогаш води до подобри резултати.

– Ни самите ние не знаеме колку и на кој начин би биле подобри во сè доколку повеќе се работи со нас, слушаме повеќе перспективи и повеќе луѓе се ангажираат и ја спојуваат својата енергија кон една општа цел – заклучува тој.
Нели од нив зависеше иднината?

Разговаравме и со тимот на Ebionyx, кој неодамна се прослави со победата на натпреварот Generation Unlimited, преку конструирање бионичка рака. Тие сметаат дека нивните професори пројавиле некое ниво на интерес.

Меѓутоа, тројцата млади иноватори, Орхан, Борис и Тео од „Јахја Кемал“ велат дека поддршката што ја добиле од институциите во Македонија била само медиумска, со исклучок на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), кој им одобрил грант за кој допрва треба да потпишат договор.

– Се надеваме дека останатите институции и органи во образовниот систем во иднина ќе го променат нивниот пристап кон ваквите амбициозни проекти со висок потенцијал – изјавува оваа талентирана група деца.

ПЛУСИНФО ЧЕКА ОДГОВОР ОД БИРОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ И РАЗВОЈ

Плусинфо испрати прашања до Бирото за развој на образованието за тоа на кој начин треба системски да се поддржат младите таленти во земјава. За жал, Бирото не ни одговори. Лето е и талентите од нашата јавна администрација веројатно се по одмори. Одмораат и талентираните основци и средношколци, собираат сили од септември да се борат за нови достигнувања, но и за помош од државата која засега за нив нема доволно разбирање.

 

Оваа содржина е изработена во рамки на проектот за медиумска писменост на УСАИД „Младите размислуваат“ кој го спроведува ИРЕКС во партнерство со Институтот за комуникациски студии, Македонскиот институт за медиуми и Младински образовен форум.

Автор: Емили Обочки

Текстот е првично објавен на Плусинфо.