Креативност

Иновативност

Оригиналност

Имагинација

 

Биди новинар за „Медиум“

Испрати ни го твојот текст на medium@medium.edu.mk и ние ќе го објавиме :)

Испрати

Јас мислам вака

Collective Intelligence ThinkingЕлектронска демократија, вистинска мас-медиумска револуција или медиумски простор окупиран со квази содржини. Во секој случај, тема за која треба да се зборува, да се сфати сериозно, да се дебатира. Како би можела јас на свои неполни 15 години да се вклучам во една сериозна дискусија за медиумите во нашава земја и нивното влијание во нашето општество?

Верувајте, може да зборувам со денови, бидејќи за среќа и со гордост кажувам дека не сум дел од КОЛЕКТИВНАТА СВЕСТ. Размислувам самостојно и се обидувам да ги прифатам вистинските вредности.

Прво, никогаш нема да заборавам кога еден ден, уште во второ одделение дојдов дома плачејќи, зошто моите другарки цело време се шегуваа со мене и ме задеваа бидејќи не сум ја знаела големата српска ТУРБО-ФОЛК ѕвезда, Цеца. Тогаш, но и сега, бомбардирани сме од музички правец кој никогаш нема да го разберам, а уште повеќе да го прифатам. Наидувам на телевизиски канали, портали и страници во весниците кои се преполни со кич-ѕвезди, голотија, ботоксирани усни...Но, ете, медиумите ја имаат таа моќ, сето тоа да ни го сервираат како најголема придобивка.

Тв-сериите, е за ова прашање навистина не би знаела од каде да почнам. турски и индиски сапуници, тотално неинвентивни, без никаква вредност, а згора на сè и надсинхронизирани. Сите се вљубени во главната хероина, а таа пак, бескрајно го сака сопругот на нејзината сестра. Со измами и уцени се постигнува целта. Целата содржина е трагична, но крајот секогаш завршува среќно. Ги има безброј, насловите секако не им ги знам, но народот просто ги проголтува. Си го поставувам прашањето, што може да се научи од нив? Телевизиите ги емитуваат во ударните термини, стои зелен круг-ЕМИСИИ НАМЕНЕТИ ЗА ЦЕЛАТА ПУБЛИКА. Кога е така, нив ги гледаат и децата. А, најмладата публика единствено што може да сфати од нив е дека целта ги оправдува средствата, па според тоа, киднапирањата, насилството, убиствата, сè е тоа оправдано.

Од информативните емисии, или популарно наречените вести може да се информираме за елементарните непогоди, бегалските кризи, воените жаришта, протестите на незадоволните работници. Слики на безредија, крвави масакри, глад, беда, болка насекаде. Но, овие вести следуваат во вториот дел од тв-дневниците. Нашите вести секогаш старуваат со активностите на нашите политичари и секако, барем во овој период, може да се изнаслушаме разни ветувања, бидејќи во тек се изборните кампањи. Како, јас, како тинејџер, која сè уште нема право на глас, може да верувам во подобро утре, кога нивните говори се предозирани со речникот на омразата. Сè што може да слушнам се само безмилосни обвинувања и навреди.

Најпарадоксално е што се изнагледавме кампањи за моќта на образованието и науката, а нема ниту една едукативна емисија. Каква научна содржина може да понуди реалното шоу Фарма или Големиот брат. И пак ќе речам, се даваат во ударни термини, а има и репризни емитувања во текот на денот, за оние кои ги пропуштиле.

Значи, може слободно да резимирам, ова е редоследот на нашите телевизиски канали: Утринска програма со тема од политиката, Турска серија, Вести, 2-3 репризни изданија на некоја друга Турска серија, попладневни вести, нови епизоди од Турска и Индиска серија, Главни Вести, Реално шоу, Вести...

На овој начин медиумите го креираат колективното мислење, но за жал со вакви содржини нема напред. За среќа, за моја голема среќа, живеам во 21 век и сум дел од Глобалната заедница. Затоа може да уживам во Discovery, National Geography, Da Vinci... Од овие канали научив каде се образувал Фројд, во кои институти се чува вирусот на Вариола Вера, како е вграден пластичен череп при 24 часовна операција на девојка во Амстердам, како оглувел Бетовен, кога Чајковски го создал Лебедовото Езеро или пак зошто генијалниот Ван Гог си го отсекол увото.

Можеби за КОЛЕКТИВНАТА СВЕСТ овие нешта се безначајни, но ЈАС, како единка, знам што се вистинските вредности.

Ања Буховски I-10
СУГС Гимн. „Јосип Броз Тито“

Оваа веб-страница е изработена со помош на Европската Унија во рамките на проектот Коалиција за медиумска писменост. За објавените содржини е одговорна Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

Адреса

ULICA
ул. Јуриј Гагарин 17-1/1
GRAD
1000, Скопје
WEB
Република Македонија

Контакт

БРОЈ
02 / 3090 004
МЕЈЛ
medium@medium.edu.mk