Креативност

Иновативност

Оригиналност

Имагинација

 

Биди новинар за „Медиум“

Испрати ни го твојот текст на medium@medium.edu.mk и ние ќе го објавиме :)

Испрати

Јас мислам вака

Тамара Ќупева, професорка во СУГС Гимназија „Орце Николов“

kupevaМедиумите стануваат доминатна форма на образование и воспитание на младите луѓе. Брзите и лесно достапни информации и содржини добиваат димензија на неформално образование во кое ученикот учи нови форми на културата, добива различни информации и создава слика за поинакви модели на однесување од оние со кои се среќава во пошироката општествена и културна заедница. Во отсуство на контрола и регулација на содржините според возраста, медиумите нудат програма која често пати ја опструира програмата на институционалното образование.

Медиумите се важен контекст во равојот на личноста на ученикот. Во личниот развој, детето учи од непосредните примери на однесување, почнувајќи од семејството. Кругот на влијание се проширува тогаш кога детето несвесно започнува да ги стекнува првите искуства со медиумите преку телевизиски анимирани филмови, музички цедеа, компјутерски игри. До тука, влијанието на медиумите е контролирано. Малите деца се идентификуваат со омилените детски ликови од цртаните филмови. Поради честите општествено присутни полови стереотипи и предрасуди, момчињата најчесто се поттикнуваат да гледаат „машки“ цртани филмови. Нивните јунаци се носители на моќ, силни и најчесто се победници. Кај девојчињата, пак, модели на идентификација се принцези и ликови кои афектираат нежност и убавина.

Во периодот на школските години, кога започнува одвојувањето на детето од семејството и ангажирањето во пошироката заедница на училиштето, детето станува дел од поширока медиумска публика. Ова е период кога кај детето почнуваат да се создаваат нови претстави за животот и нови модели и облици на однесување. Со влијание на училиштето, доколку се интензивира тенденцијата за мултикултурна основа на образование и воспитание на личноста на детето, во прифаќањето на поинаквите модели, децата стекнуваат претстави кои ги потиснуваат претставите од анимираните херои. Така, новите модели за идентификација можат да ги поништат старите „јунаци“. Новата филмска индустрија често пати нуди ликови кои ги разобличуваат стереотипните слики на детските јунаци. Машките ликови се носители на нежност, грижливост, изразена емотивност, а женските ликови прикажуваат поголема доминација и храброст. Бројот на таквите ликови е голем.

Во подоцнежните години влијанието на медиумите се проширува, затоа што се прошируваат интересите на децата, а уште повеќе се интензивира психо-социјалниот развој. Наследените модели и улоги се менуваат, како што се менуваат околностите во кои се равиваат децата. Адолесцентите создаваат нови идоли, најчесто од познати пејачи, актери, спортисти и сл. Идентификацијата го одредува нивниот каракер, нивните вкусови и однесувања. Тоа е период кога преку идолите и припадноста кон одредена идеја или идеолошка група го дефинираат своето „себе“. Голем дел од адолесцентите во подоцнежните развојни фази го напуштаат ова периодично „можно себе“ и го преобликуваат во новото, вистинско „себе“ кое се заокружува некаде кон крајот на адолесцентниот период.

Од истражувањата кои ги анализираат влијанијата на медиумските содржини e јасно дека најсилно влијание имаат содржините од забавен карактер. Тоа се доминантни содржини кои ги привлекуваат младите и кои најсилно влијаат врз пренесувањето нови модели на културата. Тие се поврзани со начинот на облекување, начинот на однесување, храната, музичките вкусови, стилови и сл. Највлијателни медиумски пораки до младите секако се мултимедијалните содржини.

Рекламите се најсилната медиумска алатка со која се влијае на свеста на идните генрации. Интересно е што рекламите, преку забава и информација, влијаат врз идентитетот на децата. Токму поради таа сигурна публика, рекламните спотови и содржини имаат најголема улога во „општественото контролирање“ на масите. Овие медиумски содржини „ги користат техниките на заведување, убедување и стереотипизација, продавајќи не производи, туку соништа и копнеж за среќа, љубов, убавина и семејство.“. Во оваа смисла, рекламата е најсилна пропаганда на 21 век, која суптилно ги анестезира примачите, давајќи решенија за сите недостатоци и потреби во вид на материјални нешта. Тоа, од друга страна, создава една глобална филозофија на потрошувачката, која ги уверува луѓето дека не може да се биде среќен надвор од светот на материјалните предмети. Генерално, рекламите имаат модел на наративна приказна. Постои главен лик, постои противник, позитивни и негативни емоции и постои спасител кој секогаш се идентификува со рекламираниот производ. Рекламите имаат своја скриена позадина, скриени вредности кои можат да бидат насочени кон разнишување на авторитетите или идентитетите. Несвесно, кај децата рекламите можат да стимулираат чувство на несигурност, страв, губење на самодовербата и сл. Тие чувства доаѓаат директно од засилената естетика на рекламните содржини: бисерни заби, раскошна коса, атлетско тело, совршена силуета или спротивните на нив: коса со првут, жолти заби, зголемена телесна тежина и сл. Од друга страна, влијанието на рекламните спотови врз децата се однесува на пренесувањето модели на стереотипизација на родовите и семејните улоги. Често пати, во содржините на рекламите можат да се забележат и вакви скриени негативни семејни, полови и други културни вредности.

Концептот на новиот образовен век треба да биде заснован на задачи за описменување на идните генерации за соочување со глобалната дигитална машина која го „краде“ не само личниот идентитет, туку и идентитетот на општествата и на пошироките заедници. Виртуализацијата на реалноста станува нова моќна сила која може лесно да управува со времето, настаните и масите, па дури и да стане нивни живот. Медиумската индустрија се заканува да направи лажна слика на човечката егзистенција, преку содржини и пораки кои целосно ја деформираат и ја реформираат актуелната стварна, егзистенција.

 

Оваа веб-страница е изработена со помош на Европската Унија во рамките на проектот Коалиција за медиумска писменост. За објавените содржини е одговорна Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

Адреса

ULICA
ул. Јуриј Гагарин 17-1/1
GRAD
1000, Скопје
WEB
Република Македонија

Контакт

БРОЈ
02 / 3090 004
МЕЈЛ
medium@medium.edu.mk