Креативност

Иновативност

Оригиналност

Имагинација

 

Биди новинар за „Медиум“

Испрати ни го твојот текст на medium@medium.edu.mk и ние ќе го објавиме :)

Испрати

Јас мислам вака

Илина Димовска, II-2, СОУ „Кочо Рацин“ - Велес

1-11Екстерно или екстремно? Да, тоа е компјутерското тестирање на средношколците на крајот на учебната година. Тестирање со кое се омаловажува цел професорски кадар, а воедно и сите средношколци. Како? На учениците им се дадени двесте прашања за учење по одреден предмет три дена пред да полагаат екстерно. За време на екстерното, учениците треба да одговорат на триесет прашања по случаен избор и точноста на одговорите на тие триесет прашања треба да биде мерило за знаењето на ученикот во текот на целата година.

Очигледно МОН смета дека компјутерски систем со случајно генерирани прашања може да го оцени ученикот подобро отколку професор кој цела година го следел ученикот и го проверувал неговото знаење. По истакнување на резултати од екстерното, кај оние предмети кај кои има разлика од две оцени помеѓу оцената на ученикот од екстерно и оцената на професорот за ученикот, професорот е казнет со намалување на платата за 15% месечно. Меѓутоа, не само писмените одговори се вклучени во оценката на еден ученик. Во оценката спаѓа и активноста на часот, усните одговори, редовност на час, домашни задачи, проекти и слично. Дали ова значи дека МОН ги омаловажува професорите? Професори со долгогодишно искуство, професори кои се посветиле и се уште се посветени на својата работа и се успешни во тоа.

Јас како средношколка сакам достојно образование, но екстерното тестирање ја прелива чашата. Не треба да дозволиме нашето знаење да биде оценето со тестови на среќа (триесет прашања со заокружување на кои можам да се снајдам со еци-пеци-пец), ниту пак да дозволиме квалитетот на нашите професори да биде оценет со истите тие тестови. Има многу дупки во целиот овој систем на оценување. Има професори т.е. тестатори кои строго забрануваат препишување, додека има тестатори кај кои се` е дозволено, па дури и тие им помогаат на учениците во решавање на тестот. Дали на овој начин оценувањето е фер? Дали е фер еден ученик да учел, да бил кај строг тестатор и да биде оценет со четворка, додека ученик кој не учел и бил кај тестатор кој дозволувал препишување да биде оценет со петка? Секако дека не е фер.

Не го пишувам ова само од личен аспект, го пишувам ова во име на поголемиот дел, ако не и сите средношколци. Во нашите очи, екстерното тестирање не е ништо повеќе од непотребна реформа спроведена не за доброто на сите кои се вклучени во образовниот процес на државава, туку за привлекување на внимание, отежнување на образовниот процес и влевање страв кај професорите, а и кај учениците. Доколку надлежните сакаат квалитетно образование, би сакала да им препорачам наместо да не тераат нас учениците да функционираме како роботи и да учиме напамет, нека воведат реформа со која ќе не мотивираат, ќе ја поттикнат нашата креативност, ќе ни ја зголемат желбата за добивање вистинско знаење, а не високи оценки. Бидејќи на крајот на денот, нивно беше мотото „Знаењето е сила, знаењето е моќ“.

Не, очигледно не е така. Бидејќи јас како средношколка можам да потврдам дека поголемиот дел од учениците учат за оценка. Учат кампањски и напамет. И кога ќе помислиме дека на крајот на учебната година не очекува екстерно, се создава напната атмосфера каде секој гледа што е можно повеќе да научи напамет. Тоа е тоа што треба да го елиминираме од нашиот образовен систем. Да се бориме за знаење и правилна едукација, а не очите да ни бидат вперени само во оценката.

Оваа веб-страница е изработена со помош на Европската Унија во рамките на проектот Коалиција за медиумска писменост. За објавените содржини е одговорна Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

Адреса

ULICA
ул. Јуриј Гагарин 17-1/1
GRAD
1000, Скопје
WEB
Република Македонија

Контакт

БРОЈ
02 / 3090 004
МЕЈЛ
medium@medium.edu.mk