Креативност

Иновативност

Оригиналност

Имагинација

 

Биди новинар за „Медиум“

Испрати ни го твојот текст на medium@medium.edu.mk и ние ќе го објавиме :)

Испрати

Јас мислам вака

Dzevit Miftarovski jas mislam vaka

Се обидувам со очи на обичен минувач да ја поминам улицата како и секогаш, без да размислувам за нештата, но не можам да ги излажам очите, посебно кога треба да избегнат, да не видат отсуство.

Да. Во Дебар веќе неколку дена го нема секојдневието, отсуствуваат навиките, а сè позабележливо е што предметите почнуваат да зборуваат. Страшно е кога предметите му го земаат местото на говорот. И веќе не е битен на кој јазик зборуваат.

Со заштитна маска и ракавици, возам кон маркетот во кој пазаруваме, но овој пат сам. Велам сам, бидејќи секогаш тоа го правиме со сопругата и ќерка ми и тоа го сметам еден вид дружење со семејството. Денес е сосема поинаку. Иако пазарен ден, пазарот пред маркетот празен. Како да ме подготвува за глетката што ме очекува во продавницата. Со несигурност влегувам во маркет каде уште во самиот влез се чувствува напнатост и немир, чувства кои лесно се читаат кај сите. Прв кој го препознав беше еден доктор, пријател кој беше исто со заштитна маска и ракавици. А во Дебар докторите се за пример на професијата. „Здраво“ си кажавме само со поглед. Си велам добро е што не е ќерка ми со мене, оти ќе ме прекореше пред сите. Маркетот е полн со пазарувачи. Речиси сите се со заштитни маски и ракавици, се почитуваат инструкциите. Сите тие се луѓе со кои се знаеме, но овој пат тоа не е битно. Молчешкум, сите отсутни погледи се вперени кон крајната цел - касата за наплата и завршување на мисијата наречена пазарување. По подолго чекање излегувам од маркетот со многу грижи, но и со мисла за услужните вработени во истиот. Мислата ми се префрли и кај докторот, па кај другите доктори, медицинските сестри, аптекарите, новинарите, полицајците...

Па нели и овие се луѓе... Тие не се плашат од заразата?

Па тие се ХЕРОИ!

Враќајќи се дома повторно истата грда слика. Празни маси и столици пред кафулињата со обесени катанци. Затворени фризерници, затворени слаткарници. Луѓе речиси да немаше, а и тие што излегле по нешто важно изгледаат стуткано, со мачнотија и тага која лесно се чита од нивните лица, поради стравот од немоќта. Ова ли е мојот Дебар?!

Се прибирам дома и се обидувам да се успокојам размислувајќи за минатото, за историјата и за ликовите со слични проблеми. И мислата ми отиде баш на последното, од сега веќе празните клупи во моето училиште, на Велика од "Пиреј" на Андреевски. Жената која ја води борбата со животот, оставена на милост и немилост и тоа во време на пустош, на безнадежност, на глад, но и на ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ, болести кои од раце ќе ѝ ги земат родените чеда и со истите свои раце ќе треба сама да ги погреба, без машка помош.

Najteskata lekcija ja ucime pokraj praznite ucenicki klupiАрхива на Институтот за комуникациски студии: Медиумска лабораторија во гимназијата во Дебар, окомври 2018

Велика издржува и ваква судбина, небаре е човек, родена да страда и тагува. Сето ова ѝ се случува во време на војна каде е и Јон, сопругот нејзин. Се враќа Јон од војната и ѝ ги бара децата, па ја обвинува и за БОЛЕСТА и за загубата, вели таа е одговорна... Не е но битно веќе....

И пак ми се јавува мислата, на реалноста и се штрекнувам. Еј, па ние сме во карантин. Не сме сами ко Велика. Си велам имаме препораки од оние кои си ја вршат работата. Ајде да учиме од грешките на Италијанците и другите земји во Европа поради недисциплина. Да ги оставиме докторите, сестрите, полицијата да си ја вршат работата како што и ја започнаа. Ние би можеле да бидеме уште поголеми херои од нив и тоа на најлесен начи: со седење и следење од дома на инструкции кои постојано ни ги даваат.

Ми текнува на учениците и ми доаѓа наплив да им кажам нешто важно. Мои драги ученици, иако не сме во училиште и го испуштаме наставниот план, ова е една голема лекција. И не само вие, ами сите заедно – и ученици, и наставници, директори, и баби и дедовци... сите ја учиме многу важната лекција. Учиме како да бидеме сплотени, да се почитуваме, да се погледнеме себеси и другиот до нас. Ова нема да трае вечно. Но, кога ќе заврши, сите ќе бидеме посилни. Трпението и времето се најголеми воини, вели големиот Толстој. Засега Дебар е одличен пример за тоа како треба.

Автор: Џевит Мифтароски, професор по македонски јазик и литература во гимназијата „28 Ноември“ во Дебар

Оваа веб-страница е изработена со помош на Европската Унија во рамките на проектот Коалиција за медиумска писменост. За објавените содржини е одговорна Високата школа за новинарство и за односи со јавноста и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

Адреса

ULICA
ул. Јуриј Гагарин 17-1/1
GRAD
1000, Скопје
WEB
Република Македонија

Контакт

БРОЈ
02 / 3090 004
МЕЈЛ
medium@medium.edu.mk