feat-img

Потребата од поголема застапеност на медиумски содржини во наставните програми во основните и средни училишта во последните години стана неминовност. Во Гевгелија веќе неколку месеци се реализираат активности поврзани со оваа тема.

Пет работилници за основите на новинарството се одржаа за учениците од основните училишта и средношколскиот центар во Гевгелија преку проектот „Јас=Медиум“. Проектот го реализира здружението „Од станица до граница“ од Гевгелија се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, која е финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Проектот „Јас=Медиум“ е кофинансиран од Општина Гевгелија.

Преку практични вежби и интеракции учениците имаа можност да се запознаат со основните поими на медиумската писменост – традиционалните и новите медиуми како неизбежен дел од секојдневието, но и што е вест, кои се карактеристиките на веста, разликите меѓу фактите и мислењето.

Учениците имаа можност да ја играат улогата на уредник и самите да одредат која вест е приоритетна за да се пласира во некој медиум, односно што повеќе би ги засегнало читателите или гледачите.

„На часовите многу малку се зборува за медиумската писменост, или можам да кажам дека воопшто не е застапена. Малку зборуваме за употребата на социјалните мрежи и нивното влијание врз нашиот развој, но сметам дека со работилниците што се предвидуваат да се реализираат преку овој проект ќе навлеземе малку повеќе во овој значаен дел од нашите животи“, ни изјави Никола Илиев, кој ја следеше првата работилница.

Ученичката Благица Ступар вели дека наставните програми во основните и средните училишта ја содржат темата за медиумската писменост, но тоа претежно се работи на часовите по животни вештини, „часовите се премалку за да се совладаат содржините што во денешно време се и повеќе од присутни во нашите животи“, додава таа.

Во наредниот период преку проектот „Јас =Медиум“ се предвидени работилници со психолози за позитивното, но и штетното влијание на социјалните медиуми, а за креативците кои сакаат да имаат повеќе познавања за медиумската писменост предвидена е неколкудневна филмска работилница со режисерката Марија Џиџева и театарска претстава во режија на професорката Даниела Џишева.

Проектот „Јас = Медиум“ на ЗГ „Од станица до граница“ од Гевгелија се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, која е финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Проектот „Јас=Медиум“ е кофинансиран од Општина Гевгелија.

Автор: Ѓорги Новаковски, ученик во СОУ „Јосиф Јосифовски“ Гевгелија