Младите го враќаат срцебиењето на Штип
Зошто да не се даде шанса на младиот ум да покаже какви вредности крие во себе? Ние сме оние кои ќе го развиваат општеството, ние сме оние кои ќе дадат нов облик и боја на денешната култура
Мојот град има богата и разновидна култура. Штип е познат по тоа што првата опера во Македонија е прикажана токму во овој град, тука се одржува најголемиот фестивал на забавна музика во Македонија „Макфест“, градот на почетокот на летото пулсира во итамот на „Штипското Културно Лето“, Домот на младите е организатор на џез-фестивалот „Астибо“, тука е и пастрмајлијадата како една од главните манифестации на градот посветена на нашиот специјалитет… И уште низа на настани кои со годините полека замираат.
Но, Штип за разлика од некои други градови може да се пофали со нови генерации. Со нив културата во градот почна да добива нов облик и да се подигнува на друго ниво. Сето тоа благодарение на активните млади кои неуморно се залагаат во секоја сфера. Последниве години, никнуваат различни организации и здруженија на млади, на чија иницијатива се развива свеста кај тинејџерите за културните настани во Штип и се пренесува идејата на помалите генерации.
Средношколецот од штипската гимназија, Дамјан Николовски е активен ди-џеј, организатор на многубројни музички настани. Тој вели дека штипјани имаат среќа бидејќи на локалната сцена се јавуваат нови уметници кои го враќаат значењето на дадената титула – ,,Штип -Град на културата”.
Само во моментов на локалната културна сцена делуваат неколку млади ентузијасти кои активно работат на одржување на оваа титула на градот, а посредно и на националното културно наследство, преку организирање настани кои промовираат музика, сликање и цртање, мода, литература, театар и филмска уметност.
,,Гледам да се вклучам во што е можно повеќе културни настани, па макар и како публика. За Штип честопати велат дека е град на културата, но на која култура? Културните настани има можеби 10 во годината и ништо повеќе. Тешко е да се биде дел од нешто кое го нема “, вели Даница Левкова, средношколска поетеса, рецитаторка и ораторка, која пак смета дека бројот на културни настани во градот мора да се зголеми.
Но, Дамјан Николовски смета дека за овој процес да расте, неопходно е поддршка од сите останати.
,,Секако дека младите го добиваат потребното внимание. Секој човек отворен за истражувања на локалната култура ќе сфати дека таа продолжува да трае и да ги одржува своите вредности. За жал, поддршката сè уште не е доволна за стабилно одржување на културните активности. Сепак, можеме да кажеме дека поставуваме темели за понатамошно проширување и развој на оваа модерна култура”, вели тој.
Oна што ги мотивира младите и мудри глави, не секогаш е паричниот надоместок. Најголем број се водени од амбицијата, а се потпираат на сопствени финансии. Главната цел им е забава и интеракција.
Тамара Коцева е гимназијалка, која врз основа на своите искуства како но учесничка во дебати, волонтерка и активистка смета дека голем проблем за младите е неинформираноста.
,,Во последно време имав прилика да запознаам голем број на амбициозни млади луѓе, ентузијасти, многумина од нив активни волонтери, кои постојано се во исчекување на некаков културен настан. Притоа, голем број од нив се соочуваат со проблемот со (не)информираноста. Многумина од нив располагаат со желба и посветеност, но не знаат каде треба да се обратат, како да се вклучат, како и каде да го искористат својот ентузијазам“, вели Тамара.
И после сето ова, прашањето е: Зошто да не се даде шанса на младиот ум да покаже какви вредности крие во себе? Ние сме оние кои ќе го развиваат општеството, ние сме оние кои ќе дадат нов облик и боја на денешната култура. Ние сме оние кои го враќаме срцебиењето на Штип.
Автор: Ангела Стојанова, ученичка во СОУ ,,Славчо Стојменски” Штип

Оваа веб-страница е изработена во рамките на проектот „Следење, откривање и разобличување на скриеното странско мешање и манипулирање со информации“, кој се реализира од Институтот за комуникациски студии. Проектот е финансиран од Владата на Обединетото Кралство, со поддршка на Британската амбасада во Скопје. Мислењата и ставовите наведени на оваа веб-страница не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската Влада.