Големите нафтени компании, индустријата за пластика и корпорациите кои користат пластична амбалажа со години ја префрлаат одговорноста за загадувањето кон потрошувачите иако се свесни дека рециклирањето пластика не функционира.
Митот за рециклирањето
Македонските граѓани што се родени во периодот кога Македонија беше дел од поранешна Југославија сигурно се сеќаваат дека во тоа време на рафтовите во маркетите немаше сокови, пиво и други пијалоци во пластични шишиња. Секој што пиел „Кока кола“ пред деведесетите години од минатиот век добро го памети дизајнот на стакленото еднолитарско шише за кое се плаќаше таканаречена кауција доколку при купувањето не се однесе празно шише.
Кауцијата беше цената што треба да се плати доколку не се практикува реупотреба на стаклената амбалажа. Тогаш, речиси во секој дом дисциплинирано се чуваа празни шишиња од „Кока кола“, но и од познатото пиво „Скопско“, од минералната вода „Пелистерка“ и од уште само неколку други пијалоци што беа достапни во Македонија, а за да се избегнат дополнителни давачки при секое купување.
Звукот од тропањето на празните шишиња во платнени торбички и во плетени кошници коишто се носеа при пазарување можеше да се чуе во секој маркет. Најлонски ќесиња речиси воопшто не се користеа, бидејќи беа релативно скапи и не беа доволно цврсти за да издржат поголема тежина.
Денес, „Кока кола“, „Скопско“, „Пелистерка“ и безброј други видови пијалоци од домашно производство и од увоз главно се продаваат во пластични шишиња. Користењето на пластичната амбалажа во различни индустрии зема замав, иако голем дел од светот е веќе освестен за штетите што врз природата ги предизвикува пластичниот отпад.
Алчноста за профит го загадува светот со пластика
На средината на минатиот век во светот се произведувале приближно 1,5 милиони тони пластика годишно. Денес, производството е зголемено на повеќе од 400 милиони тони, што е раст поголем од 20.000 проценти. Огромен дел од отпадот завршува на депониите и во океаните, се инфилтрира во екосистемите и кога ќе се распадне на микроскопски фрагменти, влегува во нашите тела. Здравствените последици се непознати.
Единствена причина за растот на употребата на платистиката е алчноста на големите корпорации кои не сакаат да се откажат од максималните профити што им ги обезбедува пластиката, која е поевтина од стаклената амбалажа и ги намалува трошоците за транспорт. Всушност, тие заедно со големите нафтени компании на кои производството на пластика им е еден од главните извори за приходи со децении ја префрлаат вината за загадувањето со пластика на крајните потрошувачи. Нивниот главен механизам е пропагандата чија главна порака е дека со рециклирање може да се реши проблемот со загадувањето од пластиката иако повеќе научни истражувања и практиката покажуваат дека тоа не е вистина.
Децата редовно се користат во кампањите за полезноста од рециклирањето пластика. Извор: Youtube/Derek Dahlsad
Тие трошат огромни средства за реклами и кампањи во кои справувањето со пластичниот отпад се прикажува како одговорност на граѓаните, а не на производителите. Во меѓувреме, процентот на рециклирање опаѓа. Според „Тајм“во 2021 година во САД биле рециклирани само шест проценти од вкупната количина пластичен отпад, што е намалување од девет проценти рециклирани во 2018 година.
Пластиката е „План Б“ на нафтената индустрија
Повеќе од 99 проценти од пластиката во светот се прави од фосилни горива.„Ексон Мобил“, компанија за нафта и гас која е на четврто место во светот според приходите е најголем светски производител на пластика. „Синопек“, најголемата светска компанија за нафта и гас е втор најголем производител на пластика во светот. Меѓу шесте најголеми светски производители на пластика се вбројуваат четирите најголеми светски компании за нафта и гас, се вели во публикацијата „Кампања на индустријата за фосилни горива за да не задржи зависни од пластика“.
Во очекување на намалувањето на побарувачката за фосилни горива поради транзицијата кон зелена енергија, донекаде е разбирливо што големите нафтени компании инвестираат стотици милијарди долари за да го прошират производството на пластика. За нив зголемувањето на производството на пластика претставува „План Б“ за спас на индустријата на фосилни горива.
Според Меѓународната агенција за енергетика, петрохемикалиите и првенствено пластиката ќе сочинуваат речиси половина од растот на светската побарувачка на нафта до 2050.
Партнерства за пропаганда
Од раните 1950-ти, корпорациите во континуитет го зголемуваа својот финансиски раст преку маркетинг на пластични производи за еднократна употреба. Меѓутоа, како што отпадот стана проблем, тие го реканализираа својот маркетинг во поддршка на програмите против фрлање отпад и рециклирање, промовирајќи ја одговорноста на потрошувачите за управување со отпадот без промена на динамиката поврзана со потрошувачката или производството на пластична амбалажа.
Во 1953 година, индустријата за пакување во САД заедно со доминантните компании за производи за широка потрошувачка, вклучувајќи ја и „Кока-кола“ ја формираат организацијата „Keep America Beautiful“. Во својата повеќедецениска историја оваа организација добива поддршка од повеќе претседатели и први дами на САД.
„Таа успева целосно да ја пренасочи дебата за проблемот со отпадот во Америка. Наместо фокусот да биде кон регулирање на производството и барања производителите да користат амбалажа за повеќекратна употреба, тој се префрла кон воведување парични казни и затвор за луѓето кои ќе бидат фатени како фрлаат отпад на несоодветно место“, се вели во публикацијата „Маркетинг, рециклирање и климатски промени: Можност“ .
Истовремено, оваа организација форсира маркетинг за позитивните ефекти од рециклирањето што доведува до воведување нови регулативи во некои делови од САД со кои тоа станува задолжително. Така чинот на рециклирање полека почнува да доминира кога е во прашање заштитата на животната средина и создава лажно чувство на полезност кај населението што го селектира отпадот бидејќи тоа не го решава проблемот со загадувањето.
Во 2014 година, во САД се основа и непрофитната организација „Партнерството за рециклирање“. Главни финансиери на организацијата се истите компании што обезбедуваат поддршка за „Keep America Beautiful“.
„Партнерството за рециклирање“ во 2019 година се пофали со резултати од анкета според кои 87 проценти од населението смета дека рециклирањето е важно. При тоа, оваа организација заборави да каже дека стапката на рециклиран отпад во САД никогаш не надминала 10 проценти.
Добро чувана тајна
Директорите на големите компании за фосилни горива одамна ја знаеле вистината за рециклирањето пластика. Во 2020 година, NPR откри внатрешни документи кои покажуваат дека корпорациите уште во седумдесетите години од минатиот век биле предупредени дека рециклирањето пластика никогаш не може да биде економски исплатливо.
„Ако јавноста мисли дека рециклирањето функционира, тогаш нема да биде толку загрижена за животната средина“, изјави тогаш за NPR, Лери Томас, поранешен претседател на Здружението на индустријата за пластика денес преименувано во Асоцијација на индустријата за пластика, која е една од најмоќните трговски групи во Вашингтон.
Нов век, нови лаги
Повеќе истражувања покажуваат дека рециклирањето на пластичниот отпад нема изгледи за успешна иднина, бидејќи е исклучително тежок за собирање, речиси е невозможно да се сортира, предизвикува негативни последици по животната средина кога се преработува и содржи токсични материи. Хартијата, картонот, металот и стаклото ги немаат овие проблеми и затоа се рециклираат со многу повисоки стапки.
Затоа, постојано се зголемува производството на нова пластика. Индустријата за пластична амбалажа преферира производство на нова пластика од нафта и гас, кои сè уште ги има во изобилство и се многу поевтини како суровини отколку рециклираниот отпад.
Голем проблем е и ризикот од токсичност. Во публикација на „Гринпис“ од минатата година се наведува дека рециклирана пластика од отпадот од домаќинствата не смее да се користи за производство на пакувања на храна на глобално ниво или во САД и веројатно никогаш нема да може да се користи. Исклучок се шишињата со пијалоци, но поради токсичноста на рециклираната пластиката се зголемува загриженоста и во овој сегмент. Во таа насока се констатациите и на канадската Влада која во извештај од 2021 година посочува дека ризиците од токсичност на рециклираната пластика забрануваат огромен дел од пластичните производи да се рециклираат во амбалажи и пакувања за храна.
Со игра на зборови до нова пропаганда
Чувствувајќи го зголемениот притисок од стручната јавност и од екологистите, нафтените компании и корпорациите кои произведуваат и употребуваат пластика денес ја менуваат реториката и во нивната пропаганда воведуваат нови термини како „напредно рециклирање“ и „циркуларна економија“ како решение за проблемот со пластичниот отпад. Всушност, процесите групирани под терминот „напредно“ или „хемиско“ рециклирање првенствено се користат за претворање на отпадната пластика во енергија или други хемикалии, а не повторно во пластика. Во публикација на Центарот за меѓународно еколошко право се констатира дека тоа нема никаква врска со рециклирање, туку е користење на пластичниот отпад како еден вид гориво или суровина која термички се обработува, што може да доведе до уште посериозни штети по здравјето на населението и животната средина.
Пет факти кои загадувачите со пластичен отпад не сакаат да се дознаат за хемиското рециклирање. Извор: Youtube/Changing markets foundation
Додека индустријата ги промовира овие технологии како различни од согорувањето бидејќи тие наводно се одвиваат во вакуумско запечатена средина без дополнителен кислород, студиите сè уште покажуваат дека капацитетите за „напредно рециклирање“ испуштаат опасни загадувачи на воздухот како диоксини, слични на оние што се ослободуваат од капацитетите за согорување.
Тоа е една од главните причини поради која земјите од Западот, како САД и повеќе држави од Европа проблемот со пластичниот отпад не го решаваа со рециклирање, туку преку извоз во Кина, Малезија и други земји каде тој претежно се согорува. Меѓутоа, Кина веќе ја затвори вратата за увоз на пластичен отпад, а овој чекор го следат и други земји.
Присвоени симболи
Здружението на индустријата за пластика во САД го адаптираше симболот на стрелките кои се бркаат, којшто е нашироко користен од еколошката заедница додавајќи бројки во неговиот центар за различни полимери кои би служеле како систем за кодирање за тоа која пластика може да се рециклира. Симболот беше успешно промовиран во сојузните држави во САД како подобро решение отколку воведување ограничувања и забрани за пластика или задолжителни стандарди за рециклирање.
Истрага за големата измама
Јавниот обвинител на Калифорнија Роб Бонта во април минатата година најави отворање истрага за улогата на компаниите од индустријата за фосилни горива и од петрохемиската индустрија во предизвикување и влошување на глобалната криза со загадувањето со пластика. При тоа, тој потенцира дека со децении овие индустрии агресивно го промовирале развојот на пластични производи на база на нафта и воделе кампања за да се минимизира разбирањето на јавноста за штетните последици од овие производи.
Според најавата, истрагата на јавниот обвинител ќе ги опфати историските и тековните напори на индустриите да ја измамат јавноста и ќе бара одговори на прашањата дали и до кој степен со овие дејства го прекршиле законот. Како дел од истрагата, јавниот обвинител побара од „Ексон Мобил“, главен извор на глобално загадување со пластика да даде информации поврзани со улогата на компанијата во измамата на јавноста.
„Во 1980-тите, по сликите од депониите преполни со пластика и широко распространетиот пластичен отпад, државните законодавни тела и локалните власти почнаа да размислуваат за ограничување или забрана за пластични производи. Како одговор, индустријата за пластика, водена од големите нафтени и петрохемиски компании, започна агресивна и измамничка маркетинг кампања за да ја убеди јавноста дека може да го рециклира својот пат за излез од проблемот со пластичниот отпад. Сепак, раководителите на големите компании за фосилни горива ја знаеја вистината“, соопштија тогаш од ЈО на Калифорнија.
Лоши прогнози
Според проекцијата на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) глобалната употреба на пластика и на отпад ќе се зголеми речиси тројно до 2060 година со благо зголемување на рециклирањето, што ќе резултира со двојно зголемување на глобалното загадување со пластика.
Пресметките на „Ролинг стоун“ покажуваат дека глобалното производство и согорување на пластика во моментов создава загадување со CO2 еднакво на 189 фабрики кои користат јаглен. До 2050 година, се очекува тоа да се зголеми повеќе од тројно и да биде еквивалент на загадувањето од 615 фабрики кои користат јаглен. Со тоа темпо, пластиката би зафатила околу 15 отсто од преостанатиот „јаглероден буџет“ во светот, или она што може да се испушти без да се премине прагот од 2 степени Целзиусови во порастот на глобалната температура за кој научниците предупредуваат дека може да предизвика катастрофа.
Очигледно е дека човештвото оди по жица кога се во прашање загадувањето и глобалното затоплување, но исто така и дека желбата за профит кај компаниите од нафтената и од петрохемиската индустрија е поголема отколку желбата за заштита на нашата планета и на населението. Не треба да се изземат од одговорност ниту големите корпорации кои на пластичната амбалажа гледаат како на дар од боговите. Една од нив е „Кока кола“ која изминативе месеци и во Македонија демонстрира загриженост за загадувањето со пластичен отпад промовирајќи капачиња кои не се одвојуваат од шишето. Доколку сакаше вистински промени на подобро оваа компанија одамна целосно ќе је вратеше стаклената амбалажа чие рециклирање е исплатливо и не предизвикува штетни последици по животната средина.
Оваа содржина ја подготви Институтот за комуникациски студии.
Користена литература и извори:
- Circular Claims Fall Flat Again
- Beyond Recycling Reckoning with Plastics in a Circular Economy
- Just zero Advanced recycling report
- Recycling Myth
- Planet Plastic
- Big Oil Sold the World on a Plastics Recycling Myth. It May Be Too Late to Undo the Damage
- How Big Oil Misled The Public Into Believing Plastic Would Be Recycled
- Marketing, recycling and climate change: An opportunity SuperVintageCinema
- Vintage news daily