Анализирај |

Како да користите вештачка интелегенција за новинарски приказни?

Живееме во дигитално време во кое вештачката интелигенција (ВИ) прави револуција во новинарството. Но, со големата моќ доаѓа и голема одговорност. Како вештачката интелигенција може етички да се користи во новинарството?

Една од најчестите примени е транскрипцијата на интервјуа или, пак, превод на други јазици во живо. Наместо новинарите со часови да ги преслушуваат и да ги пишуваат интервјуата што ги снимиле, со ВИ алатка тоа може да да се направи за само неколку секунди. Алатките како Otter или Trint заштедуваат часови или денови работа претворајќи ги аудио и видео фајловите во текст. Фајловите само треба да се постават на платформата и таа за кусо време генерира текстуална содржина од разговорите. Сепак, на крајот, не треба да се заборави да се направи проверка на материјалот што ќе се употреби во новинарските приказни.

Алатките како Chat GPT и Bard/Gemini овозможуваат брзо прегледување на илјадници документи и бази на податоци. Без нив, истражувањата како „Панама пејперс“ немаше да бидат возможни. Технологијата може брзо да анализира големи количини документи и да идентификува клучни теми, луѓе, организации, локации и врските меѓу нив. Алгоритмите се одлични и во препознавање на аномалии во податоците. Но, и овде клучни се новинарите кои треба да направат финална проверка на фактите.

Алгоритимите помагаат и да се прилагоди содржината на одредена публика. Со анализа на податоците од публиката, тие соодветно го прилагодуваат тонот и стилот.

Овие алатки, исто така, предлагаат резимеа, наслови, подналови или мета описи за ефективна промоција на различните платформи, максимизирајќи го влијанието и досегот на новинарскиот продукт.

За подобро визуелно прикажување на приказните може да се користат и синтетички медиуми како видеа или фотографии генерирани со алатки како Midjourney, DALL-E или Sora. Сепак, ова треба да се прави само во екстремни случаи. На пример, ако се прави приказна во која употребата на реални фотографии или видеа може да ги загрозат правата и безбедноста на децата, тогаш може да се користи синтетичка содржина. Доколку се пишува за историски настани или се прави рецензија на книга, тогаш исто така може текстот да се збогати со фотографии или видеа креирани со ВИ.  

Но, што е етички, а што не при употребата на вештачката интелигенција за новинарски приказни?

Доколку без надзор се користат ресурси за креирање и дистрибуирање на новинарска содржина, постои опасност од ширење дезинформации, говор на омраза, прекршување на авторски права и злоупотреба на податоци. Затоа вештачката интелигенција секогаш треба да биде под надзор на соодветни луѓе во редакцијата.

Не е етички доколку за приказните како автор биде наведен друг новинар во редакцијата. Тие треба јасно да бидат означени дека се креирани од вештачка интелигенција. Истото се однесува за видеата и фотографиите. И за нив мора да се наведе дека станува збор за синтетичка содржина.

Токму затоа „Репортери без граници“ ја создадоа Иницијативата за доверба во новинарството, алатка која помага да се креира соодветна уредувачка политика за употребата на вештачката интелигенција. За усогласеност со овој механизам, редакцијата треба да се осигура дека публиката е свесна кога содржината е креирана со вештачка интелигенција. Затоа што транспарентноста е клучна за да ја добиете довербата од публиката.