Преку пропаганда ни се сервира нездрава храна

Дебелината на населението во светот достигна епидемиски размери. Светската здравствена организација проценува дека до 2030 година над една милијарда лица на глобално ниво ќе имаат прекумерна тежина, што носи ризик за зголемување на смртноста од срцеви заболувања, од дијабетес и од други незаразни болести. Една од главните причините за ваквиот тренд е влијанието на пропагандата на компаниите од прехранбената индустрија кои преку различни канали свесно шират лаги за нивните производи, а со цел да ја зголемат заработката.

Големата тајна за шеќерот

Уште во минатиот век, во годините по Втората светска војна на површина почнале да излегуваат медицински истражувања кои докажуваат дека честата употреба на шеќер во исхраната може да предизвика несакани последици по човечкото здравје, односно да придонесе за појава на кардиоваскуларни болести, канцер и други заболувања.

Многу години подоцна, во 2016 година весникот „Гардијан“ објави сторија која открива дека таканареченото „шеќерно лоби“, претставувано од компании чии производи се базираат на шеќер плаќало реномирани научници да прават истражувања во кои се минимизира улогата на шеќерот во срцевите заболувања.

Шеќер - нездрава храна
Сторијата објавена во „Гардијан“ открива подмолно користење на науката за бизнис цели

До ова откритие дошле научници од Универзитетот во Сан Франциско кои по проверка на документите на Фондацијата за истражување на шеќер (SRF), денес позната како „Здружение за шеќер“ воочиле дека во 1967 година оваа организација им платила 50.000 долари на тројца научници од Харвард да направат истражување во кое се занемарува улогата на шеќерот кај срцеви заболувања. Според документите објавени на JAMA Internal Medicine, научниците во тоа истражување решиле да ги промовираат маснотиите во исхраната како причина за коронарни срцеви болести наместо шеќерот, иако биле свесни за штетните здравствени ефекти од засладувањето.

Нов век, иста тактика

„Њујорк тајмс“ во 2015 година објави истражување во кое открива дека „Кока-Кола“, најголемиот светски производител на засладени пијалоци поддржала ново „научно“ решение за кризата со дебелината кое наведува дека за одржување на здрава тежина се потребни повеќе физички вежби.

Гигантот од индустријата за пијалоци се здружил со влијателни научници кои имале задача да ја промовираат  оваа порака во медицинските списанија, на конференции и преку социјалните медиуми. За да им помогне на научниците, „Кока-Кола“ обезбедила финансиска и логистичка поддршка на новата непрофитна организација наречена „Мрежа за глобална енергетска рамнотежа“, која го промовира аргументот дека Американците кои се свесни за тежината се премногу фиксирани на тоа колку јадат и пијат додека не посветуваат доволно внимание на вежбањето.

Колку шеќер има во Кока кола - коцки шеќер наредени под различна големина на шишиња
Кока-Кола со години си ја брка мувата од капата за штетното влијание на нејзините пијалоци/ Извор: ERA /Фотограф: Andrew Hoang

Според здравствените експерти оваа порака е погрешна и станува збор за очигледен обид на „Кока-Кола“ да ги отфрли критиките за улогата на засладените пијалоци во ширењето на дебелината и дијабетесот тип 2. Тие тврдат дека компанијата сакала да ја искористи оваа група за да ја убеди јавноста дека физичката активност може да биде надомест за лошата исхрана и покрај доказите дека вежбањето има само минимално влијание врз тежината во споредба со она што луѓето го конзумираат.

Подоцна, како одговор на барањата засновани на државните закони за отворена евиденција, два универзитети во кои работат некои од водачите на „Мрежата за глобална енергетска рамнотежа“ откриле дека „Кока-Кола“ донирала 1,5 милиони американски долари за основање на организацијата.

Пропагандни екстреми

Во трката за профит прехранбените компании се подготвени лажно да ја рекламираат хранливата вредност на нивните производи, додека вистинската „вредност“ е речиси секогаш скриена во мал текст. Во маркетиншките пораки доминираат фразите како „здрава храна“, „висока нутритивна вредност“, „природен извор на витамини“ и слично, иако тоа е далеку од вистината.

„Curious Matrix“ пишува дека во последните десетина години гледаме дека многу вештачки производи се продаваат како здрава замена за храната. Поради тоа, се намалува потрошувачката на месо и се зголемува конзумацијата на растителна храна. Иако нема ништо лошо во храната од растително потекло, пропагандата во оваа насока е толку силна во последно време што неизбежно отвора дилеми.

Во написот се додава дека многу млади урбани мажи и жени сега одлучуваат за диета базирана на растенија најмногу затоа што се наведени да веруваат дека ја спасуваат планетата со намалување на CO2 и дека ги спасуваат животните, што е дискутабилно според повеќе истражувања. Дополнително, иако растителните производи се здрави за луѓето, некои луѓе имаат здравствени предизвици кога користат само вегански производи, што значи дека тие производи не треба да се туркаат на софрите на луѓето под закрила на пропагандата која тврди дека тоа е најздрав начин на живот за секого.

Чудни партнерства

„Њујорк пост“ во 2018 година објави дека „Кока-Кола“ инвестирала повеќе од 6 милиони долари во извештајот наречен „Меѓународна студија за детска дебелина, начин на живот и животна средина“. За ова истражување биле следени 6.000 деца, почнувајќи од 2010 година. Истражувачите ја следеле нивната физичка активност, спиењето, ТВ навиките и исхраната.

„Истражувачите не бараа корелација помеѓу содата и дебелината, па затоа и не открија. Наместо тоа, тие открија дека најважните корелации на дебелината се недостатокот од сон, слабата физичка активност и честото гледање телевизија“, пишува „Њујорк пост“.

По ваквите написи, „Кока-Кола“ објави дека од 2010 до 2017 година, потрошила 140 милиони долари за финансирање истражувања и партнерства. Некои од партнерствата се вознемирувачки ако се земе предвид дека од 2010 до 2015 година, „Кока-Кола“ донирала 2,9 милиони долари на Американската академија за педијатрија и 3,5 милиони долари на Американската академија за семејни лекари.

„Њујорк пост“ го пренесува ставот на Марион Нестле, нутриционистка и професорка по јавно здравје на Универзитетот во Њујорк, која вели дека тоа се организации „од кои би се очекувало да советуваат избегнување на засладени пијалоци“.

„Денес, речиси е невозможно да се остане во чекор со опсегот на прехранбени компании кои спонзорираат истражување – од производители на преработена храна, пијалоци и додатоци до производители на млечна храна, месо, овошје и јаткасти плодови – што вообичаено дава резултати поволни за интересите на спонзорот“, вели Нестле.

Како да им се верува на научни истражувања финансирани од прехранбени компании?/Извор: Prezi

Според неа, спонзорство од компанија за храна, без разлика дали е намерно манипулативно или не, ја поткопува довербата на јавноста во науката за исхрана, придонесува за конфузија на јавноста околу тоа што да се јаде и ги компромитира упатствата за исхрана на начини кои не се во најдобар интерес за јавното здравје.

„Секогаш кога ќе видам студија која сугерира дека една храна (како свинско месо, овес, круши), шема на исхрана (појадок) или производ (говедско месо, диетални газирани сокови, чоколадо) го подобрува здравјето, барам да видам кој платил за тоаж“, пишува Нестле.

Најмладите на удар

 

Рекламирањето на храната има за цел да допре до широк опсег на луѓе и возрасни нивоа преку различни извори и платформи. Рекламите лесно можат да го поколебаат изборот на храна, особено кај адолесцентите и помалите деца.

Според Центарот за исхрана во училиштата при Универзитетот во Калифорнија, прехранбените компании трошат многу време и пари за да ги убедат луѓето да го купат нивниот производ.

„Во 2016 година, приближно 13,5 милијарди долари биле потрошени за медиумско рекламирање од повеќе од 20.300 компании за храна, пијалаци и ресторани според информациите на Американското здружение за срце. Дополнително, се проценува дека децата гледаат приближно 4.000 реклами во текот на една година. Ова не ги зема предвид рекламите видени на платформите на социјалните медиуми, видео -игрите или апликациите за мобилни телефони“, велат од Центарот.

Всушност, постојат голем број истражувања кои покажуваат дека децата се меѓу главните цели на пропагандната машинерија на прехранбената индустрија.

Група доктори од повеќе земји уште пред десетина години објавија студија наречена „Телевизиско рекламирање на храна за деца: Глобална перспектива“. За целите на оваа стдуија 13 истражувачки екипи во Австралија, Азија, Западна Европа и Северна и Јужна Америка снимале програми за време на два работни дена и два денови за викенд помеѓу 6:00 и 22:00 часот на три канали најгледани од децата.

„Ние ги класифициравме рекламите за храна како основни (хранливи материи, ниско ниво на енергија), несуштински (со висока содржина на непожелни хранливи материи или енергија, како што е дефинирано со стандардите за исхрана) или разно“, се наведува во студијата.

Телевизиските реклами битно влијаат врз начинот на исхрана Извор: Prezi

Резултатите од ова истражување покажуваат дека во тој период рекламите за храна сочинувале од 11 до 29 проценти од сите огласи.

„Несуштинската храна беше прикажана во распон од 53 до 87 проценти од рекламите за храна, а стапката на рекламирање на несуштинска храна беше повисока за време на најголемата гледаност кај децата. Повеќето реклами за храна кои содржат убедлив маркетинг беа за несуштински производи“, пишува во студијата.

Најчесто се рекламираат брза храна, кондиторски и млечни производи

Во оваа студија биле опфатени 68.462 огласи, од кои 18 проценти биле за храна. Севкупно, храната била втор најчесто рекламиран производ. Во секоја земја, прехранбените производи биле во првите три рекламирани производи.

„Вкупната стапка на рекламирање храна низ примерокот беше пет реклами за храна на час по канал. Грција имаше највисока стапка на рекламирање храна – 9 реклами за храна на час по канал. Бразил имаше најниско – 2 реклами за храна на час по канал“, пишува во студијата.

За сите земји, најголемиот дел од рекламите за храна биле за несуштинска храна (67 проценти). Германија имала најголем дел од несуштинските реклами за храна (87 проценти). Најчесто рекламираните групи на храна биле оброци во ресторани за брза храна (12 проценти од рекламите за храна), чоколади и кондиторски производи (12 проценти), млечни производи со малку маснотии (9 проценти), богати со маснотии, многу шеќери или богати со сол, намази и сосови (8 проценти) и полномасни млечни производи (8 проценти).

Рестораните за брза храна вообичаено користат агресивен маркетинг Извор: Prezi

Оброците во рестораните за брза храна биле најчесто рекламираните прехранбени производи во САД (32 проценти од рекламите за храна), Канада (24 проценти), Шведска (15 проценти) и Австралија (14 проценти). Чоколадото и кондиторските производи биле најчесто рекламираниот прехранбен производ во Германија (26 проценти), Кина (17 проценти) и Италија (17 проценти), а полномасните млечни производи биле најрекламирани производи во Грција (21 проценти).

Во истражувањето се заклучува дека во сите земји од примерокот, децата биле изложени на големо количество телевизиско рекламирање за нездрава храна, со техники на убедување ориентирани кон децата.

„Иако апсолутната фреквенција на ова рекламирање варира во зависност од земјата, нејзината цел е конзистентна: маркетинг на нездрави производи. Целното емитување реклами за нездрава храна кога гледаат најголем број деца и употребата на убедливи маркетиншки техники ориентирани кон децата дефинираат медиумско опкружување во кое децата често и намерно се насочени со комерцијални пораки кои се спротивни на препораките за исхрана“, се наведува во студијата.

Интернетот станува главен канал за пропагандата

Во друго истражување насловено „Рекламирање на храна на каналите на Јутјуб наменето за децата во Бразил“, а спроведено од група научници од Федералниот Универзитет „Минас Гераис“ се утврдува влијанието на пропагандата што онлајн ја шират прехранбените компании. Во истражувањето биле анализирани 10-те најпопуларни канали на Јутјуб наменети за деца во Бразил во текот на 2018 година. При тоа, било утврдено дека во 45,6 проценти од сите видеа имало реклами, додека рекламирање храна имало во 12,9 проценти од видеата.

„Рекламите за храна беа најмногу застапени со ултра-преработени производи. На каналите предводени од деца-јутјубери имаше поголема фреквенција на општо рекламирање, храна и услуги за храна. На овие канали, рекламите на храна воопшто и ултра-обработена храна беа соодветно 2,79 и 2,53 пати позастапени отколку во видеата на каналите што не ги водат деца-јутјубери“, пишува во студијата.

Во неа, се потенцира високата изложеност на бразилските деца на реклами на каналите на Јутјуб, а особено кога станува збор за ултра-обработена храна од големи транснационални компании.

„Тоа е критично, бидејќи тие рекламни пораки се насочени кон ранлива публика, којашто треба да биде заштитена од ваков тип на пораки. Станува збор за медиум (Јутјуб) со голема популарност, до кој децата можат да пристапат во секое време од различни уреди, без директен надзор на нивните родители или старатели“, се наведува во студијата.

Родителите често не се свесни за содржината на која се изложени децата на интернет/Извор:Prezi

Истражувачите посочуваат дека е позната поврзаноста помеѓу изложеноста на рекламирање храна и претпочитање за рекламирани производи и помеѓу потрошувачката на ултра-обработена храна и неповолните здравствени исходи кај децата и адолесцентите, вклучително и дебелината.

Тие укажуваат и на скриена пропаганда односно неможноста да се одделат рекламните пораки од обичната содржина на Јутјуб каналите.

„Резултатите од студијата покажуваат и дека освен што децата се публика, тие се и креатори на содржини, како во случајот со децата-јутјубери. Во видеа произведени од овие деца, имаше поголема фреквенција и поголем број на  реклами за храна. Содржината на видеата на децата-јутјубери содржи суптилни интеграции помеѓу рекламирањето на брендот и забавата, што отежнува да се препознае што е рекламна содржина. Покрај тоа, кога комерцијалната содржина е одобрена од дете, станува важен влијателен фактор за одлуките за потрошувачка на неговата публика, кој обично се состои од други деца“, пишува во студијата.

Стапката на рекламирање на ултра-обработена храна идентификувана во оваа студија е загрижувачка, а слични трендови се откриени и во други земји. Имено, во Малезија 56,3 проценти од рекламите за храна коишто се сервираат на детските Јутјуб канали биле за ултра-обработена храна, главно брза храна и слатки. Во Обединетото Кралство, дури 92,9 проценти од видеата на деца-инфлуенсери на Јутјуб предлагале некаква  храна или пијалок, додека во Шпанија оваа стапка била 73,6 проценти.

Тивок убиец

Според податоците на Светската здравствена организација, стапките на прекумерна тежина и дебелина продолжуваат да растат кај возрасните и децата. Од 1975 до 2016 година, преваленцата на деца со прекумерна тежина и на дебели деца и адолесценти на возраст од 5-19 години се зголемила повеќе од четири пати од 4 на 18 проценти на глобално ниво.

„Денес повеќе луѓе се дебели отколку со недоволна тежина во секој регион освен субсахарска Африка и Азија. Некогаш се сметаше за проблем само во земјите со високи приходи, а прекумерната тежина и дебелината сега драматично се зголемуваат во земјите со низок и среден приход, особено во урбаните средини. Огромното мнозинство на деца со прекумерна тежина или кои се дебели живеат во земјите во развој, каде што стапката на пораст е повеќе од 30 проценти повисока од онаа во развиените земји“, наведуваат од СЗО.

Производите со големи количества шеќер се дел од редовната исхрана во многу семејства/Извор:Prezi

Друг застрашувачки пример е дијабетесот. Бројот на луѓе со дијабетес порасна од 108 милиони во 1980 година на 422 милиони во 2014 година. Глобалната појава на дијабетес кај возрасните се зголеми од 4,7 во 1980 година на 8,5 проценти во 2014 година. Тие бројки се алармантни, особено ако се земе предвид дека секоја година населението е изложено на се повеќе информации за тоа што е здрава исхрана.

Над четири милиони жртви годишно

Прекумерната тежина и дебелината се дефинираат како абнормална или прекумерна акумулација на маснотии што претставува ризик за здравјето. Индексот на телесна маса (БМИ) над 25 се смета за прекумерна тежина, а над 30 за дебелина. Проблемот порасна до епидемиски размери, при што над 4 милиони луѓе умираат секоја година како резултат на прекумерна тежина.

Како да се запре епидемијата?

На 75-тото Светско здравствено собрание во 2022 година, земјите-членки на СЗО усвоија нови препораки за превенција на дебелината и го одобрија планот за забрзано стопирање на оваа негативна појава. Планот на СЗО за побрзо запирање на дебелината е дизајниран да стимулира и поддржува повеќесекторски активности на ниво на земји низ целиот свет.

Тој предвидува структурни, фискални и регулаторни акции насочени кон создавање средини за здрава храна. Пристапите одобрени во планот, меѓудругото, вклучуваат сеопфатни политики за заштита на луѓето од штетното влијание на маркетингот на храна, политики за етикетирање на исхраната (вклучувајќи етикетирање на предното пакување), фискални политики (вклучувајќи даноци и субвенции за промовирање здрава исхрана) и други мерки.

Еден од главни механизми кои се предлагаат е воведување даноци на пијалоци засладени со шеќер, што веќе се користи во неколку земји.

„Низа политички интервенции за зголемување на цената на пијалоците засладени со шеќер или да се намали содржината на шеќер во пијалоците се воведени во неколку земји, вклучувајќи ги Мексико, Саудиска Арабија, Јужна Африка, Велика Британија и Северна Ирска и се покажаа ефикасни во намалувањето на потрошувачката односно на продажбата на слатки пијалоци со шеќер“, се наведува во документот на СЗО.

По воведувањето на данок од еден пезос за литар во Мексико (што е приближно на 10 проценти данок), набавките на засладени пијалоци се намалиле за 6 проценти. Повисокиот данок во Саудиска Арабија од 50 проценти на газираните пијалоците довел до намалување на продажбата за 35 проценти.

Децата треба да се заштитат од пропагандата на прехранбената индустрија/Извор:Prezi

Очигледно е дека светот веќе се освестува дека нездравата храна негативно влијае врз човековото здравје исто како и цигарите и алкохолот. Ако во повеќе земји од светот рекламирањето цигари и алкохол е забрането и не е дозволена продажба на малолетници, тогаш логично е иста патека да има и борбата против нездравата храна што би придонело да се намали бројот на починати лица кои заболуваат поради прекумерна тежина.