Со токсична пропаганда до стереотипи за убавина

Перцепцијата за убавина кога е во прашање физичкиот изглед на луѓето постои со векови, а традициите во различните култури и народи во минатото наметнувале разни критериуми за тоа што е убаво. Но, од минатиот век со забрзаниот развој на текстилната и козметичката индустријата расте и пропагандата која дефинира нови калапи за убавина, пред се кај женската популација. Модните куќи и компаниите од козметичката индустрија обидувајќи се продадат што повеќе производи и услуги преку различни канали промовираат модели за убавина кои во практиката се недостижни за поголем дел од популацијата. Континуираната трка да се достигнат новопоставените стандарди за убавина често резултира со нарушувања во исхраната, анксиозност и депресија и ги зголемува здравствените трошоци.

Убавината како граѓанска должност

Индустријата за женската убавина доживува огромен развој во 1930-тите години, кога одредени брендови за козметика и облека стануваат светски препознатливи и кога почнува трката за освојување на глобалниот пазар. Ниту почетокот на Втората светска војна не го спречи развојот на оваа индустрија, која користејќи разни канали за пропаганда го обликуваше јавното мислење за тоа како треба да изгледа една жена дури и во воени услови. Фразите како „идеална жена“, „новата жена“ и „убавината е должност“ беа користени за да се промовираат шминки, козметика, облека и вопшто нов имиџ на женската популација.

Различни компании од индустријата за убавина за време на Втората светска војна ги рекламирале своите производи под мотото „убавината е должност“. (Извори: Фото 1/IMW,  Фото 2 и 3/Worn archive)

„Базфид“ пишува дека за време на Втората светска војна мотото „убавината е должност“ (beauty as a duty) всушност било искористено за официјална државна пропагандна кампања во Британија насочена кон жените. Таа имала за цел да ги охрабри жените да продолжат да се стремат кон модата и убавината и покрај тешкотиите што морале да ги издржат и истовремено да ги обесхрабри ставовите дека посветувањето внимание на нивниот изглед е тривијално или ситна работа.

So-toksicna-propaganda-do-stereotipi-za-ubavina-4
Мејкап на идеалната жена во 1940-тите години Извор: Glamourdaze

Апелирајќи ги жените да задржат одредено фокусирање на „нормалните“ работи како модата и убавината, кампањата била дизајнирана да им помогне да се чувствуваат приземјени среде хаосот на војната.

Наметнати промени

Во 1960-тите и 70-тите години, идеалите за убавина за жените се префрлија од зрелото заоблено тело на ѕвезди како што е Мерилин Монро кон тенка фигура и рамни гради, олицетворение на супермоделите како Твиги или Кејт Мос.

Во Универзитетот Бредли во рамки на истражувањето „Body project“ констатираат дека со сликите на идеална убавина кои секојдневно не бомбардираат, лесно е да се заборави дека стандардите за убавина се произволни и тие во голема мера варираат од една до друга култура и се менуваат со текот на времето.

„Ваквите варијации во идеалите за убавина често ги одразуваат улогите од жените и мажите од кои се очекува да ги исполнуваат во дадено општество. На пример, во контексти каде жените се ценети главно поради нивната плодност – нивната способност да раѓаат и негуваат деца – честопати полно тело со широки колкови и обилни гради се сметаат за најубави. Во општества како Фиџи, големите тела се симбол на нечиј статус и моќ. Затоа, не е изненадувачки што поединците кои би биле класифицирани како дебели во САД се сметаат за најатрактивните и најпосакуваните членови на оваа култура“, се наведува во истражувањето.

Сепак, денес поради пропагандата се повеќе се заборава на традиционалната убавина, а како стандарди за убавина кај жените се повеќе се форсираат заоблен задник и големи гради, тенка половина и затегнати бутови. Во неодамнешно истражување во САД „совршената“ жена е висока над 165 сантимтри, тешка е 58 килограми и има обем на струкот од 66 сантиметри. Станува збор за пропорции кои без природни предиспозиции е речиси невозможно да се постигнат освен ако не се користат нездрави средства и методи.

Глобален проблем

Во истражувањето „Меѓународна пропаганда за убавина“ се анализираат ефектите од токсичната пропаганда за убавина на глобално ниво односно се прецизираат стандардите за убавина во различни земји. Истражувањето покажува дека проблемот со пропагандата за убавина не се однесува само на Западот туку е присутен насекаде. Имено, и младите дами во Кина го чувствуваат притисокот од општеството да изгледаат идеално до  извонредност.

Стандарди за идеална жена во Кина/Извор: https://sites.psu.edu/civicissuesbymandy/

Во Кина, белата кожа отсекогаш се сметала за екстремна мерка за убавина. Се вели дека во минатото, само на жените со најбелата кожа им било дозволено да бидат во непосредна близина на императорот. Денес, белата кожа се‘ уште е стандард за убавина што се должи на пропагандата на козметичките компании.

Со лаксативи до посакувана тежина

Еден неодамнешен извештај во Тајван покажа дека прејадувањето и употребата на лаксативи за да се задржи посакуваната фигура е нова мода меѓу ученичките и откри дека 43 проценти од нив се во опасност од нарушување во исхраната. Како причина за новата мода се наведува фактот дека многу жени чувствуваат притисок да се вклопат во калапот за идеална жена и да изгледаат привлечни за општеството. Многу од нив изјавиле дека тоа го направиле бидејќи биле притиснати од пријателите и семејството.

Ако лист од А4 формат го покрие струкот, тогаш девојката има идеални пропорции. (Извор: https://sites.psu.edu/civicissuesbymandy/)

Најновата лудост од Кина вклучува жени кои држат парчиња хартија и прават селфи – тие „победуваат“ ако хартијата целосно им ја покрие половината. Познат е како „предизвик А4“ по стандардната големина на хартијата која е 21 сантиметри (8,3 инчи).

Уште еден знак за убавина во Кина се крупните очи, што е причината бројни кинески дами да инвестираат во козметика за нивните очи да изгледаат поголеми или во пластична хирургија. Според истражувањето, корекцијата на очите е најчеста хируршка процедура во Кина.  

Загрижувачки е што денес насекаде во светот пластичната хирургија зема се поголем замав во индустријата за убавина и се користи за интервенции за лицето и на телото само да се исполнат новопоставените норми за изгледот на усните, носот, очите и други делови од телото.

Енормни штети

 

Според „Стандард“ менталитетот на совршено тело стимулира средина каде што многумина немаат доверба во телото и самопочит. Нереалните телесни стандарди на општеството создаваат огромно чувство на притисок кај тинејџерите да постигнат совршено тело, со што се влошува нивната севкупна самодоверба и создава нездрави навики. Идејата за совршено тело е овековечена преку нереални фотографии од жени и девојки прикажани во медиумите. Фотошопирани манекенки со недоволна тежина се насекаде, а тие делуваат како пример за тоа како наводно треба да изгледаат тинејџерките.

Кампања на „Викторијас сикрет“ за перфектно тело/Извор: sofeminine

Во денешно време убавината не се мери според уникатноста, туку со бројката што ќе ја покаже вагата или обемот на половината. За да бидат сфатени како убави, поединците мора да се усогласат со овие недостижни стандарди, кои се карактеризираат со слаб струк, фигура на песочен часовник, големи усни, празнина во бедрата и рамен стомак.

Улогата на социјалните мрежи

Голема улога во ширњето на пропагандата за убавина имаат социјалните медиуми.  На апликациите како Инстаграм, ТикТок и Фејсбук, тинејџерите се изложени на бескрајни објави од „идеалниот“ тип на тело, особено од моделите и инфлуенсерите.

Студија спроведена на лица од 18 до 34-години открива дека речиси половина од учесниците рекле дека нивните профили на социјалните мрежи прават да се чувствуваат „грдо или непривлечно“. Постои значајна врска помеѓу прекумерното време на социјалните мрежи и влошената самоперцепција. Друга повторлива тема што се појавува од социјалните медиуми е желбата за валидација. Потребата да се добијат бројни лајкови на објава е директно поврзана со потребата за прифаќање.

Во рамките на голема студија од 2017 година биле анкетирани студентки од колеџ во САД, а разултатите покажале дека околу 10 проценти во период од еден месец креирале објави на социјалните мрежи за тежина, изглед на телото, вежбање или диета. Во меѓувреме, 27,4 проценти коментирале на објавите на пријателите на овие теми.

Истражувачите заклучиле дека повеќе време поминато на Фејсбук води до почесто споредување на телото и тежината и повеќе негативни чувства за своето тело. Исто така, истражувањето покажува дека за жените кои сакале да ослабат, повеќе време на Фејсбук резултира со повеќе нарушени симптоми на исхрана.

Намалена самодоверба

Според „Healthnews“ социјалните медиуми имаат голема улога во ширење на стандарди за убавина кои предизвикуваат проблеми во менталното здравје. Со порастот на алатките и филтрите за уредување фотографии, станува сè полесно да се претстави идеализирана верзија на себе на интернет.

„Овие внимателно курирани и уредени слики создаваат лажно чувство за тоа што е достижно во однос на убавината. Премногу лесно станува да се заробиме во циклус на постојана самоевалуација и споредба, каде што се стремиме да ги исполниме нереалните стандарди за убавина што ги гледаме на интернет“, се заклучува во истражувањето.

Младите најголеми жртви на индустријата за убавина. (Извор: Стандард)

Последица на оваа немилосрдна изложеност на идеализирани слики е длабоко вкоренето чувство на несоодветност. Потрагата по недостижни идеали за убавина пропагирани од инфлуенсерите и медиумите дополнително ја нагризува самодовербата и поттикнува негативна перцепција за сликата на телото.

Рекламите и спонзорираната содржина на социјалните медиуми  честопати се насочени кон ранливостите на луѓето.

„Со прикажување на производи и услуги кои ветуваат дека ќе ги поправат воочени несовршености, социјалните медиуми ја зајакнуваат идејата дека не сме доволно добри такви какви што сме. Ова го овековечува циклусот на постојана потрошувачка, додека настојуваме да постигнеме неостварлив стандард на убавина и беспрекорност, што на крајот ја поттикнува економијата водена од потрошувачите“, се наведува во истражувањето.

Нарушувања во исхраната, анксиозност и депресија

Пропагандата преку социјалните мрежи може да придонесе за развој или влошување на нарушувањата во исхраната. Постојаниот прилив на слики кои прикажуваат идеализирани и често недостижни типови на тело може да предизвика незадоволство од телото и нарушени шеми на исхрана.

Постојаната изложеност на внимателно курирани објави и притисокот да се претстави совршена верзија од себе на интернет може да придонесе за чувство на несоодветност и самоспоредување, што доведува до зголемени нивоа на анксиозност. Освен тоа, платформите за социјални медиуми можат да бидат почва за негативни социјални интеракции, сајбер-малтретирање и онлајн вознемирување, што може значително да влијае на менталната благосостојба и да придонесе за развој или влошување на депресијата.

Загубени милијарди

Студија спроведена на крајот од 2022 година во рамките на проектот Dove Self-Esteem Project, а во соработка со Факултетот за јавно здравје на Харвард Чан и други, покажа дека над 800 милијарди долари се губат секоја година во САД поради незадоволство од телото и дискриминација поврзана со физичкиот изглед.

Поконкретно, проблемите со сликата на телото може да доведат до слаба продуктивност на работа, како и зголемување на трошоците за здравствена заштита, пред се за лекување на нарушувања во исхраната и депресија.

„Она што многу луѓе не го сфаќаат е дека има некаква цена за ова, бидејќи често луѓето ја мислат убавината како ефемерна или површна грижа“, изјави за „Бизнис Инсајдер“ д-р С. Брин Остин, директор во детската болница „Харвард и Бостон“ по објавата на резултатите од студијата.

За да ја реализираат студијата, Остин и економистите од „Делојт Аксес Економикс“ (Deloitte Access Economics), заедно со експертски советодавен панел, собрале истражувачка литература за незадоволството од телото и за дискриминацијата врз основа на изгледот односно големината на телото и нијансата на кожата.

Потоа, тие спровеле економски анализи за да ги проценат трошоците за економијата. Тимот открил дека незадоволството од телото чини 301 милијарда долари годишно – доволно за покривање на школарина, такси, сместување и храна за 2,9 милиони девојчиња годишно.

„Ако некој страда од незадоволство од телото доволно силно за да се појави во нашите пресметки, тој може да има поголем ризик од развој на депресија или анксиозност или нарушување во исхраната, што може да биде скапо за лекување“, наведува Остин.

Извештајот, исто така, покажува дека дискриминацијата врз основа на изгледот чини 501 милијарда долари годишно – доволно за покривање на две третини од трошоците за здравствена заштита на нацијатат.

Според Остин, со соодветни закони може да се намалат овие загуби и да се „отстранат подмолните ефекти на диеталната култура“.

Потребно е освестување

Секојдневието покажува дека Македонија не е исклучок и дека женската популација е изложена на пропагандни пораки кои „дефинираат“ совршена убавина. Најголем притисок чувствуваат тинејџерките, младите и средовечните жени кои под влијание на средината влегуваат во континуирана потрага по совршениот изглед. Тие непотребно се изложуваат на диети, козметички третмани и хирушки интервенции и ризикуваат евентуалниот неуспех на патот кон совршенство негативно да влијае врз нивото ментално и физичко здравје.

При тоа се заборава дека вистинската убавина доаѓа одвнатре и дека совршениот физички изглед и следењето на актуелните модни трендови по секоја цена не се гаранција за среќен и здрав живот.