Татни воената пропаганда: Од памфлети до воени инфлуенсери и вештачка интелигенција

Светската и македонската јавност се изложени на воена пропаганда како никогаш досега. Ако во минатото, главни цели на ваквата пропаганда беа обесхрабрување на непријателот и обезбедување поддршка за војна кај домашното население, сега се чини дека фокусот е свртен кон придобивање на симпатиите на меѓународно ниво. Карактеристично е што драстично се менуваат каналите за ширење на воената пропаганда. Ако до вчера главна алатка беа памфлетите, денес тоа се социјалните мрежи и вештачката интелигенција.

Суштински цели на пропагандата

Пропагандата за време на војна може да се користи за исполнување повеќе суштински цели. Според теоријата и досегашните искуства, преку неа може да се обезбеди поддршка меѓу населението за почнување војна или да се одржува поддршка за учество во тековна војна. Таа може да се користи за оправдување на одредени дејствија за време на војна, за обесхрабрување на непријателските сили, да се поттикне востание против непријателска влада или да се обезбеди поддршка меѓу населението на непријателска нација односно да се оправда инвазија од надвор.

Всушност, главно мото на воената пропаганда е дека битката за јавното мислење е исто толку важна за време на војна колку и ангажманот на војници на фронтот.

 

Таа порано главно се состоела од реторика, слики, музика и други значајни културни симболи кои се користеле на различни начини со намера да се насочи јавното мислење. Употребата на таквите техники и алатки во ситуации на војна и насилни конфликти не е нов, туку датира од времето на антиката.

Eден од првите војсководци што користел воена пропаганда бил Александар Македонски. Откако бил принуден да се повлече во битка, Александар Македонски, сфатил дека би било лошо по неговата репутација да покаже дека е слаб и дека мора да се повлече. Тој го надминал овој проблем, користејќи пропаганда за заплашување на спротивната војска. Војската на Александар направила преголеми оклопи и шлемови и ги оставила зад себе додека се повлекувала. Неговата намера била спротивната војска да биде заплашена и да не ги гони неговите војници за кои би добиле впечаток дека се големи како џинови.

Првата светска војна донесе институционализирање на пропагандата

Сепак, систематското насочување на јавното мислење во контекст на војната се развива на почетокот на дваесетиот век за време на Првата светска војна. Потребата да се обезбеди јавна поддршка за војната од сите страни, довела до развој на модерна воена пропаганда која користела техники од областите на маркетинг и односи со јавноста. Еден од „татковците“ на пропагандата Едвард Бернајс забележал дека за време на Големата војна нациите ја сфатиле неопходноста од ширење на националните цели и политики. Во тој период, нациите ангажирани во конфликтот ја институционализираат пропагандата и формираат посебни државни тела задолжени за нејзиното ширење, како што се Германската централна канцеларија за надворешни работи, Британскиот одбор за воена пропаганда и Американскиот комитет за јавни информации (CPI).

Германската и британската пропаганда, во тоа време, била насочена кон сопственото население со цел да се подигне моралот и поддршката за војна и да се оцрни непријателот. Од друга страна, пропагандата кон непријателското население имала за цел да го поткопа моралот и да ја обесхрабри поддршката за војна. Како вообичаени алатки за ширење на пропагандата, главно, се користеле памфлети фрлани од воздух и радио преноси, а се користеле и филмови, детски книги, постери и други медиуми.

Пропаганден постер за регрутација од Првата светска војна
Пропаганден постер за регрутација од Првата светска војна. Извор: Империјален воен музеј

Подоцна за време на Втората светска војна пропагандата доживува уште поголем развој, а главна улога во тоа имал Адолф Хитлер, кој поради неговото воено искуство од Првата светска војна, ја воочил важноста на пропагандата на воените полиња и воопшто нејзиното значење во обезбедувањето поддршка од населението и придобивање на јавното мислење. Веќе е познато е дека пропагандата на неговите нацистички идеологии резултира со почеток на Втората светска војна и со Холокаустот.

Ново поглавје

Еден од најексплицитните примери за користење на пропагандата за да се оправда војна е инвазијата на САД на Ирак во 2003 година. Во текот на 2002 и почетокот на 2003 година, претседателот Џорџ В. Буш и неговата администрација обезбедија широка поддршка за употреба на воена сила во Ирак и кај јавноста и кај Конгресот.

Буш и високи членови на неговата администрација повеќе од една година во нивните јавни излагања тврдеа дела Ирак претставува опасност за Соединетите Држави и нивните сојузници. При тоа, беа користени два главни аргументи. Прво, дека режимот на Хусеин поседува „оружје за масовно уништување“ (нуклеарно, биолошко или хемиско оружје) и второ, дека го поддржува тероризмот и дека има блиски врски со терористичките групи, вклучително и Ал Каеда, која ги нападна САД на 11 септември 2001 година.

Главната операцијата наречена „Слобода за Ирак“ чија основна цел да се собори режимот на диктаторот Садам Хусеин заврши за неколку недели, но силите на САД уште долго останаа во Ирак.

Џорџ Буш го најавува нападот на Ирак. Извор: Јутјуб/C-SPAN

Подоцна низ годините, бројни истраги од независни и владини комисии покажаа дека немало фактичка основа за тврдењата дека Ирак имал оружја за масовно уништување или дека финансирал тероризам. Денес, сè уште продолжува дебатата за тоа дали тогашната американска администрацијата била жртва на погрешни разузнавачки информации или дали Буш и неговите високи советници намерно ја заведувале јавноста. Неодамнешните наоди на Истражувачкиот центар Пју за војната во Ирак покажува дека поддршката за американската воена акција била изградена, барем делумно, врз основа на невистини.

Време на воени инфлуенсери и вештачка интелигенција

Војната во Украина покажа дека играта на зборови и користењето на новите технологии стануваат главна карактеристика на современата воена пропаганда. Имено, Западот и Украина воените дејствија ги окфалификуваа како неиспровоцирана инвазија на Русија. Од друга страна, рускиот претседател Владимир Путин го најави нападот како воена операција чија основна цел е да се симне таканаречениот нацистички режим во Украина. Изминува втората година од војната, а двете страни и понатаму ја продолжуваат својата верзија на приказната. При тоа, се користат различни канали за ширење на пропагандата и остварување различни пропагандни цели.

Би-Би-Си неодамна откри дека руските провоени инфлуенсери генерираат големи приходи од реклами од нивното покривање на конфликтот на социјалните мрежи. Новинарите утврдија дека покрај дневната доза на ужасни видеа од напади со беспилотни летала и лажни тврдења за украинскиот претседател Володимир Зеленски, тие споделуваат реклами за сè, од криптовалути до мода.

„Познати во Русија како ‘З-блогери’ поради нивната поддршка за војна која често се симболизира со буквата ‘З’, тие често се гости на руската армија и објавуваат снимки од линијата на фронтот од каде што ги повикуваат младите Руси да се пријават. Од почетокот на целосната инвазија во февруари 2022 година, провоените инфлуенсери добија милиони следбеници на Телеграм, платформата за социјалните медиуми на која многу Руси се преориентираа откако претседателот Владимир Путин ги забрани Инстаграм, Фејсбук и Твитер“, објави Би-Би-Си.

Во сторијата се вели дека таа експлозија на бројот на корисниците довела до пораст на пазарот за рекламирање на Телеграм. Воените инфлуенсери тоа го искористија и продаваат рекламни простори за компании кои сакаат да допрат до нивната млада публика. За да дознаат колку наплаќаат, членовите на Глобалниот тим за дезинформации на Би-Би-Си се претставиле како сопственици на хотели заинтересирани да објавуваат реклами на нивните канали.

Фотографија на еден од најпознатите руски воени инфлуенсери, Александар Котс, на која се гледа уништена воена техника
Еден од најпознатите руски воени инфлуенсери, Александар Котс. Извор: Би-Би-Си/Телеграм

Посегнавме до некои од најистакнатите играчи. Еден од нив беше Александар Котс, ветеран дописник на провладин весник кој стана воен инфлуенсер, со повеќе од 600.000 следбеници на неговиот личен канал на Телеграм. Семјон Пегов, познат како ВорГонзо, беше другиот, можеби најпознатиот З-блогер, има повеќе од 1,3 милиони следбеници“, пишува во сторијата.

Александар Котс им одговорил дека една објава на неговиот канал ќе чини 48.000-70.000 рубли (440-680 фунти), во зависност од тоа колку долго рекламата се чувала на врвот на неговиот канал. Другиот инфлуенсер барал 1.550 фунти по објава. Карактеристично е што овие блогери воопшто не кријат дека имаат редовна комуникација во власта во Русија.

Како НАТО остана во живот

Во светот денес многу често преку докази се потенцира пропагандата што на различни начини и преку различни канали ја шират Русија и нејзините лидери. Факт е дека таа е широко распространета и преку неа главно се омаловажуваат власта и војската во Украина, се навредуваат оние кои што го поддржуваат украинскиот отпор и како напријатели се означуваат земјите што ѝ даваат помош на Украина.  

Меѓутоа, кога се зборува за пропагандата треба да се земе предвид дека понекогаш работите не се црно-бели како што некој сака да ги прикаже. Имено, како што вели Андре Либих, почесен професор на Институтот за историја и политики во Женева со рускиот напад на Украина, НАТО повторно стана релевантно. Тој укажува дека пред неколку години францускиот претседател Емануел Макрон го прогласи НАТО за клинички мртво.

„Никој не би го рекол тоа денес. НАТО е вратен на својата првична функција – да ги држи Русите надвор од Европа – како што беше предвидено во Северноатлантскиот договор од 1949 година, но со многу повеќе членки“, пишува Либих.

„Иако претседателот Џо Бајден не беше целосно успешен во прикажувањето на конфликтот како конфликт меѓу демократијата и авторитаризмот, тоа не го промени погледот на повеќето луѓе. Неколкуте неистомисленици, вклучително и оние кои повикуваат на прекин на конфликтот или кои укажуваат на опасните ефекти од проширувањето на НАТО, се етикетирани како наивни или, уште полошо, како руски подметници“, вели Либих.

Со вештачка интелигенција се додава масло на огнот во Газа

Крвавиот напад на Хамас врз цивили и воени структури во Израел на 7 октомври годинава денес прераснува во еден од најжестоките конфликти на Блискиот Исток откако Израел се реши на одмазднички одговор преку воздушен напад и копнена офанзива на Газа, при што веќе има илјадници невини жртви на двете страни.

Воената пропаганда не остана настрана и во изминативе денови при што Палестина и Израел користат различни официјални и неофицијални канали за да ја докажат нивната вистина. При тоа, на социјалните мрежи често се користат дезинформации, стари видеа и се конструираат ужасни фотографии за да се покаже „крволочноста“ на спротивната страна.

Новина во воената пропаганда е што првпат наголемо се користи вештачката интелигенција за да се создаваат визуелни содржини или таканаречени „дип фејк“ видеа и фотографии за да се шири говор на омраза, за да се прикаже суровоста на нападите од двете страни или да се обезбедат симпатии. Магазинот „Ролинг Стоун“ посочува на неколку примери за користење на вештачка интелигенција за пласирање лажни содржини за овој конфликт.

Еден од нив е видеото со вештачка интелигенција на кое лажно се прикажува климатската активистка Грета Тунберг, која се залага за употреба на одржлива воена технологија и „биоразградливи проектили“. Видеото собра милиони реакции на Твитер.

„И покрај малиот воден печат кој навестува дека станува збор за дигитално изменетото видео е ‘сатира’, голем број корисници во коментарите лековерно реагираа на клипот, а други се мачеа да увидат дали е реално“, пишува „Ролинг стоун“.

Во сторијата се додава дека покрај многуте автентични, потресни фотографии и видеа кои излегоа од Појасот Газа, исто така има многу слики од палестински деца во тешки околности што го обиколуваат светот кои се креации со вештачка интелигенција и кои играат со емоциите на гледачите.

„Чумата на воените содржини добиени од вештачката интелигенција оди подалеку од дезинформациите и вклучува подиректни видови на пропаганда со омраза. Бидејќи ескадрилите на борците на Хамас го нападнаа Израел преку параглајдери, неонацистите го усвоија возилото како симбол кој го велича убиствата на Евреите, користејќи модели на уметност со вештачка интелигенција за да ги насликаат едрилиците на Хамас кои добиваат пад на антисемитските карикатури. Едно меме со параглајдер дури се најде на дизајн на маица во нацистичка продавница за е-трговија“, се потенцира во сторијата.

На многумина им е јасно дека конфликтот меѓу Израел и Палестина не е од вчера и дека се провлекува повеќе од половина век, но јасно е и дека најлесно заземаат страна оние што се подложни на пропаганда. Факт е дека огромен дел од светската и од македонската популација е недоволно образована за да препознае пропаганда во каква било форма, а очигледно е дека новите технологии само ја зголемуваат опасноста од влијанието на воената и другите видови пропаганда. Како едно од решенијата е да се зголеми борбата против дезинформации, да создадат механизми за детектирање на обидите за пласирање лажни содржини и да се обелоденат обидите преку пропаганда да се влијае на свеста на населението за што било, но посебно за војни.

Фотографија на која ја има активистката за климатски промени Грета Тунберг и текст на твитер со нејзин измислен цитат
Лажно прикажано тврдење на Грета Тунберг. Извор: Би-Би-Си/Телеграм