„Георги Димитров“ одбележа пола век образование
50 години напорна работа, 50 години многу љубов и вложен труд, 50 години истрајност и посветеност на работата, на генерациите кои минувале, кои минуваат, 50 години успех и белег во општвеството. На втори март многу ученици, наставници, вработени и гости ја наполнија салата на Драмскиот театар во Скопје и со насмевки на своите лица го прославија јубилејот на средното училиште „Георги Димитров“.
На одбележувањето на патрониот празник учествуваа учениците од прва до четврта година со музика, танц, глума и рецитација.
-Тоа е училиште во кое минале безброј генерации, училиште во кое созреале многу другарства, љубови, училиште од кое излегле успешни луѓе. Сите успеси, сите признанија и постигнати резултати се дело на нашите ученици, на нивните наставници, на вработените, на стручните соработници, на директорот. Со гордост можеме да кажеме дека сме едно од најдобрите училишта во државата од кое произлегуваат прогресивност и идеи, како и млади и успешни луѓе креатори на иднината, беше речено на свечената академија.
„Георги Димитров“ е основано 1965 година, а во 70-тите години веќе е најелитна скопска гимназија во која е формирана и првата специјализирана математичка паралелка. Денес, во ова училиште освен гимназиско образование има и две струки – техничар за мебел и ентериер и техничар за хортикултура и пејсажна архитектура.

Оваа веб-страница е изработена во рамките на проектот „Следење, откривање и разобличување на скриеното странско мешање и манипулирање со информации“, кој се реализира од Институтот за комуникациски студии. Проектот е финансиран од Владата на Обединетото Кралство, со поддршка на Британската амбасада во Скопје. Мислењата и ставовите наведени на оваа веб-страница не ги одразуваат секогаш мислењата и ставовите на Британската Влада.