1.300 километри нови патишта за пет години!?

Кон крајот на минатата година во јавноста се вртеше изјава на премиерот Димитар Ковачевски, за изградени нови 1.300 километри нови патишта за пет години, додека, пак, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски зборуваше за исто толку километри изградени и рехабилитирани патишта во истиот период, што битно ја менува содржината на информацијата.

Владиниот пи-ар е алатка за промовирање на проектите и политиките на Владата и на резултатите од нејзиното работење. Во демократските општества каде што медиумите главно критички ја опсервираат власта и се фокусираат на промашените проекти, коруптивните зделки, нетранспарентното трошење на јавните пари и други повреди на демократијата и на стандардите на доброто владеење, владиниот пи-ар е важен за граѓаните да слушнат и за добрите и успешни проекти и политики на Владата. Бидејќи станува збор за пи-ар, а не за новинарско известување, пристрасноста е очекувана, зашто се работи за нагласување на важноста на добрите а занемарување на лошите и помалку успешните проекти и политики.

Но, доколку се користи професионално и според предвидените стандарди, владиниот пи-ар не би смеело да отстапува од правилата за точно и вистинито информирање на јавноста. За жал, за да ги истакне своите успеси, не ретко Владата користи и класични пропагандни алатки лансирајќи невистинити или делумно вистинити информации, „спинувани“ информации или во суштина лажни вести.

Премиерот Ковачевски во изјава ги започна фалбите за изградени 1.300 километри патишта

Еден таков еклатантен пример е информацијата дека актуелната Влада на СДСМ и ДУИ за време на својот досегашен мандат (од 2017 до крајот на 2022 г.) изградила 1.300 километри нови патишта во државата. Оваа информација кон крајот на минатата година се вртеше во јавноста во изјава на премиерот Димитар Ковачевски. Додека, пак, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во интервју зборуваше за изградени и рехабилитирани 1.300 км патишта во истиот период, што битно ја менува содржината на информацијата. Сепак, во јавниот дискурс, во медиумите и на социјалните мрежи информацијата за 1.300 километри изградени патишта е предмет на потсмев.

Додека премиерот Ковачевски зборува за изградени патишта, министерот Бочварски тврди дека се рехабилитирани

Во реакциите на политичките опоненти и на граѓаните најчесто како контра-пример се споменува 10 години заглавениот проект на автопатот Кичево–Охрид, кој го почна Владата на ВМРО-ДПМНЕ и се гради со средства од кинески кредит, но по многу најави и одложувања сè уште не е завршен, а неговото пуштање во употреба се очекува на крајот од 2024 г. Во постмешлив контекст на Владата особено и се спочитува и неспособноста да ја изгради и првата фаза – два километри автопатска делница од 16 километри автопат од Скопје до Блаце, до границата со Косово.

Па сепак, Владата и натаму опстојува на пропагандата дека изградила 1.300 километри нови патишта! За тоа премиерот Димитар Ковачевски на социјалните мрежи на 22 јануари 2023 г. сподели и пропаганден видео-спот со кој ја одбележа годишнината од своето владење. Во придружниот текст на видео-спотот, премиерот Ковачевски вели:

 Изградивме 1300 км нови патишта во последните 5 години. Градиме квалитетна инфраструктура која на долг рок ќе придонесе кон нашиот економски развој и ќе овозможи подобар живот за сите. Градиме патишта кон нашата европска иднина. Нема недостижна цел!“

Фалбите за изградени нови патишта беа споделувани и со видеоспот

Во кусиот видео-спот може да се видат три проекти на патни делници: Експресниот пат Крупиште-Кочани, во должина од 13,7 км, потоа делницата Градско-Плетвар од експресниот пат Градско-Прилеп во должина од 19 км, автопатот Охрид-Кичево – 57 км и Кумановската обиколница. На крајот од видеото доминираат зборовите 1.300 КМ НОВИ ПАТИШТА ИЗГРАДЕНИ ВО ПОСЛЕДНИТЕ ПЕТ ГОДИНИ!

И во оваа прилика, граѓаните на социјалните мрежи, како и политичките партии од опозицијата, се потсмеваат со објавата. Во своето соопштение, опозициската ВМРО-ДПМНЕ, меѓу другото нагласува:

„Само во имагинарниот свет на Ковачевски и СДС постојат изградени 1.300 километри нови патишта, додека реалноста е сосема поинаква. СДС и Ковачевски мислат дека граѓаните не возат низ Македонија и не знаат по какви и по кои патишта се вози, па затоа свесно лажат со измислени изградени патишта…“

На социјалните мрежи, граѓаните пишуваат статуси во стилот:
„Каде се наоѓаат за да возиме по нив? , Кај се патиштата, не можам да ги најдам?“ и сл.
Освен недостигот од докази за 1.300 км нови патишта, што е видлив на прв поглед, клучните забелешки за пропагандниот видео-спот се, на пример, дека во него Владата се фали со автопатот Охрид-Кичево во должина од 57 километри, а јавна е информацијата дека тој се уште се гради и нема да биде готов до крајот на 2024 г. Слично е и со експресниот пат Градско-Плетвар кој сè уште се гради, а пратеник од ВМРО-ДПМНЕ реагира дека нема изградено никаква обиколница кај Куманово, туку е реконструиран само еден мост кај с. Проевце.

Контрадикторноста во изјави предизвика потсмешливи коментари на социјалните мрежи

Сепак, треба да се забележи дека освен потсмешливите коментари, забелешките на прв поглед и реакциите на граѓаните и политичките опоненти, од јавниот дискурс подолго време отсуствуваше детална анализа за тоа колку нови патишта навистина биле изградени изминатите пет години во текот на мандатот на СДСМ. Со други зборови, иако понекогаш се толку очигледни, лажните вести мора да ги демаскираме и разобличиме со точни и прецизни податоци, а не со нивно емотивно отфрлање или паушално демантирање.

Оттаму, добро е што упорната владина пропаганда за 1.300 км нови патишта, по објавениот видео-спот конечно предизвика дел од медиумите да почнат да ја истражуваат потемелно вистинитоста на тврдењето и да бараат прецизни податоци од Владата.

Две новинарски истражувања објавени се како реакција на последниот владин пи-ар. Првото е на Радио Слободна Европа, со наслов „Од 1300 километри, Ковачевски може да се пофали со 13 километри пат“, објавено на 27 јануари 2023 г., а второто на „Вистиномер“, од 9 февруари 2023 г. со наслов „Само премиерот вози по нови 1300 километри патишта“.

Во истражувањето на Радио Слободна Европа се истакнува дека експресниот пат Крупиште – Кочани од 13,7 километри е единствениот нов пат кој го започнала и завршила Владата на Димитар Ковачевски и со тој успех премиерот Ковачевски може оправдано да се пофали. Сè друго до 1300 километри, според Слободна Европа, се или автопати кои се почнати во времето на минатата Влада на ВМРО-ДПМНЕ а завршени се минатите пет години или патишта чија изградба е се уште во тек, потоа реконструирани патишта и локални патишта и улици. Новинарите на Радио Слободна Европа побарале и добиле листа од Владата за изградени патишта. За жал, таа листа не ја даваат во прилог на текстот, што не придонесува за јасно и прецизно презентирање на податоците. Ова е нивниот заклучок:

„Незавршени, и неставени во употреба патишта, како и локални улици се дел од листата на Владата за изградени нови 1300 километри патишта. За време на владеењето на премиерот Ковачевски, нов е само експресниот пат Крупиште-Кочани, а на останатите километри патишта е извршена реконструкција.

Важно е да забележиме дека заклучокот од оваа анализа недоволно прецизно ја побива лажната вест дека Владата во изминатите пет години изградила 1.300 км автопат, зашто со него Радио Слободна Европа се ограничува само на периодот на владеењето на Ковачевски (една година, а не пет, како што се тврди во видеоспотот).

Радио Слободна Европа му измери само 13,4 километри нов пат на Ковачевски

Сепак, во текстот понатаму авторот ги анализира и податоците добиени од Владата за изградените патишта во изминатите пет години и меѓу другото констатира:

„На листата која ни ја достави Владата, автопатот Кичево – Охрид не е наведен (а тој е дел од пропагандниот видео-спот). Како нови автопати се ставени Демир Капија – Смоквица, Миладиновци – Свети Николе – Штип, но и двата беа почнати од претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ, а завршени од актуелната на СДСМ.

И покрај ова, Радио Слободна Европа делумно „ја уважува“ листата на Владата, истакнувајќи дека Владата на Заев изградила 120,7 км нови патишта:

„За време на мандатот на Заев кој ја предводеше Владата на СДСМ до 2022 година освен автопатот Миладиновци – Свети Николе – Штип, беа изградени и експресниот пат Штип – Радовиш , како и делницата Штип – Крупиште и регионалните патишта Опае – Белаковце – Станчиќ и Старо Коњарево – Ново Коњарево. Вкупно, зад Владата на Заев може да се запишат 120,7 километри нови патишта.“

„Вистиномер“ констатира дека новоизградени патишта во изминатите пет години се помалку од 70 километри

Многу попрецизна и подетална е анализата на „Вистиномер“, во која се дава следниот заклучок:

„Вистиномер“ побара од Владата попрецизна информација кои патишта се изградени во споменатиот период од пет години, а на листата што оттаму ни ја испратија има автопатски делници, експресни и регионални патишта, но и локални улици, патчиња и сокаци од по стотина метри. Се забележува дека главно се работи за рехабилитации, реконструкции, санации, а само неколку се новоизградени патишта, вкупно стотина километри во последните пет години“.

Во анализата „Вистиномер“ констатира дека новоизградени патишта во изминатите пет години се ПОМАЛКУ ОД 70 КМ, А НЕ 1.300 КМ, како што тврди премиерот Ковачевски во пропагандниот видео-спот.

 „Според прегледот што го добивме од Владата, СДСМ може да се пофали со скромна изградба на нови патишта во петте години откако се дојдени на власт. Станува збор за помалку од 70 километри, поточно 68,8 км... Тоа се експресниот пат Штип – Радовиш, фаза 1 –  23,5 километри, пуштен во употреба 2021 година и фаза 2 – 16,9 километри (2022), експресниот пат Штип – Кочани, делницата Штип – Крупиште долга 14,3 километри пуштена во сообраќај во 2020 година и делницата Крупиште- Кочани со 13,7 километри (2022).

Токму ова пребројување на новоизградените патишта во изминатите пет години ја демаскира лажната вест од видео-спотот која ја пласира премиерот Ковачевски!

„Вистиномер“ за разлика од Радио Слободна Европа ја објавува и листата добиена од Владата за изградени патишта во изминатите пет години:

Листа за изградени патишта во изминатите пет години (Извор: Влада)

Од листата може да се види дека на неа фигурираат и автопатот Демир Капија – Смоквица, како и автопатот Миладиновци-Свети Николе – Штип, почнати во времето на Владата на ВМРО-ДПМНЕ и пуштени во употреба за време на Владата на Зоран Заев, но и регионалните патишта Старо Коњарево – Ново Коњарево, како и Скопје – Сончев град, долг 4,4 километри, кој почнал да се гради и речиси целосно е завршен во времето на ВМРО-ДПМНЕ, но сè уште не е пуштен во употреба.

„Вистиномер“ објавува и дополнителна листа на реконструирани локални патишта и улици во 2022 г. за да илустрира дека Владата ги брои и нив во споменатите 1300 км, но такви бројки нема за другите години.

Листа на реконструирани локални патишта и улици во 2022 г. (Извор: Влада)

Од листата доставена од Владата до двата медиуми очигледно не може да се види точна бројка на реконструирани и рехабилитирани патишта, локални улици и сл.

Но, тоа што не го објавува Владата и не го доставува до медиумите, го прави владеачкиот СДСМ. Сеопфатна листа на „рехабилитирани и изградени регионални, локални и автопатишта, во вкупна должина од над 1.300 километри, од 2017 до 2022 година“ со вкупно 200 патни делници објавува СДСМ во соопштение од 28.01.2023. Од листата може да се види дека главно станува збор за реконструкции, обнови, санации и рехабилитации на патиштата во Македонија, меѓу кои има и новоизградени експресни и локални патишта.

Од двете медиумски анализи, од соопштението на СДСМ, како и од изјавите и интервјуата на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, станува јасно дека 1.300 километри нови патишта во текот на изминатите пет години не се изградени, како што се фали премиерот во видео-спотот!

Да заклучиме. Владиниот пи-ар секогаш треба да го примаме со резерва зашто информирањето на јавноста за постигнатите успеси и резултати на Владата главно се користи за кревање на нејзиниот политички рејтинг и нагласување на успесите во споредба со оние на политичкиот противник. Во таа политичка битка се користат и лажни вести со кои граѓаните можат да бидат доведени во заблуда. Медиумите и новинарите имаат критична улога во разобличувањето на ваквите лажни вести, се разбира доколку професионално и одговорно си ја завршат својата работа.

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Злоупотреба на ПР-алатките

ПР-от по правило се користи за да ги нагласува, да ги афирмира добрите страни и успеси, а да ги крие лошите и неуспесите, ама при афирмацијата на успесите не смее да се служи со невистини.

Мешање баби и жаби

Се користи изразот „нови 1300 км патишта“ за се што е направено, а нови се само 13 км. Таа бројка од 1300 км може евентуално да важи за вкупно изградени нови, реконструирани и рехабилитирани стари патишта, завршени веќе започнати патишта, локални улици и сокачиња итн. итн. Но и тоа за вкупно патишта гледаме дека се оспорува бројката од 1300 км.

Китење со туѓо перје

Прикажување на туѓиот успех како сопствен, познато како китење со туѓо перје. Во случајов, во 1300 км патишта, премиерот и неговиот пи-ар ги вбројува и патиштата што ги направила или барем во добар дел ги изградила претходната власт.