Антички мумии на вонземјани од пустините на Перу 

Најголемите мистерии на човештвото се особено плодна почва за производство и ширење лажни вести. Непознатото и таинственото отсекогаш ја скокоткале човековата љубопитност и фантазија, а една од најголемите мистерии секако е онаа за посетите на вонземјаните и блиските средби со неидентификувани летечки објекти. Впрочем, веројатноста дека во огромниот универзум од илјадници милијарди ѕвезди и трилиони планети што орбитираат околу нив, нашата планета Земја е единствената на која се развил живот, е навистина обесхрабрувачка. Ни изгледа речиси невозможно, освен во строгите библиски приказни за настанокот на светот и човекот, никаде во вселенскиот бескрај, освен овде, на нашата Дуња, да нема живи суштества. Ова дотолку повеќе што научниците од НАСА постојано откриваат т.н. егзопланети во нашата галаксија, слични на земјата, кои со оглед на хемискиот состав и можното присуство на вода, како и оддалеченоста од своите ѕвезди (сонца), би можеле да поддржуваат живот.

На интернет има голем број сајтови каде што се објавуваат сведоштва за блиски средби со неидентификувани летечки објекти (UFO sightings) или со вонземјани. Очигледно, луѓето не престанува да ги вознемирува прашањето дали постојат напредни цивилизации кои развиле технологија да патуваат со светлосна брзина низ универзумот и дали некогаш ја посетиле или сè уште ја посетуваат Земјата.

Од научно-фантастичните романи и маштабната холивудска продукција, преку фантастичната теорија на Ерик Фон Деникен за посетите на вонземјаните во антиката, кои за домородците биле богови бидејќи се симнале од небото, потоа разните археолошки пронајдоци на пештерски цртежи на вселенски летала и вонземјани стари илјадници години и други археолошки артефакти опишани во фасцинантната серија „Антички вонземјани“ (Ancient Alliens) на „History Channel“ (19 сезони и 186 епизоди), па сè до сведоштвата на поранешните американски воени пилоти за блиски средби со неидентификувани летечки објекти, вонземјаните се наша паралелна, таинствена, посакувана, а понекогаш и застрашувачка хиперреалност.

Во служба на политиката

Од епска и митолошка, таа хиперреалност станува дури дел и од политичкото секојдневие. Ова поради фактот што едно од главните тврдења на „уфолозите“ е дека властите намерно ги кријат информациите за посетите на НЛО и вонземјаните за да спречат паника кај населението или со користење на нивната напредна технологија да стекнат предност во трката за воена надмоќ.

Американскиот претседател Бил Клинтон во едно ТВ интервју во јуни 2022 г. изјави дека за време на својот мандат покажал сериозен интерес за разоткривање на досијеата на американските тајни служби во врска со евентуалните докази за постоењето вонземјани или за блиски средби со неидентификувани летечки објекти. Особено дал наредба да се проверат приказните за Областа 51 (Area 51) во пустината во Невада, која со децении служеше за тестирање на супер модерни воени авиони (У2 и А12) на американската армија, поради што се разви цела теорија за Областа 51 како за истражувачки центар на наводно срушени НЛО-а и заробени вонземјани. Клинтон притоа изјави дека не нашле докази за НЛО-а и вонземјани во Областа 51.

За инцидентот во Розвел, Њу Мексико, пак, во 1947 г., кога наводно паднало НЛО во форма на диск, што предизвика разни конспирациски теории во САД, иако армијата потоа информираше дека е во прашање балон за атмосферски испитувања, Клинтон исто така рече оти по детална истрага констатирале оти нема докази за ништо сомнително.

Откако Пентагон во 2021 г. објави видео, каде што со авионски радари пилотите забележале, како што ги именуваа „неидентификувани воздушни феномени“, со невообичаени насоки и брзина на движење, екс претседателот на САД Барак Обама коментираше: „Она што е вистина, а јас сум многу сериозен за ова, е дека има видео и снимки од објекти во небото за кои не знаеме што точно претставуваат“.

Актуелниот претседател на САД Џо Бајден, пак, лани посвети цело обраќање за неидентификуваните летала што ги собори американската армија, за кои подоцна се покажа дека се од кинеско потекло и дека станува збор за балони – според обвинувањата од САД за шпионирање, а според официјалните кинески власти – за испитување на атмосферските прилики.

Кулминација на интересот за НЛО беше во јули лани, кога во Конгресот на САД се одржа сослушување на тројца пензионирани воени ветерани, кои ги пренесоа своите сведоштва за блиски средби со „неидентификувани воздушни феномени“ и изразија загриженост за безбедноста на САД, пред се поради сокривањето и забошотувањето на овие информации од американските безбедносни служби и од армијата. Еден од воените ветерани во улога на свиркач сведочеше дека постои тајна програма на Владата за пронаѓање срушени НЛО-а и за испитување на нивната технологија, изјавувајќи дури дека САД пронашле и биолошки материјал од нечовечко потекло на местата каде што тие се урнале. Но, Пентагон веднаш ги негираше овие тврдења.

Сепак, она што се случи на 12 септември лани, во конгресот на Мексико, може да се карактеризира како настан без преседан, при што за првпат во официјална институција на една држава беа презентирани остатоци од антички мумии, за кои се тврди дека не се човечки.

Во текот на презентацијата, мексиканскиот новинар Хаиме Маусан, кој е истражувач на НЛО феномените, во придружба на воениот доктор Хозе де Хезуз Залце Бенитес, како и соработникот истражувач Џоис Мантиља, претставија две калцифицирани тела поместени во ковчежиња високи шеесетина сантиметри, слаби по конституција, со сивкаста кожа и големи издолжени глави, како и со по три прсти на рацете.

Во септември лани во Мексико за првпат во официјална институција на една држава беа презентирани остатоци од антички мумии

Тие изнесоа тврдење дека ДНК анализите покажале оти овие тела не се човечки. Според Маусан, телата се пронајдени во пустините во Перу, помеѓу градовите Палпа и Назка, во месноста Куско во 2017 г., во т.н. дијатомиски рудници, каде што со помош на една алга што вирее таму останале зачувани со векови. Научниците од Националниот автономен универзитет во Мексико, кои успеале да извлечат примероци од ДНК, со помош на датирање со јаглерод 14 докажале дека телата се стари околу 1000 години. Маусан информираше дека 30 отсто од нивната ДНК е непозната за човекот.

Д-р Бенитес, пак, во својата презентација направи детална анализа на телото и скелетот на една од мумиите. Тој објасни дека телото на овие хуманоиди покажува целосна хармонија и усогласеност со врзивните ткива, дека има многу силни, но лесни коски, како оние на птиците, издолжена глава со голем празен простор каде што очигледно имало голем мозок, големи дупки за очи, што значи дека суштеството имало широка визија, потоа многу мали ноздрви и усна шуплина со отсуство на заби, што значи дека се хранело со голтање, а не со џвакање…

„Во утробата, во празнината на абдоменот, може да се забележи присуство на три јајца за репродукција… Исто така, можеме да забележиме мускулни контракции, тетиви, лигаменти и крвни садови, како и други можни органи кои треба да бидат дефинирани со натамошни студии… Дланките на хуманоидот имаат по 5 коски со три прсти, без палец… Со набљудување на микроскоп најдовме отпечатоци од прсти кои се од особен интерес, бидејќи поголемиот дел од примероците на оваа планета имаат брановидни или кружни отпечатоци, а отпечатоците од овие примероци се целосно прави и линеарни во хоризонтална форма… Некои од овие тела имаат метални импланти кои се совршено прицврстени во кожата и кон површината, правејќи многу импресивна биофункционална фузија. Овие импланти се легури на различни метали, меѓу кои се издвојуваат осмиумот и кадмиумот. Истите оние кои во моментов се користат за сателитски телекомуникации…  ДНК анализата, откако беше споредена со повеќе од милион регистрирани видови, откривме дека постои значителна разлика со она што ни е досега познато… 70 % од генетскиот материјал се совпаѓа со она што е познато, но има разлика од 30 %. Додека, пак, човекот во споредба со приматите има диференцијација на ДНК помала од 5 %… Овие студии и резултатите се објавени и достапни за секој кој сака да ги анализира или да им даде континуитет. Прифаќаме дека има уште многу да откриеме и ние сме отворени!“.

Новинарот Маусан пред членовите на мексиканскиот конгрес инсистираше дека станува збор за сериозни докази за досега непознати суштества за науката.

„Овие примероци не се дел од еволуцијата во нашиот свет. Тие не се пронајдени во остатоци од срушено НЛО, туку се фосилизирани остатоци од дијатомиски рудник… Ова е кралицата на сите докази… Значи, ако ДНК ни покажува дека тие не се човечки суштества и дека нема ништо на светот што личи на нив, тоа треба да го земеме како факт. Јавноста има право да знае за постоење суштества и технологии кои не се човечки. Не сме сами во огромната вселена, треба да ја прифатиме оваа реалност“. Сепак, Маусан предупреди дека се уште не ги именува мумиите како „вонземјани“.

Сензационалната вест ги зовре социјалните мрежи, но и мејнстрим медиумите ширум планетата. Фотографии од мумиите на „малите сиви вонземјани“ го преплавија онлајн просторот и ТВ екраните.

Стари приказни се актуелизираат со нови датуми

Но, веднаш по несекојдневната презентација се огласија и научниците, како и многу други медиуми и истражувачи кои имаат оправдани сомневања за ова откритие.

Рафаел Бојалил – Пара, директорот во Националниот автономен универзитет во Мексико Сити, за „Live Science“ на 14 септември изјави дека станува збор за комплетна бесмислица. „Тоа што нашиот конгрес им дава форум на овие самонаречени „уфолози“ е рефлексија од антинаучното расположение што денес преовладува во нашата земја“. Д-р Бојалил – Пара демантира дека ДНК тестови биле направени врз телата на мумиите на неговиот универзитет, а тестирање со јаглерод 14 за определување на староста на телата било направено во 2017 г., но универзитетот поради комерцијален договор не може да ги открие резултатите.

Сепак, според научниците, тестирањето со јаглерод 14 е целосно бескорисно, ако овие тела навистина им припаѓаат на вонземјани. Според Дејвид Андерсон, професор по антропологија од Редфорд универзитетот во Вирџинија, САД, за да може да се определи староста на вонземни суштества преку тестирање со јаглерод 14, би требало да знаеме какво е нивото на продукција на јаглерод 14 (C 14) на нивната планета, а не на земјата.

Џулиета Фиеро од Институтот за астрономија на Автономниот национален универзитет во Мексико за „Индепендент“ изјави дека многу изнесени детали за телата немаат никаква смисла.

„Маусан и неговите соработници тврдат дека мојот универзитет ги поддржал нивните откритија, но тоа е лага. Освен тоа, потребна е многу понапредна технологија од рендген, за да се утврди дали калцифицираните тела не се човечки. Маусан прави разни нешта, а наведуваше исто така дека зборува и со девицата од Гвадалупе. Ми рече дека вонземјаните зборуваат со него, а не со мене, затоа што јас не верувам во нив.“

И морнаричкиот пилот Рајан Грејвс од САД, кој исто така присуствуваше на сослушувањето во мексиканскиот конгрес, беше видно разочаран. Грејвс редовно зборува за опасноста од неидентификуваните летечки објекти, а во јули годинава беше еден од тројцата кои сведочеа во американскиот конгрес. Ден по настанот во мексиканскиот конгрес, тој на X (твитер) социјалната мрежа објави:

„За жал, презентацијата во вторникот беше голем чекор назад… Ќе продолжам да работам на зголемување на свеста за неидентификуваните летечки феномени како итна задача во безбедноста на воздухопловството, националната безбедност и науката, но длабоко сум разочаран од оваа непоткрепена местенка!“

Научниците веднаш изразија сомнежи во вистинитоста на „претставата“ во мексиканскиот парламент

Впрочем, најголемиот проблем за веродостојноста на тврдењата на новинарот истражувач Маусан и неговите соработници е токму тоа што во 2017 овие мумии како откритие исто така биле презентирани пред јавноста, од истите луѓе, како антички мумии од непознато, нечовечко потекло кои се пронајдени во пустината во Перу, а научната јавност тогаш ја негирала нивната автентичност.

Како што пишува магазинот „VОX“ на 16 септември 2023, во текстот „Вистинската приказна на лажните отпакувани вонземјани е подива од вистинските мумии“, зад целата работа се крие голема измама.

Уште во февруари 2017 г. се појавил т.н. „Проект Вонземјани“, со вебстраница и прес-конференции за т.н. „мумии од Назка“. Проектот требало преку екстензивна научна анализа (ДНК и јаглерод 14) да го докаже потеклото на телата и мумифицираните органи пронајдени во Перу, во јануари 2016 г. Зад целата работа стоел извесен Тиери Жамин, француски истражувач, кој се претставува како археолог, но нема диплома. Тој е човекот кој ги „обезбедил“ мумиите кои се појавија и во мексиканскиот конгрес. Жамин собрал група самонаречени експерти, уфолози, со лажни докторати од сомнителни универзитети, кои всушност биле измамници и преку „краудфандинг“ успеале да соберат 42.000 долари од 1.000 лековерни граѓани кои ја финансирале нивната авантура. Нему му се придружил и Хаиме Маусан, мексикански новинар, НЛО ентузијаст, кој е познат по ТВ сериите за теории на заговор „Третиот милениум“ кои ги емитува на ТВ Ацтека во Мексико, а неговиот Јутјуб канал кој шири теории на заговор имал над 1 милион посетители.

Во листата измами на Маусан е презентацијата на божем непознато суштество наречено „Метепек“ (Metepec Creature) за кое се докажало дека е мајмун, потоа наводно открил „ѓаволска самовила“ („demon fairy“) што всушност било некаква ракотворба составена од тело од лилјак, дрвени стапчиња и специјален лепак направен за измама (го продал за 10.000 долари!). Маусан е познат и по тоа што прикажувал фотографија од наводен вонземјанин од инцидентот во Розвел, за која се испоставило дека е мумија од двегодишно момче. Мексиканскиот новинар поради своите „откритија“ се наоѓа на НЛО „вочдог“ листата на Куќата на срамот (UFO List Hall of Shame).

Во 2017 г. Маусан снимил и серија од неколку видео епизоди за пронајдените мумии, со наслов „Откопувањето на Назка“ (Unearthing Nazca), кои се емитувани на Gaia.com, веб-страница што емитува приказни со заговорнички теории.

Дека овие мумии еднаш веќе презентирани како големо археолошко откритие, но широко дискредитирани од меѓународната научна јавност, пишува и научниот магазин „Wired“ во текстот за презентацијата во Мексиканскиот конгрес со наслов „Не, ова не е вонземјанин, еве зошто“ од 14 септември 2023 г. Магазинот тврди дека мумиите се преправани, манипулирани, и потсетува дека Светскиот комитет на студии за мумии нив веќе ги опишал како измама, нарекувајќи ги „неодговорна организирана кампања на дезинформации“.

„Јасно е дека овие мумии, големите, се пред-колумбиски човечки битија кои се модифицирани за комерцијални цели, а претпоставените малечки мумии се структури кои се составувани од различни делови“, изјавил за весникот „Ел Комерцио“ Гвидо Ломбарди, физички антрополог кој ги проучувал мумиите во Перу.

Креирани за замајување на јавноста

Флавио Естрада, форензички археолог кој ги анализирал мумиите во Институтот за Правна медицина и форензички науки на Јавното министерство во Перу, изјавил дека остатоците од наводните вонземјани (малите мумии) „се креација направена од животински и човечки коски составени со синтетички лепак кои потоа биле покриени со лажна кожа“.

Ендрју Нелсон, шеф на катедрата за антропологија на универзитетот во Западно Онтарио во Канада, за ова вели:

„Тажно е да се види дека одамна разобличените тврдења на Хаиме Маусан повторно се популарни. Телата се разобличени на основа на анатомијата, затоа што истражувањата покажаа дека станува збор за човечки мумии врз кои дополнително е манипулирано да делуваат вонземно. Маусан тврди дека има скенови, ДНК докази и дека телата се датирани со јаглерод, но ништо од тоа не и го покажал на научната заедница за да го анализира…“

Всушност, палеонтологот Родолфо Салас Гизмонди, стручњак од универзитетот Каетано Хередија и Музејот за природна историја во Лима, во 2017 г. објави и студија од анализа на едно од пронајдените тела. Во студијата се констатира дека „трите прста на раката на мумијата се резултат на отстранување на коски (фаланги и метакарпали) од палецот и малиот прст, а прстите изгледаат издолжени, бидејќи кожата е исечена по должината на дланката. Стапалата на мумијата, исто така, претрпеле осакатување на палецот и малиот прст, а сечењето на кожата и мекото ткиво зад прстите создало стапало со исклучително долги прсти, без унифицирана потпора, функционално бескорисно и еволутивно бесмислено. Бескорисно, затоа што на ова стапало му недостасува еден прст, најголемиот кај луѓето, кој дава импулс за одење. Без овој прст и со остатокот од анатомијата еднаква на онаа на човекот, ова суштество не би можело да оди“, тврди палеонтологот.

Научниците тврдат дека остатоците од наводните вонземјани (малите мумии) се креација составена со синтетички лепак и лажна кожа

Новинарот Маусан за „Лајв сајанс“ вели дека е точно оти телата се првпат пронајдени и презентирани во 2017 г., но оттогаш врз нив се направени дополнителни анализи со кои е докажано дека се вонземски. Сепак, Маусан во Мексиканскиот конгрес ги презентираше само двете малечки мумии, а анализата која ја направија д-р Бенитез и истражувачот Монтиља во текот на презентацијата, се однесува на други мумии, Викторија, Марија… кои и се прикажани на јавноста во 2017 г. Инаку, според видео-епизодите од „Откопувањето на Накза“ на новинарот Маусан, пронајдени се и анализирани повеќе мумии, кои тимот истражувачи ги крстиле со имињата: Алберто, Џозефина, Марија, Вавија, Маурицио, Викторија…

Во „Откопувањето на Накза“ новинарот Маусанприкажува остатоци од повеќе мумии на кои им даваат и имиња

И покрај брзиот одговор на научната јавност и отфрлањето на наводното несекојдневно откритие во Мексиканскиот конгрес, д-р Салцез Бенитез на 19 септември 2023 г. повторно излезе со видео од дополнително тестирање на мумиите направено во друга независна лабораторија. Во видеото изнесе тврдење дека со помош на три вида тестирање, со компјутерска томографија, рендгенска снимка и флоуроскопија на структурата на скелетот на овие тела, повторно се докажало дека не се составени од различни делови, како што обвинуваат некои од научниците. Според д-р Бенитез и черепот на овие мумии се совпаѓа во својата единственост и структура и има континуитет со вратот, односно нема докази за какво било склопување или манипулација со него, како што се тврди.

Во специјална презентација мексиканскиот доктор ја убедува јавноста дека мумиите не се констукција

Па сепак, клучниот проблем на ова откритие, според научниците, е што Маусан и неговите соработници никогаш во текот на нивното наводно истражување на потеклото на мумиите, нивната старост и телесна структура, не поканиле да учествуваат и реномирани научници. Без учество и потврда на официјалната наука, без рецензија (peer review) на научните резултати, ваквите откритија секогаш ќе останат во доменот на шпекулациите. За жал, кога е во прашање Маусан, и на измамите!

„Ќе беше добро да поканеа научници“, вели Џулиета Фиеро, физичар, астроном и научен авторитет за „Wired“…„…научници кои трагаат по вонземен живот, ама и такви кои се занимаваат со генетска антропологија… но тие не беа вклучени. Не само тоа, требаше да го поканат и амбасадорот на Перу. Можете да замислите што значи тоа дека „вонземјани“ се откопани во Перу, а тие ги донеле во Мексико и не канат претставници од Перу, ужасно! Како поминале на царина!?“

Впрочем, еден од најсериозните проблеми на откритието е што не се знае точно и кога се откопани остатоците од овие мумии. Без официјални податоци од ископувањето, што би биле верифицирани од присутните археолози, не може бланко да им се верува дека се во прашање автентични, а не откопани, па отпосле преправани тела од мумии. Иако новинарот Маусан и неговиот тим велат дека мумиите се пронајдени и откопани во јануари 2016 г. во Накза пустината, во месноста Куско, всушност тие не се дел од официјалните археолошки ископувања или музејски институции во Перу. Очигледно, станува збор за диви копачи на археолошки локалитети, што е класична кражба на националното богатство на оваа јужноамериканска држава.

Да заклучиме, иако има илјадници сведоштва за средби со чудни феномени на небото, појава на НЛО-а и наводни посети на вонземјани, денес или во антиката, кредибилна потврда за тоа од науката и од задолжените институции досега нема. Се разбира, широко е распространето верувањето дека во вселената не сме сами и тоа не е воопшто бесмислено и е поддржано од најшироката научна заедница што ја проучува вселената. Еден ден секако ќе најдеме докази за тоа. За жал, светот е полн со измамници кои бркајќи брза слава и се разбира, профит, ја експлоатираат оваа мистерија која не остава рамнодушен ниту еден човек на планетата. Но, на лагата и се кратки нозете, иако, за волја на вистината, лажните вести поврзани со мистерии од ваков калибар, тешко се демантираат. Секогаш има луѓе кои сакаат да веруваат во мистерии!

 

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Измислување докази

За да ја докажат теоријата на заговор, оние што ја пласираат, измислуваат и фалсификуваат докази чија проверка не е тешка, но сепак е потребно да побарате прецизни информации, за што многу луѓе ниту имаат време, ниту пак волја да пребаруваат. Во случајот на земјотресот во Турција, како доказ дека е вештачки предизвикан, лиферувана е измислица дека земјотресот немал епицентар, туку линија на потреси. Тоа, се разбира, е безочна лага, зашто епицентарот бил лоциран 37 километри северозападно од градот Газиантеп. Измислено е и дека секој нареден потрес, афтер-шок, бил посилен од првиот удар, 7,8 степени по Рихтер, што е груба невистина. Сите афтер-шокови биле со помал интензитет! 

Злоупотреба на авторитети

За продажба на истиот чај „Паразол“ во лажна реклама се јавува и имунологот д-р Вело Марковски.

Измамниците со лажни лекови ги злоупотребуваат и имињата на д-р Сашко Кедев, кој, пак, препорачува средство за намалување на притисокот, д-р Никола Тодоров, поранешен министер за здравство, но не е лекар, а рекламира маст против габична инфекција!

Д-р Арбен Таравари, кој е невролог, но рекламира производи што ќе ви помогнат брзо да ослабите...

Сите тие постојано ги демантираат лажните вести и злоупотребата на нивниот авторитет. За жал, повеќе од една година од истрагата на МВР се уште нема никаков резултат.

Маркетинг трикови

Во продажбата на лажните лекови вообичаено се користат познати трикови од онлајн маркетингот.

„Само во оваа прилика лекот може да го добиете по половина цена!“

„Побрзајте, купете го во следните 24 часа или понудата ќе исчезне!“.

„Количините се ограничени и јавете се веднаш, нашите оператори ве очекуваат“…

Се разбира, ако чајот сакате да го купите по редовна цена, нема таква можност, ниту пак понудата ќе исчезне!

Игнорирање на мејнстрим науката

Ако некој тврди дека открил нешто спектакуларно, а откритието може да се докаже со научна експертиза, логично е да им дозволи на врвните експерти од областа да го потврдат неговото откритие. За да ја убедат јавноста дека нивните сензационални откритија се автентични, во трката по лесно заработени пари и светска слава, измамниците умеат да се повикаат и на авторитети од соодветната област. Се разбира, важно е да го провериме и кредибилитетот на авторитетите. Сепак, секое наводно откритие кое ја игнорира мејнстрим науката, дотаму што тенденциозно ги исклучува највисоките научни и академски авторитети од можноста тие да ги проверат резултатите од истражувањето и да ги утврдат фактите во врска со откритието е сигнал за сомневање дека е во прашање измама – лажна вест.