Лагите на екстремната популистичка десница

Лагите и лажните ветувања во политиката се секојдневие со кое се соочуваме постојано, особено во земјите со кревка демократија, но со раѓањето на десниот радикален популизам на европско и на глобално ниво, големите популистички лаги стануваат „мејнстрим“ и во земјите каде што демократијата е вкоренето, долгодецениско или вековно искуство.

„Голема лага“ е пропагандна техника, која за првпат ја спомнува Адолф Хитлер во „Мајн Кампф“, каде што вели „Големи народни маси… полесно ќе станат жртви на голема лага отколку на мала“. Односно, доколку некоја ноторна лага постојано се повторува и се третира како да е сама по себе вистинита, народот ќе ја прифати и нема да ја доведува во прашање. На тој начин на нацистичката пропаганда ѝ успеа да ги обвини Евреите за сите проблеми на Германија, комунизмот ја обвинуваше „буржоазијата“ за сите проблеми на работниците, а денес популистите ги обвинуваат бегалците и имигрантите за сите проблеми со кои се соочуваат општествата во Европа и САД.

Во оваа смисла, индикативна е следната мисла на отецот на пропагандата, Јозеф Гебелс: „Ако кажете доволно голема лага и постојано ја повторувате, луѓето на крајот ќе веруваат во тоа. Лагата може да се одржи само додека државата може да го заштити народот од политичките, економските и/или воените последици од неа. На тој начин, за државата станува од витално значење да ги користи сите нејзини овластувања за да го потисне отпорот, бидејќи вистината е смртен непријател на лагата, и на тој начин, вистината е најголемиот непријател на државата“. 

Се разбира, секогаш е присутна опасноста еден режим кој се потпира на големи лаги да премине во фашизам и во отворена диктатура чии последици можат да бидат трагични, но денешните европски демократски општества сепак имаат механизми да ги зауздаат екстремните десничарски популисти, да не доведат фашизам на власт. Во Грција, на пример, беше забранета отворено профашистичката „Златна Зора“, а за време на владеењето на Партијата на слободата на Јерг Хајдер, Австрија беше сериозно санкционирана од Брисел. Минатата деценија сведоци сме на редовни суспензии и казни на Унгарија од страна на ЕУ, ускратување на финансиската помош од европските кохезиони фондови, поради авторитарните практики на владеење на унгарскиот премиер Виктор Орбан, чија десничарска агенда ги загрозува независноста на судството, слободните медиуми и човековите права.  

Впрочем, последната деценија и во земјите на либералната демократија во Европа дојде до силен пораст на радикалната популистичка десница која во својот подем кон власт ги користи токму лагите и лажните вести.  

Зошто расте екстремната десница?

Причините за порастот на екстремната десница во Европа се тема за поширока анализа. Сепак, тие најмногу се потпираат на фактот дека мејнстрим политичките елити не успеваат да ги решат наталожените економски проблеми со кои се соочуваат се повеќе граѓани на европските општества, многу луѓе остануваат на општествените маргини обесправени и социјално дискриминирани, владеачката политичка елита сè помалку умее да ги менаџира проблемите на сиромаштија, глад, етнички судири во економски помалку развиените делови од земјината топка, а згора на тоа и десните и левите умерени власти во Европа ги занемаруваат и културните, традиционалните и идентитетските потреби на сопствените граѓани. 

По светската економско-финансиска криза, војните на Блискиот Исток и т.н. Арапска пролет, односно распаѓањето на авторитарните држави во Арапскиот свет кое доведе до големи мигрантски бранови кон Европа и пораст на тероризмот, како и пандемијата со коронавирусот која остави трагични последици врз здравјето на граѓаните, но исто така и врз демократијата и граѓанските слободи, европската политичка мапа почна сериозно да се менува во корист на екстремната популистичка десница.

Марин Ле Пен станува една од доминантните политички фигури во Франција (Извор: Франс 24)

Во Франција на последните неколку изборни циклуси Националниот собир на Марин Ле Пен освојува се повеќе гласови и станува една од доминантните политички сили во државата, во Италија на минатите избори победи популистичкото движење Италијански браќа на Џорџа Мелони и формираше влада со други екстремно-десничарски партии, Алтернатива за Германија (АФД) води во анкетите во три германски покраини од истокот, каде што годинава ќе се одржат избори, но исто така и на национално ниво почнува да преминува во водство пред социјалдемократите, па годинава дојде до масовни демонстрации за забрана на оваа партија, која со своите идеи за депортација на мигрантите потсетува на времето на нацизмот. Во Холандија, за првпат, лани најмногу гласови на изборите освои анти-исламистичката Партија за слободата на Герт Вилдерс, која е отворено за протерување на имигрантите. Во Словачка на власт се врати десничарскиот популист Роберт Фицо… Прогнозите се дека екстремната десница на европските избори во јуни ќе победи во девет земји на ЕУ, а во шест ќе биде втора, поради што и изгледот на Европскиот парламент ќе биде поинаков. 

Десниот радикален популизам во земјите членки на ЕУ се потпира на неколку пропагандни наративи, кои неговите политички шампиони, чиј најеклатантен претставник е унгарскиот премиер Виктор Орбан, ги воздигнаа на ниво на догма.  Меѓу нив се загрозеноста на европските нации и нивната христијанска култура и начин на живот од мигрантите од Африка и Азија, претежно од исламска вероисповед, како и опасноста од ширење на тероризмот, потоа стравот од губење на суверенитетот на нацијата во ЕУ, поради наметнување глобалистички економски, политички и културни стандарди од страна на светската либерална елита и бриселската технократија, опасноста од губење на семејните и религиски вредности преку форсирање на правата на геј-популацијата, посвојувањето деца од ЛГБТ партнери, промовирањето неутрален родов идентитет итн.

За жал, иако може да се најде разбирање за овие пропагандни догми на десниот популизам, станува збор за вешто спакувани лаги или полувистини, со кои се манипулира со гласовите на граѓаните, а поголемиот проблем е што екстремната популистичка десница со доаѓањето на власт (Унгарија) ги загрозува граѓанските слободи и демократијата, го заробува судството, ги задушува слободните медиуми, владее коруптивно и криминално… 

Популизам – народот против елитите

Порастот на радикалната десница, меѓу другото, се должи и на нејзината политичка комуникација со граѓаните. Во основата на таа комуникација е популизмот, кој главно нема идеолошка боја, зашто го користат и левицата и десницата, но на европско тло најчесто го злоупотребува радикалната десница. 

Популизмот, како што вели Каш Миде, холандски политички теоретичар кој ги истражува популизмот и екстремизмот, е систем од идеи кои се фокусирани на фундаментална спротивставеност помеѓу народот и елитите. Според него, идеологијата на популизмот смета дека општеството е дефинитивно поделено на две хомогени и антагонистички групи: „Чист народ“ и „корумпирана елита“, при што политиката треба да биде израз на општата волја на народот. Главните елементи на популизмот се монизмот и морализмот – и „народот“ и „елитите“ делат исти интереси и вредности, но разликата е во нивниот морал – народот е „чист“, а елитите се „корумпирани“. Популистите тврдат дека само тие го претставуваат народот, додека елитите ги претставуваат „специјалните интереси“. Пародаксален пример на популист е ексамериканскиот претседател Доналд Трамп, кој, иако е мултимилијардер и следствено и припаѓа на најбогатата американска бизнис елита, освојува десетици милиони гласови токму на приказната дека го застапува народот против „корумпираните елити“. 

Со помош на ширење полувистини, а често и со отворени лаги, десните радикални популисти се обидуваат, а најчесто и им успева, да привлечат широки народни маси зад своето политичко движење.

Пародаксален пример на популист е ексамериканскиот претседател Доналд Трамп, кој иако е припадник наа елитата, лови народни гласови на популизам (Извор: Конверзејшн)

Кога станува збор за земјите членки на Европската унија, десничарските популисти се многу радикални во својата реторика и во политичкиот наратив, од јавно застапување за излегување на нивната земја од Европската унија по примерот на Велика Британија, преку ветувања за депортација на мигрантите кои ги загрозуваат христијанската култура и начин на живот, до закони за забрана на абортусот, укинување на граѓанските права и слободи и сл.  

Забележителен е, притоа, еден феномен, кој ја разоткрива нивната лажна популистичка матрица. Со тек на времето, кога ќе дојдат на власт, или кога ќе видат дека нивната радикална политичка агенда ги остава политички изолирани, за да опстанат, или за да се доберат до власт, тие ја менуваат политичката реторика, станувајќи допадливи и за поумерените европски граѓани кои се поблиску до десниот политички мејнстрим.

Сепак, тоа не значи дека влијанието на екстремната популистичка десница во Европа на тој начин се намалува. Напротив, може да се забележи дека сè повеќе европски влади кои се мејнстрим десничарски или во центарот, прифаќаат да завртат малку подесно, за да спречат радикализација. 

Стравот како инструмент за политичка манипулација 

Ширењето страв кај граѓаните од страна на екстремните популистички десничари е една од најексплоатираните техники на манипулација од арсеналот на теориите на заговор. 

Позната е антиимигрантската кампања на унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој уште во 2019 г. постави билборди низ Унгарија со фотографија од милијардерот Џорџ Сорос и тогашниот претседател на Европската комисија Жан Клод Јункер, со зборовите: „Ти исто така имаш право да знаеш што подготвува Брисел!“ (упатено до унгарските граѓани) и во продолжение: „Тие сакаат да воведат задолжителни квоти за населување; да ги намалат правата на земјите членки за одбрана на границите; да ја олеснат миграцијата со мигрантски визи“. Во некои од билбордите имаше порака Да не му овозможиме на Сорос последен да се смее“. Унгарскиот милијардер беше обвинет дека сака да ги искористи своето богатство и граѓанските организации за да насели 1 милион мигранти во Унгарија. Европската комисија во различни пропагандни пораки беше исто така обвинета дека сака да воведе и правило на имигрантите да им се плаќаат и пари за нивниот престој во земјите членки на ЕУ.

Позната е антиимигрантската кампања на унгарскиот премиер Виктор Орбан со анти- ЕУ билбордите (Извор: Ројтерс)

Се разбира, сето ова во ЕУ беше оценето како лага и теорија на заговор а во случајот на милијардерот Сорос, Евреин по потекло, и како антисемитска кампања. 

Портпаролот на Европската комисија Маргаритис Шинас, на прес конференција ќе изјави: „Шокантно е дека ваква налудничава теорија на заговор стана мејнстрим до ова ниво… Нема никакви планови за т.н. хуманитарни визи… Земјите членки на ЕУ решаваат до кое ниво сакаат да прифатат легални мигранти“.

Во октомври-ноември 2023 г., година ипол откако повторно победи на изборите во Унгарија, Орбан ја покрена старо-новата кампања на т.н. „национална консултација“ со граѓаните, која и порано ја користеше за да го билда рејтингот кај своите поддржувачи, зголемувајќи ја конфронтацијата со Брисел.  Во случајот станува збор за серија од 11 прашања до граѓаните кои се пристрасно формулирани за да го обвинат „Брисел“ или Европската унија за работи кои се полувистини. Прашалникот дава готови одговори во негативна или позитивна смисла кои граѓанинот треба да ги заокружи. Едно од прашањата, на пример, гласи: „Наместо ние да одлучуваме за себе, Брисел сака да определува со кого ќе живееме и кому му дозволуваме да влезе во нашата земја. Тие сакаат да не обврзат да им дозволиме на мигрантите да влезат во нашата земја пред нивните барања за азил целосно да бидат процесуирани. Ова ќе креира мигрантски гета и во Унгарија“. Следува изборот од два спротивставени одговори кој може да го заокружи граѓанинот: „Не смееме да дозволиме мигрантски гета да бидат изградени во Унгарија“ и „Миграциските планови на Брисел мора да бидат прифатени“

Друго прашање се однесува на финансиската помош од ЕУ за Палестинците. „Изминатите години Брисел им даде стотици илјади евра на палестинските организации. Дел од таа помош исто така отиде за терористичката организација Хамас. Во Европа, маси на имигранти ги славеа терористичките напади на Блискиот исток, и така тероризмот сега е закана за Европа како резултат на имиграцијата која ја охрабрува Брисел.“ Граѓаните можат да бираат одговор од следните два: „Заканата од тероризам значи дека Брисел треба да го запре финансирањето на Палестинците“ и „Брисел мора да продолжи да ги финансира Палестинците, и покрај терористичката закана.“ 

Мислења наместо факти 

Очигледно во објаснувањето на прашањата и во одговорите, покрај факти, изложени се и ставови, мислења кои властите сметаат дека се исправни. Поради тоа, речиси е невозможно испитаниците да не го заокружат „исправниот одговор“, зашто во спротивно ќе им се случи нешто лошо. Ако Унгарија во ЕУ гласа за продолжување на финансирањето на Палестинците, може да се случи терористички напад дома, поради што се подразбира каков одговор ќе изберат гласачите. Исто така, јасно е дека ниту еден Унгарец не би сакал Брисел да определува со кого ќе живеат граѓаните на Унгарија и кому ќе му дозволат да влезе во нивната земја, поради што Унгарците треба да гласаат против мигрантски гета. Сепак, опасност од мигрантски гета во Унгарија не постои, зашто земјите членки решаваат за бројот на мигранти кој ќе дозволат да влезе во нивната држава. Како што е ултратенденциозно да се поврзува помошта за палестинските организации со евентуален терористички напад во Европа.

Холандскиот десничарски екстремист Герт Вилдерс во 2007 г. објави писмо во весникот „Волкстрант“, каде што Куранот го нарече „фашистичка книга“ и побара да се забрани (Извор: Гардијан)

Стравот, како главно орудие за политичка мобилизација на гласачите, особено е присутен кај холандскиот десничарски екстремист Герт Вилдерс. Во 2007 г. тој објави писмо во холандскиот весник „Волкстрант“, каде што Куранот го нарече „фашистичка книга“. 

„Куранот е ‘Мајн кампф’ на една религија која има за цел да ги елиминира другите… Забранете ја оваа страшна книга на ист начин како ште е забранета ‘Мајн кампф’“.

Во 2008 г. Вилдерс сними 15 минутен документарец, „Фитна“, во кој директно го поврза исламот со тероризмот – давајќи истовремено сцени на сечење глави и сцени од нападите од 11 септември во САД, заедно со цитати од Куранот. За сето ова и за други свои коментари кои беа окарактеризирани како говор на омраза и дискриминација на исламската религија, на Вилдерс му беше судено во 2011 г., но тој беше ослободен. 

Се разбира, тој не престана да шири страв од исламот, како на пример во оваа изјава за „Вашингтон тајмс“ од септември 2012 г. : „Мораме заедно да се бориме против исламизацијата. Мораме да ја говориме вистината и да ја браниме цивилизацијата. Ако не успееме во тоа, ќе завршиме или поробени или мртви.“ 

Во 2018 г. партијата на Вилдерс во парламентот поднесе три закони за забрана на „исламското изразување“. Според текстот на законите, исламот е „насилна, тоталитарна идеологија“ и во нив се предлага забрана на џамиите, Куранот, исламските училишта и носењето „бурка“ и „никаб“ („никабот“ е целосна црна покривка врз лицето на жените, освен очите). 

Поради таквите свои потези и реторика, долги години Вилдерс има полициско обезбедување, зашто имал повеќе закани по неговиот живот.  

Се разбира, терористичките акти во Европа и на Блискиот исток, како и појавата на ИСИЛ, ги зацврстија фактите дека исламските радикални фундаменталисти се главните актери на тероризмот во светот. Сепак, зад обвинувањето на цела една религија за терористичка лежи намерата на Вилдерс да шири страв кај населението од луѓето со исламска вероисповед заради политички цели. 

Догмата на загрозените христијански и семејни вредности 

Вредностите на општеството се најкористениот наратив од страна на радикалната популистичка десница во Европа. Според овој наратив, последните 20 години во Европа и во САД дојде до експанзија на либералниот политички дискурс на полето на малцинските права, правата на геј-популацијата, женските права, додека традиционално конзервативните теми како семејните вредности, религијата, патриотизмот изгубија на значење.

Дури и конзервативната десничарска влада, како онаа на ЦДУ на Ангела Меркел во Германија, за да се приближи до политичкиот центар, воведе класични левичарски промени – дозволи геј-бракови, воведе квоти за жени во индустриските бордови, го укина служењето воен рок, ги затвори нуклеарките… Ова ги остави конзервативците во Германија без „политички покрив“, а одлуката на Меркел да прими милион бегалци од Сирија и Блискиот исток за време на мигрантската криза и војните во Арапскиот свет, дополнително ја засили екстремно десничарската Алтернатива за Германија. 

Класична кампања за вредности со години води Џорџа Мелони, лидер на партијата Италијански браќа, која победи на изборите во Италија во 2022 г. и формираше коалиција на десницата.

Џорџа Мелони во 2019 година настапи со говор кој остана запаметен по пораките (Извор: Гардијан)

Многу цитиран говор што ја вивна Мелони во политичките височини, е нејзиното обраќање на митинг во Сан Џовани во 2019 г., кое го започна со зборовите „Јас сум Џорџа, јас сум жена, јас сум мајка, јас сум Италијанка, јас сум Христијанка“

Со овие неколку моќни пораки, таа го нацрта вредносниот политички дискурс со кој ќе ја освојува Италија – грижата за семејството, љубовта кон татковината и христијанската религија, односно одбраната на овие вредности кои, според неа, се загрозени од светската и европската либерална елита. На светскиот конгрес на семејствата во Верона истата година, Мелони ќе биде уште подиректна „Ќе го браниме Бог, татковината и семејството“. Се разбира, нема ништо лошо во промовирањето на конзервативните вредности кои ги споделуваат многу граѓани на Европа.

Сепак, зборовите на Мелони одекнаа многу лошо во јавноста во Италија, зашто значеа повторување на слоганот „Бог, татковина, семејство“ (Dio, Patria, Famiglia) кој за време на фашистичкиот режим на Мусолини, бил испишан насекаде по ѕидовите на куќите, на влезовите од државните канцеларии, во училишните книги… Секако, нема потреба да се објаснува како фашистите ги „одбранија“ религијата, татковината и семејството. Но, за Мелони ова не е фашистички слоган, туку израз на љубов. 

Сепак, таа многу вешто манипулира со емоциите на Италијанците, кога станува збор за семејните и христијанските вредности, кои според неа, се загрозени. Користењето емотивен говор како техника на манипулација поврзан со идентитетските вредности е забележливо од следниов извадок на говорот на Мелони на светскиот конгрес на семејствата: 

„Зошто го трошиме нашето време за да се бориме со сите видови дискриминација но се преправаме дека не го забележуваме најголемото актуелно прогонство, геноцидот на светските христијани? Зошто семејството е непријател? Зошто семејството е толку застрашувачко? Има еден одговор на овие прашања. Затоа што не дефинира. Затоа што е наш идентитет. Затоа што сè што не дефинира, е непријател за оние кои би сакале да немаме повеќе идентитет и едноставно да станеме перфектни потрошувачки робови. И затоа го напаѓаат нашиот идентитет, го напаѓаат религиозниот идентитет, го напаѓаат верскиот идентитет, го напаѓаат семејниот идентитет. Јас не можам да се дефинирам себе си како Италијанка, Христијанка, жена, мајка. Не. Јас морам да бидам граѓанин X, пол X, родител 1, родител 2. Мора да бидам број. Затоа што кога сум само број, кога немам повеќе идентитет и корени, тогаш ќе станам перфектен роб оставен на милоста на финансиските шпекуланти. Перфектен потрошувач… Затоа вакви настани инспирираат толку многу страв. Затоа што не сакаме да бидеме бројки. Ќе ја браниме вредноста на човечкото суштество… Секое човечко суштество. Затоа што секој од нас има единствен генетски код дека е неповторлив. И, сакале или не, тоа е свето. Ќе го браниме. Ќе го браниме Бог, татковината и семејството… Овие работи кои толку многу ги згрозуваат луѓето. Ќе го правиме тоа за да ја одбраниме нашата слобода затоа што никогаш нема да станеме робови и обични потрошувачи оставени на милоста на шпекулантите. Тоа е нашата мисија…“ 

Фразите, како „геноцид на христијаните“, „напад на идентитетот“, „семејството е непријател“, „сакаат да немаме идентитет и да станеме робови“, „не можам да се дефинирам како Италијанка, Христијанка, жена, мајка, туку како родител 1, родител2, граѓанин X, пол X…“ „мора да бидам број“, „не сакаме да бидеме бројки“, итн. се класичен емотивен говор кој апелира на чувствата на граѓаните, пренагласувајќи ја загрозеноста на вредностите од некаков имагинарен непријател. Дали навистина се случува геноцид на христијаните? Дали постои опасност да станеме бројки? Навистина ли не може Мелони да се дефинира како Италијанка, Христијанка, жена, мајка? Се разбира, ова се популистички полувистини спакувани во емотивен говор наменет да предизвика истовремено и страв, но и сила, храброст (ќе го браниме Бог, татковината и семејството) гордост (тоа  е свето) и презир кон фиктивниот непријател! А тоа се светските либерални шпекуланти (Сорос е исто така секогаш во вокабуларот на Мелони) кои сакаат да станеме потрошувачки робови! 

Манипулација со чувствата – лутина, без, презир…

Стравот, како што рековме погоре, е најексплоатираното чувство кај граѓаните од страна на радикалната десница. Но, на примерот на Марин Ле Пен и нејзината политичка кампања во Франција во неколку изборни циклуси, на кои Националниот собир забележува постојан пораст, може да се забележи како, заедно со стравот, десничарските популисти будат и други чувства кај граѓаните, како што се гневот, лутината, бесот.

Како што пишува Амали Картика Каравита, во својата студија „Убедливоста на француското крајно-десничарско движење: Случајот на Марин Ле Пен“, за да оствари влијание врз публиката Ле Пен се потпира исклучиво на чувствата (патос – според Аристотел, реториката се заснова на три артистички елементи етос, логос и патос). Таа ги провоцира негативните чувства, како што се стравот и лутината, за да ја убеди публиката во ургентноста на состојбата во која се наоѓа Франција. 

За да предизвикаат чувство на лутина и гнев кај публиката, тактиката на екстремните десничари е да креираат антагонистички однос помеѓу страните. На пример, во еден од своите предизборни говори, Марин Ле пен вели: „Имиграцијата е скапа, таа ве чини цело богатство затоа што имигрантите имаат пристап без никакви ограничувања до дарежливиот социјален систем, до сите надоместоци гарантирани од владата, бесплатно образование, помош за социјално домување, па дури и бесплатен јавен транспорт“ (2017). Очигледно е дека Ле Пен провоцира гнев кај публиката со тоа што на француските граѓани им вели дека иако придонесуваат во системот на социјална благосостојба, тие не ги уживаат социјалните придобивки онолку колку што треба, а јасно е дека Французите се тие што треба да ги уживаат социјалните придобивки во сопствената земја.  

Конфликтот помеѓу елитите и народот, како што спомнавме погоре, е типичен за екстремните десничари. Тие секогаш ја демонизираат елитата. Ле Пен обилно го користи овој антагонизам помеѓу француските граѓани, француската влада и Европската унија. За неа француската политичка елита е главниот виновник што Франција го губи суверенитетот. Таа си игра со чувствата на граѓаните, за кај нив да предизвика индигнација, лутина и бес кон елитата. 

„Со нетрпение чекаат да се укинат границите на државата, истите луѓе кои не би дозволиле ни вратите и прозорците од нивните куќи да се отворат“…. „Секогаш ни велеа дека ЕУ е неповратна и доживотна дестинација, како казна затвор…“ „Елитата сака да веруваме дека единственото решение е да ја предадеме Франција на технократите во Брисел“.

Очигледно, споредбата на ЕУ со затворска казна испраќа јасна порака до публиката дека луѓето не се слободни да ја управуваат својата земја како што сакаат. Тоа е наменето да предизвика лутина и бес кај народот! 

Еве нешто слично и во  овој дел од прочуениот говор на Ле Пен на митинг во Париз: 

„…Зад масовната имиграција e деликвенцијата. Зад масовната имиграција е исламизмот. Зад масовната имиграција е тероризмот…. Има непосредна закана од трансформација на нашата земја која што ја гледате, закана на долг рок врз нашите вредности, врз нашата цивилизација, врз нашите традиции… На прост јазик, нашиот идентитет како Французи е предизвикан.“

Откажување од радикализмот или камуфлажа?

Ставовите на радикалните десничарски популисти со кои освојуваат гласови, често се причина за нивна изолација од мејнстрим политичките елити од левицата и десницата. Бидејќи тоа им станува пречка да се доберат до власт во некои земји во Европа (Германија, Франција) тие ја менуваат својата реторика, имиџот и/или се откажуваат од некои премногу радикални ставови (Вилдерс, Ле Пен) што им носи нови гласови од умерениот центар. Некои од нив, пак, по освојувањето на власта (Мелони) ја менуваат својата реторика, а делумно и ставовите, за да се камуфлираат во европскиот мејнстрим. Со други зборови, почнуваат полека да се оддалечуваат од својата изворна екстремно десничарска база, обидувајќи се притоа да ја задржат својата фундаментална конзервативна агенда. Па сепак, од аспект на политичката комуникација, таквите промени кај екстремните десничари значат и своевидна измама на гласачите.

Холандскиот екстремен десничар Вилдерс прво побара, па потоа се откажа од барањето за забрана на Куранот (Извор: Еуроњуз)

Така, на пример, екстремниот холандски десничар Герт Вилдерс кој победи на изборите минатиот ноември во Холандија, но е прилично изолиран за да може да формира влада со партиите од умерената десница и центарот, во јануари годинава направи отстапка кон своите потенцијални коалициски партнери, објавувајќи дека се повлекува од законските текстови кои ги предложил во 2018 г. во кои повикува на забрана на џамиите и Куранот во Холандија. 

Претходно, лидерот на една од реформистичките партии Нов социјален договор, кој беше во преговори за формирање влада со партијата на Вилдерс, изрази стравување дека предлозите на Вилдерс се против холандскиот устав кој ги гарантира верските слободи. 

Во парламентарна дебата по изборите, Вилдерс изјави: „Понекогаш ќе мора да ги повлечам предлозите и ќе го направам тоа. Ќе и покажам на Холандија, на законодавниот дом… дека ќе ги усогласиме нашите предлози со Уставот“. 

Дали е сето тоа доволно за да формира Влада со умерените партии од центарот и десницата? Аналитичарите велат дека Вилдерс ќе мора да се откаже и од ветениот референдум за „Некзит“ (за излегување на Холандија од Европската унија), од враќање на холандската валута – гулденот односно отфрлање на еврото, напуштање на климатските договори и нови бушења за нафта и гас наспроти еколошките забрани, одбивање на сите барања за азил, депортација на криминалците со двојно државјанство, запирање на помошта за Украина итн… Но, што би останало тогаш од неговата екстремно десничарска агенда?

Лидерката на Националниот собир на Франција, Марин Ле Пен, е класичен пример за екстремна десничарка, која, соочена со политичка изолација од мејнстрим партиите на левицата и десницата, драматично го промени својот имиџ, реториката односно комуникациската стратегија.

Како што вели Каравита во гореспоменатата студија, партијата претрпе организациски и стратегиски промени кои се познати како „политика на дедиаболизација“ со цел да се додвори до пошироката јавност преку ребрендирање на имиџот на лидерката и нејзиното претставување во медиумите, како и адаптација на комуникациската стратегија. 

Ако порано сите ја идентификуваа со нејзиниот татко – Жан Мари Ле Пен, кој се памети како радикален екстремен десничар, пред изборите во 2017 г. Марин Ле Пен почнува да го омекнува својот имиџ преку симболични промени – во кампањата се претставува само како Марин (без презимето Ле Пен), од настапите го исклучува триколорниот пламен (симболот на нејзината партија – Национален фронт во боите на француското знаме), па дури не го истакнува ниту името на партијата. Наместо тоа, Марин се претставува со симбол на „сина роза“. Го напушта и мажествениот имиџ, како наследство од татко и, кој дотогаш се сметал за агресивен и ксенофобичен и во кампањата ја потенцира феминистичката страна. Во социјалните медиуми доминираат фотографии каде што нејзиниот карактер се хуманизира. Се претставува како обичен француски граѓанин кој има работни навики, но истовремено сака животни, патува, пие кафе со пријателите или се одмара во својот дом… Таа е прикажана како посветена мајка кон своите деца, но истовремено и како цврст и решителен лидер, кој е често на фотографии со младите поддржувачи и се грижи за нивната иднина. Со други зборови, преку стратегијата за блискост со обичните луѓе, се нагласува нејзината инклузивност односно се претставува како политичка личност која не е екстремна. Тоа и помага да ги пренесе своите политички пораки, да инспирира доверба во јавноста и да ги убеди потенцијалните гласачи, заклучува Каравита.

Во кампањата на изборите во 2022 г. Ле Пен јавно се повлече и од ветувањето за референдум за напуштање на Европската унија и откажување од еврото, доколку победи на изборите. Пред вториот круг на претседателските избори таа изјави: „Не сакам да ја напуштиме ЕУ. Тоа не е моја цел“. Сепак, аналитичарите и нејзините политички противници повлекувањето од радикалниот став го прикажаа како обичен политички трик. Имено, идеите на Ле Пен за референдум за предложениот закон за „државјанство, идентитет и имиграција“ се полоши од Фрегзит, тие се „рушење на ЕУ од внатре“. Фактички, Ле Пен се залага за промена на уставот за да овозможи „национален приоритет“ за француските граѓани при вработувањето, социјалната помош и јавното домување.

Сите овие мерки се спротивни на вредностите на ЕУ и слободниот пристап на граѓаните од другите земји членки до заедничкиот пазар на труд и еднаквите социјални права. На истиот референдум граѓаните би требало да се определат и за „првенство на националните закони пред европските“, не само во контекст на контролата на имиграцијата (што е во ред), туку и на можноста во сите области да се заобиколи европското право заради заштита на националниот суверентитет и одбрана на француските интереси.

„Волкот го менува влакното, но не и карактерот“, гласи народната поговорка. Со други зборови, екстремните десничари умеат добро да се камуфлираат за да им се додворат на гласачите и да се доберат до власт. Па сепак, владеачката пракса на десничарските популисти, кога станува збор за земјите членки на ЕУ, е индикативна во смисла на трансоформација на нивната политичка комуникација, односно прилагодување на реалноста. Така, на пример, стравувањата дека Италија ќе премине во екстремна диктатура по изборот на десничарската коалициска влада на Џорџа Мелони, година ипол по нејзиното доаѓање на власт, сепак не се остварија. Голем удел во тоа секако има и однесувањето на италијанската премиерка, која по изборите, како што забележуваат повеќе медиуми, веќе престанала да ги повторува радикалните пароли од предизборната кампања. Во Европа се однесува умерено и веќе ги нема острите критики кон Европската унија. Добро ѝ оди комуникацијата со европските лидери, Олаф Шолц, Емануел Макрон, па дури и со претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен.

Италијанската премиерка по изборите, како што забележуваат повеќе медиуми, веќе престанала да ги повторува радикалните пароли од предизборната кампања (Извор: ДВ)

Мелони за разлика од другите европски екстремни десничари (Орбан, Ле Пен, Фицо), па и од нејзиниот коалициски партнер Матео Салвини, не е за Путин и ја поддржува Украина во војната со Русија. Дури и претседателот на САД, Џо Бајден, кој нејзината победа на изборите ја оцени како „закана за демократијата“ го пофали нејзиниот став дека „Во Украина се брани и Европа“ и на некој начин и’ се извини кога таа ја посети Белата куќа со зборовите „Се надевам ќе бидете добра со мене“

Една од најважните причини за менувањето на реториката на Мелони кон Брисел, секако се парите од ЕУ за Италија, која благодарение на претходниот премиер Марио Драги (екс гувернер на Европската централна банка) доби 190 милијарди евра субвенции и кредити од фондовите на ЕУ за обнова на земјите членки по пандемијата. За својата промена на реториката, во една прилика Мелони ќе изјави: „Имам една политичка приказна зад себе, се прилагодувам на стварноста која се менува“. А во нејзината политичка приказна, да не заборавиме, е славењето на наследството на Мусолини. 

Но, Мелони секако не отстапува од својата агенда за одбрана на христијанските вредности, пред се на семејството, како и од антиимиграционата политика. Нејзината влада издвојува големи средства за помагање на семејствата со повеќеродени деца, а во владината агенда нема место за истополови родители, сурогат мајчинство и за абортуси… Односно, ваквите права во Италија веќе се ограничуваат. Разликата е и во тоа што сега Мелони смета дека одбраната на интересите на нацијата освен на домашен план може да оди и преку соработка и ширење на кругот на пријатели во ЕУ и во светот.

Парите од ЕУ се секако причина и унгарскиот премиер Виктор Орбан да промени некои од своите политики, како што е ставот кон европската помош за Украина и дозволата таа да стане кандидат за членство во ЕУ. Сепак, Орбан засега тргува единствено со надворешно-политички теми, кои битно не ги загрозуваат неговите екстремно-десничарски и популистички ставови и конзервативни суверенистички политики. Тој тешко прави компромис дури и за прашања на загрозувањето на демократијата и на заробеното судство во Унгарија.

Зошто народот им верува на екстремните десничарски популисти?

Многу чуден феномен кој може да се забележи кога екстремните десничари ќе ја променат својата реторика, ќе се откажат од некои свои радикални политики и ставови, или дури и кога флагрантно ќе ги излажат своите гласачи, е дека тие не ја губат поддршката. Рејтингот на Ле Пен постојано расте со секој изборен циклус, Орбан победува на изборите со поголема разлика од порано, а Мелони има поддршка од над 53 отсто кај Италијанците…

Авторката Катрин Фиши во анализата во „Гардијан“ тврди дека лажењето е постојана карактеристика на политичарите популисти (Извор: Гардијан)

Една од причините за тоа секако е чувството кај нивните гласачи дека поради „заканите за одмазда од либералната антихристијанска и глобалистичка елита“ екстремните десничари се принудени тактички да отстапат од своите најрадикални ставови и политики, за да можат да дојдат на власт или да продолжат да владеат и полека да ја менуваат реалноста. 

Но, интересна анализа за популистичките лаги прави Катрин Фиши во „Гардијан“ во текстот со наслов „Зошто новите европски популисти кажуваат многу лаги – и тоа го прават бес срам“. Лажењето, според неа, е постојана карактеристика на политичарите популисти, независно дали се од левицата или од десницата. Додека мејнстрим политичарите лагата ја користат за да покријат некаков антизаконски или антиморален чин и не би сакале да бидат откриени, а ако ги откријат, некои од нив се извинуваат и се обидуваат да се оправдаат, други завршуваат со истрага и со јавна осуда, лагите на популистите се дизајнирани да бидат видени – тие не се никакво покритие! Лагата кај популистите сама по себе се глорифицира… Таа не се крие. Популистот знае да каже „Реков така, па што!?“ Целта е да се демонстрира дека лажгото не може ништо да го запре во намерата „да му служи на народот“.

Во либералните демократии се подразбира дека политичарите мора да ги почитуваат основните вредности на чесноста. Во тоа се состои нивната автентичност. Ако не ги остварат своите ветувања, ќе ја платат изборната цена. Но, популистите не се трудат да бидат чесни, за нив автентичноста е инстинктивно поврзана со искуството на „народот“, кој е сам по себе автентичен. Така што, за нив не е проблем да се претстават како лажговци, се додека лажат „во интерес на народот“, вели Фиши.

А „народот“, односно гласачите на екстремните десничарски популисти во Европа (и во САД), верува дека глобалната либерално-демократска елита сака да ја уништи нивната суверена нација, христијанската култура, идентитетот, да насели милиони имигранти кои ќе им го јадат лебот, да им го одземе правото на суверено одлучување, да го избрише семејството и да промовира нов родов идентитет, да воведе глобални даноци за да ги опљачка нивните пари, да го уништи домашниот економски развој и националната индустрија со измислени еколошки забрани и „лажни“ приказни за глобално затоплување… Итн. итн.

Догмите на радикалната популистичка десница се главно работа на верување или во најдобар случај на морални стандарди. А моралот и верата не подлежат на докази. Затоа народот им верува на екстремните десничарски популисти и покрај тоа што често се фатени во лага.

Оваа содржина ја подготви Институтот за комуникациски студии.

Теории на заговор

Откако жртвата ќе биде преплашена, измамниците ја тешат – „Не грижете се, има спас! Има лек, но здравствените власти го кријат и затоа го нема во аптеките!

Овде се прави нова манипулација – користење на теорија на заговор.

Мешање факти и мислења

Мешањето факти и мислења е позната алатка за манипулација со вистината. Фактите мора да содржат информации. Тие вообичаено се проверливи и за нив мора да постои објективна вистина, односно фактите мора да бидат точни. Ако, пак, информациите не можат да се проверат или ако има различни докази за нивната точност или неточност, тогаш не станува збор за факти, туку за претпоставки, шпекулацииМислењата и ставовите, пак, се индивидуални, субјективни и тие може да се засноваат на факти, но исто така и на претпоставки, шпекулации и невистини. Ако мислењата не се засновани на факти, а се пласираат со таква намера, во прашање е класична манипулација со вистината. Лажна вест.

Антагонизам

Покрај стравот, будењето на гнев, лутина и бес кај граѓаните е силна политичка алатка со која се користат популистите. Со создава јаз меѓу граѓаните и т.н. политичка елита која наводно им ги одзема правата и суверенитетот на државата.

Злоупотреба на емотивниот говор

Емотивниот говор или повикувањето на чувствата на луѓето е основна алатка на маркетингот, како и на пи-арот. Најуспешните маркетинг кампањи за широката палета производи апелираат на чувствата на луѓето за убавина, совршенство, љубов, страст, радост, семејна топлина и сл. Емотивниот говор често се употребува и во политиката. Преку предизвикување страв, лутина, гнев, омраза, бес (негативни чувства) или пак гордост, храброст, достоинство, воодушевување, национален патос кај луѓето итн. (позитивни чувства), политичарите се обидуваат да освојат што повеќе гласови. Но кога вакви чувства кај луѓето се предизвикуваат со емотивни тиради кои се базираат на лаги, шпекулации и полувистини станува збор за злоупотреба на емотивниот говор. Емотивниот говор тогаш е лажна вест.