Непожелни личности - Ad Hominem напади, двојни стандарди, дисквалификации

Идеолошката или политичката пропаганда често се потпира на лажни вести, но при реализација на пропагандните цели, обемно се експлоатираат и техники на манипулација кои спаѓаат во доменот на логичките грешки. Кога станува збор за идеолошки или политички противници, за личности чиј поглед на свет, идеи, програми, перформанси, резултати и сл. на некој начин го загрозуваат мејнстрим мислењето и утврдениот ред на нештата, тогаш многу често се употребува логичката грешка ad hominem, односно нападот врз нивната личност кој најчесто нема врска со аргументите, идеите, ставовите што тие ги нудат, успесите и резултатите што ги постигнуваат.

Во определени случаи, нападот ad hominem се комбинира и со пласирање лажни вести за личноста, но понекогаш се мешаат вистини и полувистини за нејзиното поведение, за публиката да изведе заклучок дека начинот на кој таа личност се однесува и нејзиниот карактер ги дисквалификува и нејзините ставови, идеи, програми, аргументи, постигнати резултати.

Светот е сè подраматично геополитички поделен на Исток и Запад, војните во Украина и на Блискиот исток дополнително ги конфронтираат луѓето во идеолошки табори, а мејнстрим мислењето кое во своите средини го наметнуваат политичките елити на тнр. Запад и Исток, станува неприкосновена вистина која јавноста треба беспоговорно да ја прифати. Впрочем, стара вистина е дека кога зборува оружјето, најчесто страда вистината.

Се разбира, Македонија како членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ, му припаѓа на западниот демократски свет и кога станува збор за цивилизациските стандарди кои ги промовира оваа политичка идеологија – заштитата на човековите права, демократијата, слободата на медиумите и слободата на изразувањето, владеењето на правото и правната држава итн., тие се во својата суштина спротивставени на авторитаризмот, дискриминацијата, цензурата, автократијата, што главно го карактеризира Истокот.

За жал, односот кон демократските цивилизациски стандарди на либералниот Запад не се практикува универзално и многу често се применуваат двојни аршини за нивната примена во својата земја наспроти различните култури, религии и цивилизации низ светот.

Сосема разбирливо е зошто во Кина, Русија, Северна Кореја или во другите авторитарни системи не се толерира различното мислење и луѓето што ќе се осмелат да го изразат, завршуваат лошо, зад решетки, во прогонство или во емиграција, но неприфатливо е во либерално-демократскиот свет да се сатанизираат и дисквалификуваат оние кои имаат став различен од наметнатото мејнстрим мислење или да се омаловажуваат нечии успеси и резултати единствено затоа што оној што ги постигнува не е изворно „наш“.

Иако има повеќе примери, во оваа анализа ќе се задржиме на три случаи на светски познати личности од поширокиот Балкан, кои се или биле предмет на ширење лажни вести поврзани со нивната работа и делување, на ad hominem напади, на жигосување и дискредитирање на нивниот личен и професионален јавен ангажман, на омаловажување на перформансите и успесите што тие ги постигнуваат само поради тоа што нивните ставови и погледи на важни општествени теми не се на линија на владејачкото мислење, што го предизвикуваат естаблишментот или затоа што доаѓаат од друга култура и цивилизација.

ЖИЖЕК - „ЕСТРАДЕН ФИЛОЗОФ“

 

Еден од најпознатите светски филозофи на денешницата, Словенецот Славој Жижек, кој се смета за марксист, следбеник на Лакан, последниве две децении особено го провоцира вниманието на јавноста во либерално-демократскиот свет, пред се во Европа и во САД, со својот критичен тон кон наметнатото мејнстрим мислење за најважните теми на денешницата. Често неговите ставови предизвикуваат бурни реакции кај владеачките елити, сатанизација на неговите тези како антидемократски, авторитарни итн., како и негативни коментари за неговата личност и дисквалификации на неговиот карактер.

Говорот на Жижек на отворањето на Саемот на книги во Франфурт на 17 октомври годинава, каде што тој ја анализираше војната помеѓу Израел и Хамас, предизвика вистинска бура од реакции, довикувања и прекинувања од поединци од публиката, па дури и демонстративно напуштање на салата на градоначалникот на Франкфурт, Мајк Јозеф, како и на други високи гости од светот на политиката.

Говорот на Жижек во Франкфурт за војната меѓу Израел и Хамас ги крена присутните во салата на нозе (Извор: Scraps from the Loft)

Пред отворањето на манифестацијата, поради терористичките напади на Хамас врз Израел од 7 октомври, директорот на саемот решава да го одложи доделувањето на наградата на палестинската писателка Аданиа Шибли која се доделува на жените писателки од Глобалниот југ, за новелата „Мали детали“ (Minor Details). Романот почнува во 1949 г. за време на судирите на израелските и арапските сили. Во книгата е опишан и случај на силување и убиство на бедуинска девојка од страна на единица на израелската армија. Но, палестинската писателка според рецензентите на книгата и според оние што ја познаваат, е борец за мир и против сите акти на насилство и тероризам, како и за прекинување на непријателствата.

Жижек во својот говор рече дека бил шокиран кога разбрал дека доделувањето на наградата на палестинската писателка Шибли е одложено, а одлуката ја нарече скандалозна.

„Тероризмот против Израел… е спротивставен на сите вредности на саемот на книгата во Франфурт, но исто така е и колективното казнување на милионите во Газа, како што е и исклучувањето на Аданиа Шибли. Овде се доближуваме до парадоксот на културата на исклучување. Официјалната политика е… инклузија, различност, но потоа се што таа култура на исклучување („cancel culture“) прави е да ги исклучи оние кои не одговараат на вашиот поим за инклузија и непријателство“…

Жижек го посвети целиот говор на Израел, Хамас и Палестинците. Како глас на совеста на човештвото, тој се става на страната на невините жртви, Евреите или Палестинците, сеедно, а против насилството од двете страни – на терористите од Хамас, но и на Израелската држава од чие бомбардирање страдаат недолжни палестински цивили во Газа, како и палестинското население во Западниот брег кое доживува долгогодишни репресии, затворања и убиства. За жал, тие негови ставови, според реакциите, се толкуваат како оправдување на тероризмот на Хамас. Еве што самиот за тоа вели:

„…Јас безусловно го осудувам нападот на Хамас врз Израелците, близу до границата со Газа, без „ама“ и „ако“ и му давам на Израел право да се брани и да ја уништи заканата. Но, забележав чудно нешто: во моментот кога некој ќе ја спомне потребата да ја анализира комплетната заднина на состојбата, тој е, по правило, обвинет за поддршка и оправдување на тероризмот од Хамас. Дали сме свесни колку е чудна оваа забрана за анализа, за да се види комплексноста? На какво општество му припаѓа оваа забрана?“, праша Жижек кој меѓу другото истакна: “Така што, не сум само горд што сум тука, туку сум и малку засрамен.“

Очигледно, Жижек го предизвикува т.н. мејнстрим мислење за војната во Израел и Палестина кое го формираат политичките елити на Запад, зашто тоа мислење не одговара на начелата и стандардите на либерално-демократскиот свет – дека не смее да има цензура, забрана на различно мислење!

Ставовите на Жижек често предизвикуваат бурни реакции. Во оваа смисла значајна беше и неговата позиција за начинот на владеење на американскиот претседател Доналд Трамп, кого пред изборите во 2016 г., на констернација на американските либерални медиуми, отворено го поддржа.

Главниот наратив на европската и американската либерално-демократска мисла, во медиумите и во јавниот дискурс, од самиот почеток беше дека Трамп е закана за демократијата. Една од доминантните фрази, која често се експлоатираше по победата на Трамп на изборите во 2016 г., е ставот на советничката во Белата куќа Ели Ен Конавеј кога таа ја бранеше лажната изјава на прессекретарот на Белата куќа Шон Спајсер за посетеноста на настанот на инаугурација на претседателот Трамп на 22 јануари, 2017 г. во Вашингтон, наведувајќи дека тој користел „алтернативни факти“. Новинарот и одговори:

 „Алтернативните факти не се факти. Тие се лага.“ Оттогаш фразата „алтернативни факти“ стана синоним за владеењето на Доналд Трамп и неговите приврзаници врз основа на ширење лажни вести на кои наводно ја засноваат својата идеологија.

Но, Жижек ја шокираше светската јавност, кога во своите настапи, како и во текст за Philosophical Salon напиша дека во „некаква смисла алтернативни факти (сепак) има“, иако не во смисла на дебатата дали се случил Холокаустот или не… „податоците“ се огромен и непробоен домен и ние секогаш им пристапуваме од она што херменевтиката го нарекува одреден хоризонт на разбирање, привилегирање на некои податоци и испуштање други. Сите наши истории се токму тоа – приказни, комбинација од (одбрани) податоци во конзистентни наративи, а не фотографски репродукции на реалноста… Нема никакво релативизирање во фактот дека човековата историја секогаш е раскажана од одредена точка на гледиште, поддржана од одредени идеолошки интереси…“

Според Жижек, дополнителен проблем во врска со лажните вести имаме со оние што велат дека „смртта на вистината“ е нов феномен.

„Колку повреди на човековите права и хуманитарни катастрофи останаа невидливи, од Виетнамската војна до инвазијата на Ирак? Сетете се на времето на Реган, Никсон, Буш… Разликата не е во тоа дека минатото било „повистинито“ туку идеолошката хегемонија била посилна, поради што во основа преовладувала една „вистина“ (или подобро речено, една голема лага). На Запад, тоа е либерално-демократската вистина (со левичарски или десничарски примеси)… Она што се случува денес, со популистичкиот бран кој го вознемирува политичкиот естаблишмент, вистината/лагата која му служеше како идеолошка основа на овој естаблишмент, исто така се распаѓа. И главната причина за оваа дезинтеграција не е порастот на постмодерниот релативизам, туку неуспехот на владеачкиот естаблишмент кој повеќе не е способен да ја наметне својата идеолошка хегемонија…“

Во своите текстови Жижек често застапува тези кои се спротивставуваат на мејнстрим јавниот дискурс на Запад

Изминатите две децении Жижек во своите бројни филозофски анализи во водечките светски медиуми, интервјуа, како и јавни настапи на главните светски форуми, се осврнува на топ-темите на денешницата, како што беше пандемијата на коронавирусот, мигрантите во Европа, глобалното затоплување, често застапувајќи тези кои се спротивставуваат на мејнстрим јавниот дискурс на Запад.

За ваквите свои ставови словенечкиот филозоф не ретко е етикетиран, а се напаѓа и неговиот карактер, неговата личност, неговото однесување на сцената, воопшто, се доведува во прашање неговиот научен кредибилитет, дали е тој вистински филозоф или естраден забавувач или жовијална личност која само сака да предизвика внимание кај публиката и да заработи од тоа. На тој начин, се разбира, се прави обид да се дискредитираат и отфрлат неговите тези и ставови, што е логичка грешка- ад хоминем.

Еклатантен пример на ад хоминем напад врз Жижек прави следбеникот на будизмот, Падма Дорје, кој со филозофот полемизира за неговите наводно погрешни и неинформирани ставови за будистичкото учење, посветувајќи му комплетна анализа на неговата личност на својот блог со наслов „Хипстерско шарлатанство“.

„Да почнеме со повторување на насловот ад хоминем: Жижек не е ништо повеќе од забавувач. Како филозоф, тој на крајот изгледа повеќе како измамник отколку што било друго. Како и да е, комбинираните фактори кои го доведоа до слава не се ограничени на неговата харизма и шармантното емотивно лукавство со очекувањата на публиката. Главната работа за која треба да се обвиниме себе си е сеприсутната попустливост на општото поле што вообичаено го нарекуваме „либерални уметности“… Со други зборови, Дорје тврди дека многу му се дозволува на Жижек, што наведува на тоа дека е пожелно да го цензурираме, да не му даваме простор да се изразува!?

Иако Жижек е ценет академски професор на повеќе европски и американски универзитети постојано е мета на критики

Дорје продолжува да го анализира однесувањето на Жижек додека говори пред публика, па дури демонстрира и лажна загриженост за неговото здравје:

„Жижек не може да остане мирен ниту една секунда. Мора да си го чеша носот или увото, да ја исчисти потта од челото или да ја намести маицата. Ретко гледаме такво ниво на мачни тикови кај јавен говорник. Не знам какви лекови пие, ниту колку кафе пие, но со тие периорбитални темни кругови над очите и сите тие тикови, сигурно ми се чини дека, за сопственото здравје, треба повторно да ги приоритизира сопствените филозофски ангажмани. Целиот театар навистина не прави ништо добро за неговото здравје…“

Но, фасцинира оправдувањето на нападот на неговата личност и карактер, која Дорје ја дава. Според него, начинот на кој што Жижек говори, прави гестикулации, пласира шокантни тези, споменува ликови од секојдневието, од популарната култура, од филмовите итн., „…всушност го трансформира нападот на неговата личност од ad hominem во quod erat demonstrandum (во она што тој сака навистина да го прикаже).“ Жижек, според Дорје, тоа намерно го прави, демек ја напушта филозофијата за да направи шоу, и затоа со него не треба да се расправаме рационално, туку да ја рецензираме неговата личност.

„Многумина мислат дека ad hominem нападот нужно е логичка грешка, но ако нема јасен аргумент, теза или причина за расправање, ни останува… човекот што го одржува своето водвиљско шоу. Така, ad hominem не само што е оправдан: тој е единствениот соодветен аргумент…“

Се разбира, барајќи оправдување зошто ја напаѓа неговата личност, „дијагнозата“ на Дорје на карактерот и делувањето на Славој Жижек е претерана. Без да навлегуваме во ставовите на филозофот за будистичкото учење, кои според Дарје се сосема погрешни и ненаучни, факт е оти Жижек има јасни аргументи и тези, особено кога станува збор за топ-темите на денешницата, а начинот на кој што ги пласира, јазикот што го користи, неговото однесување на сцената, забавувањето на публиката, раскажувањето анегдоти и шеги, естрадизацијата на неговата филозофија, не е и не може да биде причина да ги отфрламе и жигосуваме и неговите ставови.

Како што ќе напише Дејвид Харвилиц, во текстот со наслов „Во одбрана на Жижек“, објавен во Хафингтон пост, како реакција на објавата на Ребека Шуман, професор на универзитетот во Калифорнија, која го нарече Жижек „кретен од светска класа“, Жижек не е личност која бара внимание од публиката и не трча по слава, не е како другите познати личности пред кои луѓето чекаат во редица за да им даде автограм. Шуман побрзала да го оцрни Жижек затоа што во едно видео ја нарекол публиката што го слушала „здодевни идиоти“. Но, според Харвилиц, Жижек е токму спротивното од кретен.

Тој, иако заработува пари од продажба на своите книги, за разлика од неговиот идол Карл Маркс, кој умрел во сиромаштија, често одбива хонорари за своите настапи, а наместо вечера со професорите на универзитетот каде што настапува, често избира неформални средби и дискусија со студентите. Жижек е најпопуларниот борец токму против кризата во образованието и Болоњскиот систем, кој наметнува експерти наместо „критички мислители хуманисти“

Според Сантјаго Забала, малкумина познати филозофи на денешницата успеале да ги надминат границите на академијата и да станат јавни интелектуалци кои се постојано ангажирани во културниот и политичкиот живот како Хана Аренд (за судењето на Ајхман), Жан Пол Сартр (за протестите од мај 1968) и Мишел Фуко (за Иранската револуција).

„Овие филозофи станаа јавни интелектуалци не поради нивните оригинални филозофски проекти или исклучителни политички настани на епохата, туку затоа што нивните ставови беa предизвикани од овие настани“.

Иако Жижек е ценет академски професор на повеќе европски и американски универзитети, автор на повеќе од 70 книги, уредник на успешни серии, остар културен критичар и храбар политички активист, поддржувач на Џулијан Асанж од Викиликс и на палестинската кауза, тој постојано е критикуван дека „бескрајно повторува суштински празни визии“ или дека печати повеќе книги „одошто може да прочита“.

Најголем дел од критиките кон него не се насочени кон неговиот проект туку кон политичката мисла, т.е. комунизмот.

„Тој се уште нема добиено меѓународна награда, но не затоа што не е сериозен или оригинален филозоф, туку затоа што такви награди добиваат интелектуалци кои ја следат доминантната идеологија, а не оние кои ја нарушуваат“, вели Забала.

Варуфакис – контроверзен „антисемитист“

 

Вистински земјотрес во европскиот политички и финансиски поредок предизвика поранешниот министер за финансии на Грција, Јанис Варуфакис, кој во 2015 г. додека беше на функција (шест месеци) водеше рововска битка против ригорозните мерки за штедење, што т.н. Тројка – Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд и ги наметнаа на Грција, по драматичната финансиска криза во која западна нашиот јужен сосед.

Иако беше министер само шест месеци во 2015 година, Варуфакис до денес е мета на напади поради ставовите за актуелни прашања

Наметнатите мерки за штедење неколку години пред да дојде левичарската Сириза на власт не даваа никакви резултати, напротив, финансискиот систем на Грција тонеше се подлабоко и земјата се соочи банкрот. На референдумот што го организираше владејачката Сириза, предводена од премиерот Алексис Ципрас, во јули 2015 г. граѓаните со огромно мнозинство гласаа против предлогот за нови мерки за штедење што ги побара Германија, како услов Грција да остане во еврозоната и да продолжи финансирањето со фондовите за спас на грчката економија и банките. Варуфакис беше главниот противник на воведувањето нови мерки за штедење, а премиерот Ципрас, иако и самиот водеше кампања против мерките, оцени дека во натамошните преговори на Грција со Тројката, сепак најголема пречка ќе му биде министерот за финансии, кој беше принуден да си поднесе оставка.

Во Брисел, а пред сè во Берлин, не сакаа од другата страна на масата повеќе да го видат Варуфакис. Чашата веројатно ја прелеа неговата изјава за шпанскиот весник „Ел Мундо“, пред референдумот, кога кредиторите на Грција ги обвини за тероризам.

„Она што и го прават на Грција има име: тероризам. Она што Брисел и тројката го сакаат денес е да победи гласот „за“ на референдумот за да ги понижат Грците. Зошто не притискаат да ги затвориме банките? За да всадат страв кај луѓето. А ширењето страв се нарекува тероризам“.

Но, навистина, грчката економија тогаш беше на граница на колапс откако во земјата почна да се појавува и недостиг на храна и лекови, туризмот се соочи со многу откажувања на аранжмани, а банките имаа толку малку пари, колку да преживеат еден викенд. Варуфакис мораше да си замине.

„Веднаш по објавата на резултатите од референдумот, станав свесен за некои преференции што ги имаат членови на Еврогрупата (министри за финансии од Еврозоната) и различни партнери, за мое… „отсуство“ од нивните средби; идеја која премиерот смета дека потенцијално ќе му помогне да постигне договор. Поради оваа причина го напуштам Министерството за финансии денес…. И ќе ја носам омразата на кредиторите со гордост“.

Да, Варуфакис се соочи токму со тоа – со омраза, со бројни забелешки за своите тврди ставови, со отфрлање од мејнстрим јавното мислење на Запад. Тој често беше на отстрел во политичката јавност, особено во Германија, со чиј министер за финансии Волфганг Шојбле имаа отворени недоразбирања. Во една прилика, тој на прес конференција во Берлин, по средбата со Шојбле упати алармантни пораки.

„Германија треба да разбере најмногу што значи да бидеш заглавен во грозоморна инфлација и должничка криза… Кога ќе се вратам дома денес, ќе најдам земја каде што третата најголема партија не е нео-нацистичка туку нацистичка партија… Германија може да биде горда на нашата борба против нацистите. Сега ни треба германска поддршка“.

Споредбите со нацизмот не му се допаднаа на германскиот министер за финансии. Сепак, дипломатски одмерено Шојбле одговори дека се согласиле со Варуфакис да не се согласат, но му стави до знаење дека причините за состојбата во која се најде Грција, се во самата Грција, а не надвор од неа, и како што рече „дефинитивно не во Германија“, алудирајќи на обвинувањата од Варуфакис дека кредиторите, меѓу кои најмногу Германија, се виновни за истоштувачките мерки за штедење што и ги наметнуваат на земјата и банкротот кој следува.

Сепак, Германците не останаа на дипломатско отфрлање на ставовите на Варуфакис, кој водеше неконвенционална комуникација со своите европски партнери, несвојствена за европскиот и германски естаблишмент. Тоа веројатно беше причина, за Варуфакис да почнат да се шират и лажни вести.

Во едно германско ТВ шоу, во март 2015 г. беше прикажано видео од 2013 г. кога зборувајќи за тешките мерки за штедење наметнати врз Грција, на настан во Загреб, Варуфакис на Германија и го покажува „средниот прст“. Идејата беше да се дисквалификуваат неговите ставови поради невоспитано однесување. Но, грчкиот министер за финансии веднаш го отфрли видеото и рече дека станува збор за монтажа. Неколку дена подоцна, самиот автор на лажното видео ја призна монтажата.

Вистинското видео покажува дека Варуфакис нема таква гестикулација, а поради несолената шега, Германецот мораше дури да му се извини на грчкиот министер за финансии.

„Извинете г. Варуфакис, тоа нема повеќе да го правиме“, изјави Јан Бехмерман, водител на програма на јавниот радиодифузен сервис ZDF.

Од тогаш, па сè до денес, Варуфакис го бранува политичкиот и финансискиот естаблишмент во Европската Унија. Во 2018 г. формираше и левичарска политичка партија DIEM25, Европски реалистичен фронт за непослушност, која има за цел до 2025 г. да се донесе демократски устав кој треба да ги замени сите европски договори кои се денес на сила. Слична партија тој формираше и во Германија во 2021 г. Единствен успех имаше на изборите во 2019 г. кога партијата во грчкиот парламент освои 9 пратенички места, но подоцна, на изборите во 2023 г. (во два наврати – редовни и вонредни) не успеа да го мине цензусот од 3 отсто.

Фактот што Варуфакис е левичар кој се бори за сиромашните, онеправданите, против практиката на суровиот банкарски капитализам кој не води сметка за широките социјални слоеви, често беше злоупотребуван да се напаѓа неговата личност и начин на живот и однесување.

Левичарската идеологија на Варуфакис е доведувана во прашање преку промовирање дека наводно негувал раскошен животен стил

Варуфакис е напаѓан дека наводно негувал раскошен животен стил, како и начин на облекување. Во таа смисла често е спомнувано неговото интервју за „Пари Мач“ каде што заедно со неговата сопруга е снимен во станот во кој живее во Атина, кој наводно не може да си го дозволи обичен грчки граѓанин. Новинарите, економските и финансиски експерти од Запад, му забележаа исто така, дека додека водел преговори со ММФ, на средбата со Кристин Лагард од ММФ носел брендиран шал од „Барбери“ кој чини 500 евра, па на социјалните мрежи тоа предизвика вистинска бура од негодување и иронични коментари.

„Новиот грчки министер за финансии Варуфакис носи шал од Барбери? Каков величествен начин да бараш повеќе пари за спас (на грчката економија – н.з.)!“

„Убаво е да се види грчкиот министер за финансии Варуфакис кој изгледа како капиталист кој носи Барбери шал, додека се среќава со Лагард од ММФ“.

Варуфакис објасни дека станува збор за шал што му го подарила неговата сопруга пред 12 години и дека не гледа причина зошто не треба да го носи. Се разбира, начинот на облекување, стилот на живеење (тој возел и мотори), нема никаква врска со идеите за кои се застапува Варуфакис и неговите тврди антикапиталистички ставови или пак со аргументот дека мерките за штедење кои Германија и Тројката и ги наметнуваат на Грција ја истоштуваат грчката економија и ќе ја доведат до банкрот.

Впрочем, Фридрих Енгелс, еден од идеолозите и основачите на марксизмот, бил бизнисмен и потекнувал од богато семејство на индустријалци, а сепак се залагал за праведно општество, за борба на обесправените социјални слоеви против експлоатацијата од капиталистите.

Нападите ад хоминем очигледно имаа за цел да ги дисквалификуваат ставовите на Варуфакис и идеолошката кауза на левицата за која се залага.

Европското издание на интернет страницата за вести „Политико“, во декември 2015 г. излезе со анализа и наслов „Јанис Варуфакис повторно говори, ги навредува сите“ во врска со неговото интервју за холандскиот весник Volkskrant. „Политико“ пишува дека Варуфакис ја нарекол Еврогрупата – место само за психопати, германскиот министер за финансии Шојбле – мајстор на кукли, а претседателот на Еврогрупата, холанѓанецот Јероен Дијселблом – неефективна алатка на Германците.

Еве што всушност вели Варуфакис во тоа интервју: „Европгрупата е многу непријатно место, вклучувајќи ги Шојбле, Дијселблом и претседателот на Европската централна банка Драги. Центрите на моќ се стресни по дефиниција, со големи егоа и континуиран конфликт. Ако си психопат и ако живееш од конфликт, тогаш Еврогрупата е вистинското место за тебе“.

На прашањето кој доминирал на состаноците, Варуфакис вели: „Волфганг Шојбле. Тој е мајсторот на куклите кој ги влече сите конци. Сите други министри се марионети. Шојбле е великиот мајстор на Еврогрупата. Тој одлучува кој станува претседател, кој го поставува дневниот ред, тој контролира се“.

За претседателот на Еврогрупата Дијселблом, пак, поентира: „Тој нема вистинска моќ. Диселблом нема авторитет; Тој е војник, кукла… Тој не може да донесе никаква одлука без да му се јави на Шојбле. Дијселблом е шрафче во машината кој самиот не го разбира…

Дали се ова навреди? Во секој случај, причината за неконвенционалната комуникација на Варуфакис и недипломатскиот јазик со кој ги опишува, лежи во неговата политичка егзекуција од страна на Тројката која, како што вели, лажно го обвинила дека е опасен левичарски радикал и барала негова смена од премиерот Ципрас.

„Тоа не беше ништо друго туку пуч, еден голем пуч. И успеа… Моите говори беа умерени, моите планови беа со мерка, моите советници не беа левичарски лунатици. Имаше уште една причина зошто другите истураа отров и лаги врз мене и ме портретираа како опасен радикал додека јас бев најдесниот министер во кабинетот. Ако бев луд левоирентиран лунатик, немаше да се плашат од мене. Не, тие сакаа да ме откачат затоа што знаев што зборувам!

…Му рекоа на Ципрас: Ако сакаш договор, мора да се ослободиш од Јанис… Еврогрупата бараше политички начин да ме елиминира. Тоа беше заговор. На состанокт во Рига, тие успеаја мене и Ципрас да не спротивстават еден против друг!“

Во март оваа година, Варуфакис дури беше и физички нападнат во Атина

Настаните околу Варуфакис, за жал, не мируваат до денешен ден.

Во март оваа година, тој беше физички нападнат во Атина. Маскирани напаѓачи му се приближиле до масата на која што седел во кафе бар со членови на неговата партија од цела Европа и го повикале да излезе надвор за да поразговараат. Тие притоа лажно го обвиниле дека тој ги потпишал договорите со кредиторите од Тројката за спас на грчката економија и банките. Варуфакис излегол од барот и сакал да разговара со нив за да им објасни дека тој самиот бил против таквите договори и затоа поднел оставка, но веднаш почнале да го тепаат, поради што завршил во болница со скршен нос. Полицијата уапсила 17 годишно момче и идентификувала уште двајца напаѓачи на 20 и 22 годишна возраст. Сите претходно учествувале во улични немири и биле под лупа на полицијата.

Опозициската Сириза во Грција го означи овој напад како фашистички, а Варуфакис рече дека „не станува збор за анархисти, левичари, комунисти или членови на било какво движење, туку тоа биле изнајмени силеџии…“

Сепак, бидејќи неговата битка против естаблишментот во Европската унија му наметна етикети на непожелна личност, дури и Еуроактив, независна пан-европска медиумска мрежа од Брисел специјализирана за прашања на Европската унија, известувајќи за ова силеџиство, го нарече Варуфакис „контроверзниот поранешен министер за финансии“. А тој ниту некогаш учествувал во законски недозволени активности, ниту пак има некакво матно минато кое може да предизвика контроверзи. Единствената причина за неговата наводна контроверзност, е тоа што идеолошките и политички ставови на Варуфакис, како и начинот на неговото комуницирање, не и се допаѓаат на владеачката европска политичка елита. Тој не е мејнстрим политичар ниту економски аналитичар, истражувач, научник по волјата на Брисел.

Дополнително, физичкиот напад врз Варуфакис се случи токму во времето кога Грција беше обвиена во жал поради железничката несреќа, судирот на возови, што се случи на 28 февруари и во која загинаа 57 лица.

„Јас ќе оздравам, рече Варуфакис“ во едно интервју, „но овие 57 граѓани од железничката несреќа во Темпи нема, и болката на нивните семејства не може да биде лекувана.“

Некои медиуми, во своите анализи за причината на трагичната несреќа, ја обвинија токму приватизацијата на грчките железници која се случи во времето на Владата на Сириза, како дел од мерките за штедење наметнати од „Тројката“, поради што дошло до сериозно намалување на безбедносните и контролните механизми за непречено функционирање на железницата.

Најмногу шок предизвика ставот на поранешниот грчки министер за финансии, за нападот на Хамас врз Израел во кој загинаа .1200 илјади Израелци, од 7 октомври 2023 г., кој Варуфакис одби да го осуди.

„Тие што се обидуваат упорно да извлечат од луѓе како мене… осуда за нападот врз герилата на Хамас нема никогаш да ја добијат... Секое човечко суштество што живее под апартхејд во одреден миг или ќе умре со ужасна тивка смрт или ќе се бунтува и ќе одземе (животи на – н.з.) невини луѓе со себе“, рече Варуфакис.

„Криминалците не се Хамас. Не се дури ниту израелските доселеници кои убиваат Палестинци (на Западниот брег – н.з.) Криминалците се Европјаните. Ние… Ние учествуваме во ова злосторство против човештвото повеќе децении со тоа што ги држевме своите усти затворени… додека Палестинците се тие кои умираат, а не окупаторотНие европјаните треба да се разбудиме и да се откупиме, работејќи на уништување на државата апартхејд“.

Ова предизвика гнев и констернација, како во Израел, така и во Европа и САД, а Варуфакис беше прогласен за антисемит. Се редеа обвинувања:

 „Зошто левичарите и прогресивците оправдуваат тероризам?“, „Зошто Варуфакис додава бензин на огнот?“

Но, дали Варуфакис ги заслужува тие етикети?

Неговите жестоки зборови секако не одговараат на глобалното мејнстрим мислење, кое иако со децении е понаклонето кон правото на Палестинците на сопствена држава и често го напаѓа Израел за политиките на репресија и изолација на палестинското население во Газа и на Западниот брег, сепак жестоко ги осуди последните терористички напади на Хамас и му даде право на официјален Тел Авив да спроведе бомбардирање на Газа за да го елиминира Хамас, што предизвика страдање и смрт на над 20.000 невини цивили, жени, деца, старци.

Европа е немоќна да го запре бомбардирањето и смртта на недолжни цивили, САД стојат цврсто зад Израел, но целата меѓународна заедница ги повикува Израел да го прекине огнот.

Бура реакции предизвикуваат и ставовите на Варуфакис за нападот на Хамас врз Израел

И дали Варуфакис, кој е редок европски интелектуалец кој застанува зад легитимните барања на Палестинците на право на слободен живот, сопствена држава итн. треба да биде жигосуван за своето мислење?

На веб-страницата на својата партија DIEM25, Варуфакис подоцна пошироко ги образложи своите ставови кон војната во Газа, Хамас и Израел. Дообјасни дека ги осудува сите ѕверства врз недолжни цивили и од Хамас и од Израел, но истакна дека Хамас не е терористичка организација, како ИСИС и Ал Каеда, туку движење на отпорот кое е длабоко вкоренето во палестинското општество во Газа и дека не може да се елиминира. Решението, според Варуфакис, е да се стави крај на апартхејдот во Израел и со мировен процес да се обезбеди Палестинците и Израелците да живеат во две одделни или во една федерална држава.

Ставот на Варуфакис очигледно го провоцира евро-американскиот либерално-демократски мејнстрим и е наменет да го крене гласот на интелектуалците за да предизвика промена на политиките на САД и Европа кон палестинското прашање. Тој изгледа претерано и шокирачки, но во секој случај, во демократскиот свет, за разлика од авторитаризмот, не смее и не може да има забрана на мислење, да се етикетира, жигосува и дисквалификува!

Новак Ѓоковиќ – „Не го нарекивајте GOAT“!

 

Светскиот тенисерски рекет бр. 1 за 2023 година, Србинот Новак Ѓоковиќ, со своите неверојатни рекорди и успеси и покрај тоа што е во тениска доцна возраст (36), не престанува да го бранува спортскиот естаблишмент и глобалната спортска јавност. Неговите 24 грен-слем титули и осум први места на АТП листата на крајот од годината, над 400 недели на врвот од светскиот тенис и уште бројни други рекорди, се навистина импозантни а некои од нив веројатно недостижни во догледно време. Тоа, по правило, освен светска слава и рекордни примања, би требало да му донесе и неподелена поддршка кај тениските фанови ширум светот, да биде почитуван од тениските експерти и глорифициран во глобалните медиуми кои го креираат јавното мислење. Но, не е баш така.

И покрај тоа што е во тениска доцна возраст (36), не престанува да го бранува спортскиот естаблишмент и глобалната спортска јавност (Фото: ФБ профил на Новак Ѓоковиќ)

Тенисот, според своето потекло и историја е англосаксонски спорт, па и покрај тоа што врвни резултати постигнуваат тенисери и тенисерки од сите светски меридијани, од Запад, од Исток, од арапскиот свет – Аргентина, Мексико, Русија, Србија, Белорусија, Алжир итн. јавното мислење за шампионите во белиот спорт го создаваат медиумите од земјите кои се колевка на овој спорт – пред се оние од Велика Британија, САД, Австралија.

Во таа јавност резултатите на Ѓоковиќ, неговите потези и изјави, однесувањето, со години се предмет на сериозен скрининг, сомневање и понекогаш негирање, првенствено поради нешто што нема врска со тенисот. Се омаловажуваат неговите тениски резултати, има бројни напади врз неговата личност и однесувањето, се применуваат двојни стандарди кога се во прашање други врвни светски тенисери, се шират лажни вести итн.

Во текот на 2023, кога во финалето на отвореното првенство на Франција, „Ролан Гарос“, со победата над Норвежанецот Каспер Руд, Ѓоковиќ ја освои својата 23. грен слем титула и со тоа на вечната листа го надмина својот ривал Рафаел Надал кој остана на 22 титули, се покрена жолчна дебата во светските медиуми дали Ѓоковиќ е GOAT (Greatest of All Times), односно дали е најголемиот тениски играч на сите времиња. Се разбира, резултатите и рекордите на Ѓоковиќ никој не може да ги доведе под сомнение. Тие сами за себе говорат и никој нема постигнато повеќе од него.

Најмногу контроверзи во оваа смисла предизвика текстот во „Гардијан“ од 12 јуни 2023, со наслов „23-тиот гренд слем на Новак Ѓоковиќ е рекорд – но ве молам не го нарекувајте GOAT, во кој професорот по филозофија на моралот на националниот универзитет во Австралија, Бем Брембл, вели:

„Претпоставете си доаѓа тениски играч кој е висок 3 метри. Секој сервис му е ас. Никогаш не губи сервис. Освојува 30 грен-слем турнири. Дали е GOAT? (најголем на сите времиња)? Не. Идејата е смешна. Или претпоставете дека следните неколку години има светска војна, во која мнозинството млади мажи се регрутирани. Но, грен-слемовите сè уште се играат и Дејв добива 30 грен-слемови. Дали Дејв е GOAT? Се разбира, не.“

Угледниот весник „Гардијан“ го оспори тоа што Ѓоковиќ го нарекуваат најголем на сите времиња

Според Брембл, не може некој да биде најголем на сите времиња само поради тоа што има освоено најмногу грен-слем турнири, туку требало да се види кои уште тенисери играле во тоа време, односно каква била конкуренцијата и каква улога во тоа имаат неговите физички предности.

Имено, без оглед што Ѓоковиќ го победил својот ривал Федерер повеќепати отколку што загубил од него, Брембл вели дека тие победи биле во периодот додека Федерер не бил на врвот од својот тенис, бил веќе стар и сл. Плус, според Брембл, физичките предности на Ѓоковиќ доаѓаат особено до израз.

Ѓоковиќ е брз и флексибилен. Тој е, како што велат, „човек од гума“. Тоа е огромна физичка предност. Му овозможува да ги продолжува поените и да ги сомеле своите противници… Но неговите физички предности, во исто време, ја намалуваат големината на неговите достигнувања“.

Се разбира, ова е тотално бесмислена анализа на професорот по филозофија. Беззначајна, во промили, е веројатноста дека во догледно време ќе се појави тенисер висок 3 метри кој ќе сервира само ас – удари! Тоа е во доменот на теоријата. Нема човек висок 3 метри, уште пак тенисер!? Иако тенисери кои сервираат 30 или 40 ас-удари на еден меч има и денес, но тие сепак губат од оние кои се посестрани во играта. Само робот-тенисер, производ на вештачка интелигенција евентуално може да направи таков подвиг. Уште поневеројатна и поапсурдна е претпоставката дека некаков просечен тенисер, Дејв, ќе освои 30 грен-слем турнири, затоа што ќе се води осумгодишна светска војна, за време на која сите други врвни тенисери ќе бидат на фронтот, а тој ќе игра со аматери! Дури и да има светска војна, зошто би се играл тенис? И ако се игра, зошто врвните тенисери не би учествувале на грен-слем турнирите?!

Ѓоковиќ уште го нарекуваат „човек од гума“ поради неговите физички предности

Спомнувањето на физичките предности на Ѓоковиќ пред другите, дека е „човек од гума“ кој ги продолжува поените и може да ги сомеле своите противници е исто така нон-сенс. Тенисот не е балет, туку и физичка, и ментална, и техничка игра, а се разбира потребно е да изградите и своевиден стил и уметност во играњето за да бидете комплетен тенисер.

Но, дали тоа значи дека поради физичките предности, издржливоста, конституцијата на телото и сл., светските рекорди на атлетичарите и атлетичарките, тркачи на долги патеки од Африка – Кенија, Етиопија, Уганда и сл. треба да бидат омаловажувани и да ја немаат вредноста која ја имаат? Или, пак, конституцијата и физичката предност на спринтерите и спринтерките на 100 метри од Јамајка!? За секој спорт, освен талент, техника и напорни тренинзи, морате да имате и физички предиспозиции!

Исто така, аргументот дека најдобрите тенисери со кои се натпреварувал Ѓоковиќ, како Федерер, на пример, не биле на врвот од својата кариера кога тој ги победувал, е благо речено, несериозен. Ѓоковиќ не може да бира со кого ќе игра во текот на својата кариера, ниту пак може да влијае на тоа дали неговите ривали се постари или помлади од него, дали се во пикот на својата игра, или во опаѓање, дали се во форма или не се. Според Брембл, само ако некој е врсник со своите најголеми ривали и ако постигнал рекордни и врвни резултати додека се натпреварувал со своите врсници додека тие биле најдобри, може да биде најголем на сите времиња!? Многу тешко е да се поверува дека таков „распоред на ѕвездите“ може да му се случи на било кој од денешните тенисери! Ѓоковиќ играше (и сè уште игра) тенис во времето на другите двајца, заедно со него, најдобри тенисери на сите времиња, Роже Федерер и Рафаел Надал. Сега игра во времето на младите шампиони Карлос Алкараз, Јаник Синер… И Ѓоковиќ е стар и иако се уште игра извонредно, не е во својот тениски пик, па сепак ги победува. И во конкуренција на сите нив со години покажува врвни резултати.

Всушност, таква е состојбата во спортовите во кои што се мерат резултатите, титулите, рекордите. Не може да се релативизира нивното значење, на сметка на слабата конкуренција или на силните физички предиспозиции. Оттаму овој аргумент на професорот Брембл, секако е пристрасен.

Се разбира, во тенисот е многу важен и стилот на играта, па оттаму Федерер, на пример,  според врвните тениски професионалци е најголемиот уметник на тениската игра, без оглед на тоа што има послаби резултати од Ѓоковиќ. Според други, Федерер е крал на тревнатите терени, Ѓоковиќ на тврдите подлоги, а Надал на земјените. Впрочем, синтагмата „најголем на сите времиња“, кога се во прашање други, колективни спортови, како фудбалот, е уште покомплицирана.

Во фудбалот, се разбира, не е важно само колку голови некој постигнал, колку сезони бил прогласен за најдобар играч на светот, или колку титули освоил со својот клуб или репрезентација, туку огромно влијание секако има виртуозноста на играта, славата кај публиката. Така, иако Пеле, Марадона, Меси, Роналдо… имаат различни постигнувања, резултати, рекорди, голови, титули, фановите и фудбалските експерти се разликуваат по прашањето кој од нив е најголем.

Слично е со дебатата за тоа кој е најголем на сите времиња во тенисот. Зашто, прво треба да се дефинира што точно се подразбира под „GOAT“. Но, што и да се подразбира, резултатите не може да се игнорираат. аА кога се тие во прашање – Ѓоковиќ е најдобриот на сите времиња. Но ако во равенката се додадат и други критериуми – на пример, допадливоста на стилот на играта, однесувањето на играчот на теренот, неговата комуникација со јавноста, неговиот животен стил, односот кон публиката, односот на медиумите и спортската експертска јавност кон него, тогаш влегуваме во полето на субјективноста и на различните вкусови.

И најголемите тениски познавачипризнаат дека е тешко да издвојат кој е најголен на сите времиња од „Големата тројка“ (Фото: ФБ профил на Новак Ѓоковиќ)

Затоа и Матс Виландер, седумкратен освојувач на грен-слем титули, и коментатор на „Еуроспорт“, ќе рече: „Го мразам изразот „GOAT“, дури и ако во овој случај (мисли на Ѓоковиќ) гледам GOAT. Се работи за тоа што ќе му го дадеш на спортот итн., и мислам дека не можеме да издвоиме ниту еден од „Големата Тројка“ кога станува збор за тоа кој е најголем на сите времиња. Но најдобар на сите времиња? Го имаме пред нас и тоа е Новак Ѓоковиќ“.

Сепак, проблемот што статусот „Најголем на сите времиња“ за Ѓоковиќ се доведува во прашање, лежи во тоа што тој за разлика од Федерер и Надал – другите двајца од тројката, со години е помалку почитуван и глорифициран од тениските експерти, од мејнстрим медиумите и од публиката и со години се напаѓа токму неговата личност, неговите ставови и верувања…

Една од причините за таквиот однос кон Ѓоковиќ, според Џо Врајт од Спортинг њуз е токму фактот што тој го растури маркетиншки поттикнуваниот наратив во медиумите и јавноста на долгогодишното ривалство помеѓу Федерер и Надал, за кое се искова дури и израз од двете нивни имиња „ФЕДАЛ“ (типична англо-американска кованица) кое кулминираше на финалето во Вимблдон во 2008, тогаш сметано за најдобро во тениската историја. Кога Ѓоковиќ стана дел од Вимблдон во 2011 г., публиката, медиумите, навивачите, едноставно не сакаа трета личност, узурпатор да им се уфрли од страна, вели Врајт. На некој начин, Ѓоковиќ ја растури таа тениска бајка во која уживаше тенискиот медиумски свет.

Спортинг њуз објаснува зошто Ѓоковиќ е напаѓан од тениските експерти, од мејнстрим медиумите и од публиката

Српскиот тенисер почна да биде черечен во глобалните медиуми поради неговите лични ставови. На пример, неговото верување во холистичката медицина, во трансформативната моќ на позитивните емоции и мислење, многу експерти го отфрлија како суеверие.

Натаму, Ѓоковиќ се спротивстави на тенискиот естаблишмент, и во 2020 г. заедно со тенисерот Васек Поспишил формираа алтернативна асоцијација на професионалните тениски играчи – ПТПА, чија основна цел е да ги заштити тенисерите кои не се високо рангирани на АТП листата, а официјалната тениска асоцијација АТП не им обезбедува рамноправни услови да можат финансиски да ги покријат огромните трошоци потребни за патувања и учество на светските турнири.

Според основачите, иако АТП е организација која ги обединува и тенисерите и сопствениците на тениските турнири, таа недоволно се грижи за тенисерите, затоа што најмногу ги задоволува интересите на сопствениците, кои понекогаш се на сметка на играчите. Слични проблеми се забележани и во Женската тениска асоцијација (WTA) и во Меѓународната тениска федерација (ITF), па затоа ПТПА им понуди членство на 350 тенисери и тенисерки кои се натпреваруваат во сингл и 150 во дубл.

Од јануари 2023 г. организацијата брои повеќе од 250 професионални играчи, меѓу кои Хуберт Хуркач, Џон Иснер, Паула Бадоса, Онс Жабур, кои покрај Ѓоковиќ и Поспишил се во извршниот комитет на ПТПА. Според Ѓоковиќ, ПТПА треба да лобира за промена во начинот на поддршка на тенисерите кои заработуваат малку пари и се борат да преживеат. Само 400 играчи можат да ги покријат своите трошоци од својата заработка, а многумина од оние кои се рангирани од 250-500 место на АТП листата не можат да си дозволат ниту тренер, ниту физиотерапевт. Патувањето, храната, опремата, осигурувањето се дополнителни трошоци кои не можат да си ги дозволат талентираните тенисери кои би можеле да станат врвни, но немаат пари да го финансираат својот развој.

Сепак, Ѓоковиќ беше нападнат од тениските професионалци и од медиумите, а неговите најголеми ривали, Роже Федерер и Рафаел Надал беа меѓу првите кои застанаа против новата асоцијација. Според нив, ПТПА не ги обединува туку ги дели играчите и придонесува за повеќе проблеми.

Но, во 2023 г. АТП објави дека ќе постави минимален годишен приход за најдобрите 200 тенисери во сингл-играта, во зависност од рангирањето, од 300.000 долари за првите 100 до 75.000 долари за оние од 176-250 место. Ако не заработат толку пари, АТП ќе им ја покрие разликата. Дополнително, АТП најави споделување профит од турнирите Мастерс 1000, при што на играчите ќе им биде доделен дел од профитот плус вообичаената парична награда. Ова е секако заслуга и на ПТПА, бидејќи токму новата асоцијација ги покрена прашањата за финансирањето на тенисерите.

Според Ѓоковиќ и Поспишил, целта на ПТПА од самиот почеток е таква, да биде еден вид синдикална организација за тенисерите кои помалку заработуваат, која ќе се бори за нивните права, а не да ги замени официјалните АТП, ВТА, ИТФ во организација на турнири и натпреварувања. За жал, поради самиот факт што е против естаблишментот во тенискиот спорт, на ПТПА се уште се гледа со сомневање, а најголема причина за тоа е што Ѓоковиќ е нејзиниот основач.

Врвен скандал беше третманот на властите на Австралија на невакцинираниот Ѓоковиќ

Најголемиот скандал со Ѓоковиќ се случи во јануари 2022 г. на отвореното првенство во Австралија. Како што е познато, тој одбиваше да биде вакциниран против КОВИД-19, што беше услов за настап на турнирите во Австралија, САД и извесен период и на турнирите Европа. Иако самиот изјави дека не е антиваксер, дека не повикува другите да не се вакцинираат, туку тоа го прави заради сопственото тело и здравје, сепак Ѓоковиќ беше на удар на светските медиуми дека со своето однесување – фактот што не се вакцинира, не придонесува во битката против пандемијата.

Врвен скандал беше третманот на властите на Австралија на невакцинираниот Ѓоковиќ, кога пред почетокот на Отвореното првенство на Австралија, тој заглави во мигрантски притвор во Мелбурн, а потоа беше депортиран од земјата, затоа што му беше укината визата. Претходно, од организаторите на турнирот Ѓоковиќ доби покана, откако две групи експерти ја разгледале неговата документација дека прележал КОВИД и му дале медицински исклучок да настапува на Австралијан Опен. Сепак, Ѓоковиќ беше депортиран со одлука на министерот, како закана за здравјето на граѓаните.

Се разбира, печатот на Запад бараше вина главно во Ѓоковиќ во целата приказна. Зошто не е вакциниран, а тоа е условот да се настапи на турнирот, иако имаше и други играчи кои добиле изземање од вакцина токму како Ѓоковиќ и настапија на турнирот… Потоа, му префрлаа вина дека манипулирал, односно лажел дека прележал КОВИД, иако според документацијата и здравствените органи во Србија, тој навистина прележал…

Во секој случај, третманот на Ѓоковиќ, неговото неколкудневно притворање и депортирање од Австралија, иако таму отпатува на покана на организаторите на турнирот, ќе остане незабележан во спортската и тениската историја. Се разбира, нема никогаш да дознаеме дали таков третман можеше да му се случи на Надал или на Федерер.

Еден од најбизарните инциденти поврзани со српскиот тенисер се случи на Отвореното првенство на САД, во 2020 г. кога нервозен по изгубениот гем против Пабло Карена Буста, Ѓоковиќ го удри топчето зад грб, посилно од вообичаеното и случајно ја погоди линиската судијка во пределот на вратот. За жал, таа падна и од ударот потешко дишеше, но потоа стана и се опорави. За среќа, немаше никакви последици по судијката, но Ѓоковиќ беше исклучен од мечот и суспендиран од турнирот.

Тој подоцна се извини за инцидентот.

„Целата оваа ситуација ме направи тажен и празен, објави тој на Инстаграм. Проверив како е линиската судијка и ми кажаа дека се чувствува добро. Многу ми е жал што и предизвикав таков стрес. Толку ненамерно, толку погрешно“.

Сепак, по исклучувањето, српскиот тенисер му се обратил на главниот судија со зборовите:

„Што и да одлучевте, тешко е, разбирам… Можевте да ми изречете казна еден гем или сет. Имавте повеќе можности… Требаше да ја разгледате ситуацијата. Не можете така едноставно да изречете суспензија од турнирот. Избравте да ме суспендирате за оваа ситуација која првпат ми се случува… Во прашање е мојата кариера, грен-слем, централен терен…“

Но, правилата на турнирите се јасни и без оглед што Ѓоковиќ немал намера, следува исклучување. Ова особено што претходно имало и други такви случаи. На турнирот во Вимблдон во 1995 г., британецот Тим Хенман исто така случајно удрил девојче што ги собира топките, поради што тој и неговиот партнер во дубл Џереми Бејтс биле суспендирани. Во 2017 г., пак, Канаѓанецот Денис Шаповалов беше суспендиран од настап во Дејвис Купот откако го погодил главниот судија со топче во главата.

Такви се правилата, но важат ли тие и за најголемиот ривал на Ѓоковиќ, Роџер Федерер?

Во 2006 г. тој беше дел од сличен инцидент на Австралијан Опен. Кога Федерер го промаши првиот сервис, противникот му ја врати топката, а тој потоа со удар зад грбот го погоди момчето што собира топки, на незгодно место, директно во тестисите. Публиката, коментаторите и Федерер со смеење го проследија овој непријатен настан, но Федерер не доби ниту опомена од судијата, а не пак казна или суспензија!?

За сличен инцидент, судиите различно реагираа во случаите на Ѓоковиќ и Фередер (Фото: ФБ профил на Новак Ѓоковиќ)

Но, кога се случи инцидентот на Ѓоковиќ, 14 г. подоцна, момчето кое го погоди Федерер, Хит Џејмисон, објави реакција на Твитер, во која напиша:

-2020. година: Ѓоковиќ погоди судија и е дисквалифиуван од турнирот

-2006 година: Федерер изведе трик удар и ме погоди во тестисите, и со насмевка ми вели „треба да бидеш спремен“. Поминаа 14 години, Роџер – дали е време за извинување!“

Се разбира дека двете ситуации се разликуваат, зашто Новак ја погоди судијката во пределот на вратот, по што таа падна на подот и тешко дишеше, но двајцата без намера погодија некого на теренот, а правилото беше применето само во едниот, не и во другиот случај.

Но и во 2014 г. на турнирот во Монте Карло, Федерер го удри момчето што собира топки во главата, и повторно немаше реакција од судиите! Дали правилата важат за сите подеднакво?!

Некои аналитичари велат дека Ѓоковиќ не е омилен кај публиката и поради тоа што одвреме-навреме покажува нервоза поради лошата игра, па се случува во такви ситуации неоправдано да му приговара на судијата, но и жестоко да реагира, со уништување на рекетот. Знае, исто така, да му се развика на сопствениот тренер (Горан Иванишевиќ) без причина или да упати иронични гестикулации кон публиката, кога таа во поголем број навива за неговиот противник, што вообичаено се случува на грен-слем турнирите. Но, Ѓоковиќ не е исклучок меѓу тенисерите со ваков тип однесување. Од него има многу понервозни тенисери, кои се вистински немирни момчиња. Ова меѓудругото и затоа што тој поретко доживува порази. Надвор од теренот, Ѓоковиќ е примерен татко, семејството секогаш му е приоритет, се грижи за блиските, им посветува доволно време на своите фанови кои чекаат во редици за автограм, финансиски им помага на тенисерите, но дава несебично и хуманитарна помош во најразлични случаи.

Па сепак, тој не е омилен кај медиумите на Запад, кај публиката и кај колеги тенисери, кои немаат доверба во него, дури и во чисти ситуации.

За време на минатогодишниот (2023г.) Австралијан Опен, кој го освои по 10-ти пат, Ѓоковиќ се жалеше на повреда на тетивата која во текот на турнирот му задаваше сериозни проблеми. Додека играше често бараше помош и од својот физиотерапевт поради болки во левата нога. Откако го доби мечот со австралијанецот Алекс Де Минаур, медиумите кои се посомневаа во повредата на Новак, го прашаа Де Минаур како изгледал српскиот тенисер на теренот, а тој им одговори дека Новак се движел добро на теренот, сугерирајќи дека глумел повреда.

И други тенисери, Тод Вудбриџ и Енцо Кокуд, кој беше еден од противниците на Новак на турнирот, исто така го обвинија дека лажел за повредата. Новак им одговори:

„Им оставам на тие што се сомневаат, да продолжат да го прават тоа. Само моите повреди се доведуваат во прашање. Кога некои други играчи се повредени, тогаш тие се жртви, но кога сум јас во прашање, тогаш се преправам. Многу интересно…. Не чувствувам дека треба да докажувам некому.“

Иако не е јасно колку сериозна била повредата на Ѓоковиќ, кој го освои турнирот, сепак е чудно зошто српскиот тенисер би глумел дека е повреден, кога тоа едноставно не може да му даде никаква предност на теренот… Има уште бројни ситуации во кои Ѓоковиќ е на тапет и таргет на глобалните спортски медиуми. Сепак, факт е дека тој, иако долги години е на врвот од светскиот тенис, не може да ја достигне славата која што ја уживаат неговите најголеми ривали Федерер и Надал.

По победата на Отвореното првенство на САД 2023 г. српскиот тенисер беше запрашан од медиумите што мисли за дебатата кој е најголемиот играч на сите времиња.

Еве што тој им одговори:

„Оставам на вас и на другите, дали заслужувам да бидам дел од таа дебата. Сепак, едно нешто е факт – да не бев од Србија, ќе бев глорификуван на спортско ниво уште пред многу години, особено на Запад. Но, ова е дел од моето патешествие, јас сум благодарен и горд што доаѓам од Србија – поради тоа, сите овие успеси се послатки и повеќе ме исполнуваат…“

Оваа содржина ја подготви Институтот за комуникациски студии.

Двојни стандарди

Користењето на аргументи против една личност кои се неважечки кога станува збор за друга личност.

Измислување докази

За да ја докажат теоријата на заговор, оние што ја пласираат, измислуваат и фалсификуваат докази чија проверка не е тешка, но сепак е потребно да побарате прецизни информации, за што многу луѓе ниту имаат време, ниту пак волја да пребаруваат. Во случајот на земјотресот во Турција, како доказ дека е вештачки предизвикан, лиферувана е измислица дека земјотресот немал епицентар, туку линија на потреси. Тоа, се разбира, е безочна лага, зашто епицентарот бил лоциран 37 километри северозападно од градот Газиантеп. Измислено е и дека секој нареден потрес, афтер-шок, бил посилен од првиот удар, 7,8 степени по Рихтер, што е груба невистина. Сите афтер-шокови биле со помал интензитет! 

Напади на личноста

Ad hominem нападот или нападот на личноста, не е аргумент кој е релевантен за да се докаже дека и ставовите на таа личност треба да се отфрлат.

Злоупотреба на авторитети

За продажба на истиот чај „Паразол“ во лажна реклама се јавува и имунологот д-р Вело Марковски.

Измамниците со лажни лекови ги злоупотребуваат и имињата на д-р Сашко Кедев, кој, пак, препорачува средство за намалување на притисокот, д-р Никола Тодоров, поранешен министер за здравство, но не е лекар, а рекламира маст против габична инфекција!

Д-р Арбен Таравари, кој е невролог, но рекламира производи што ќе ви помогнат брзо да ослабите...

Сите тие постојано ги демантираат лажните вести и злоупотребата на нивниот авторитет. За жал, повеќе од една година од истрагата на МВР се уште нема никаков резултат.

Неверодостојни фотографии

Главната фотографија која ја споделуваат сите медиуми како доказ за појавата на змии во општина Аеродром и која како илустрација во соопштението на СДСМ е преземена од постот на граѓанската организација „Ново Лисиче“ е симната од интернет, од австралиска веб-страница. Во медиумите приказната се илустрира и со други фотографии од опасни змии кои се избрани за да делуваат страшно за публиката. Изборот и употребата на неавтентични и неверодостојни фотографии во медиумите и на социјалните мрежи е неодговорен и вестите ги прави лажни.

Маркетинг трикови

Во продажбата на лажните лекови вообичаено се користат познати трикови од онлајн маркетингот.

„Само во оваа прилика лекот може да го добиете по половина цена!“

„Побрзајте, купете го во следните 24 часа или понудата ќе исчезне!“.

„Количините се ограничени и јавете се веднаш, нашите оператори ве очекуваат“…

Се разбира, ако чајот сакате да го купите по редовна цена, нема таква можност, ниту пак понудата ќе исчезне!

Лизгава лизгалка

Невозможен и пристрасен аргумент, односно претерување, при обидот да се омаловажи некоја личност.

Игнорирање на мејнстрим науката

Ако некој тврди дека открил нешто спектакуларно, а откритието може да се докаже со научна експертиза, логично е да им дозволи на врвните експерти од областа да го потврдат неговото откритие. За да ја убедат јавноста дека нивните сензационални откритија се автентични, во трката по лесно заработени пари и светска слава, измамниците умеат да се повикаат и на авторитети од соодветната област. Се разбира, важно е да го провериме и кредибилитетот на авторитетите. Сепак, секое наводно откритие кое ја игнорира мејнстрим науката, дотаму што тенденциозно ги исклучува највисоките научни и академски авторитети од можноста тие да ги проверат резултатите од истражувањето и да ги утврдат фактите во врска со откритието е сигнал за сомневање дека е во прашање измама – лажна вест.