Реклами за лажни лекови, измами со злоупотреба на имиња на познати лекари
Лажните вести поретко се резултат на небрежно и непрофесионално известување или погрешно интерпретирани податоци, а многу почесто, оние кои ги пласираат, тоа го прават намерно и притоа имаат отворена или скриена цел – да привлечат поддршка за себе, да го оцрнат политичкиот противник или бизнис-конкуренцијата, да го жигосаат непријателот, да регрутираат приврзаници за својата кауза, да ве натераат да верувате во некаков мит, да ви наметнат идеолошки поглед на светот, да остварат некаков бенефит, добивка…
Да, многу често токму тоа, нечесно да заработат пари! Развојот на интернет и на социјалните мрежи пренесе онлајн многу измамници кои во трката по лесни пари користат малигни реклами за продажба на лажни производи. Се разбира, ваша е одговорноста кога лековерно ќе посегнете по паричникот да купите „левис“ фармерки, „најк“ патики или „ајфон“, да речеме од веб-страници ала „Битпазар експрес“, ќе се радувате две-три недели затоа што сте ги платиле по неверојатно ниска цена и на крајот, откако ќе добиете бофл-стока што не вреди ниту петпари, ќе бидете бесни зошто сте испаднале таков идиот!
Треба да сте навистина нов корисник на Интернет и прилично наивна жртва за да се изгорите од лажни вести за евтини лажни производи, зашто на Интернет врие од такви искуства. Важно е само да имате основна безбедносна култура и да проверите пред да купувате.
Но, и покрај сè поголемата контрола, измамниците постојано измислуваат нови и нови начини како да ви „измолзат“ пари на Интернет, удирајќи онаму каде што сте најчувствителни. За луѓето, пак, најважно е здравјето. Секој има некаква потреба од чудотворен лек, без оглед дали станува збор за дотерување на надворешниот изглед или за лекување на некоја посериозна болест. Луѓето сакаат брзо да ослабат, да им порасне коса, да го зголемат либидото, градите, половиот орган, да го поправат видот, но и да го намалат притисокот, холестеролот, болките во зглобовите, да го решат дијабетесот, проширените вени, да го излекуваат чирот на желудникот, да им исчезне псоријазата, да се изборат против тешките, смртоносни болести…
Армија измамници ве чекаат на социјалните мрежи и ве напаѓаат на илјадниците информативни портали, бомбардирајќи ве со неверојатни маркетинг пораки за брзи резултати во лекувањето.
На социјалните мрежи „демнат“ армија измамници
За жал, некои од нас се толку беспомошни и очајни за сопственото или за здравјето на своите најблиски, што многу брзо ќе посегнат по својата кредитна картичка и ќе го купат фамозниот чај, напиток, тинктура, маст, еликсир за кој во рекламите се тврди дека експресно ќе им го реши здравствениот проблем.
Најчеста мамка се убедувањата за брзите резултати
Ова уште повеќе доколку таквиот чудотворен лек го препорачува или рекламира некој голем здравствен авторитет, познат и признат лекар, човек на кого, едноставно, мора да му веруваме! Во ваквите мега-измами за молзење пари од граѓаните, за да ја направат измамата што поуверлива, продавачите на лажни лекови на интернет користат имиња на многу домашни, регионални и светски познати лекари.
Измислени интервјуа и изјави
Еден од најеклатантните примери кај нас е оној на д-р Никола Пановски, микробиолог, познат по своите јавни настапи за време на пандемијата со коронавирусот, лекар кој создаде имиџ на врвен непристрасен здравствен авторитет.
На 25 ноември 2022 г. на својот ФБ профил, д-р Пановски се огласи со драматичен пост со наслов: „НЕ РЕКЛАМИРАМ НИТУ ЧАЈ ЗА ПАРАЗИТИ, НИТУ НЕКОГАШ ЌЕ РЕКЛАМИРАМ НЕКОЈ ЛЕК И ЛЕКОВИТО СРЕДСТВО“. Во постот меѓу другото вели:
„Драги пријатели еве и мене ми дојде редот. Се видов со слика и текст…Група хохштаплери и криминалци од најдолен вид со години, преку социјалните мрежи злоупотребуваат угледни доктори, професори, дел постојат, дел се измизлени. Неовластено користат нивни фотографии, нивното име и тутула, постираат нешто што тие не го кажале, па потоа продолжуваат со измислени пациенти, како тоа средство им помогнало итн. На крајот производот го продаваат онлајн, за висока цена. Неовластено се богатат злоупотребувајќи го нашиот углед стекнат со децении. Јавно лажат!…“
Со оригинална фотографија од докторот се пласираат фабрикувани изјави
Рекламите за наводно спасоносниот чај против паразити „паразол“ беа објавени на повеќе домашни портали и на социјалните мрежи. Покрај мноштвото маркетинг пораки објавено е и комплетно фабрикувано интервју со д-р Пановски со опскурен наслов „НОВ БРАН?! Зошто лекарите не слушаат кога луѓето масовно се хоспитализирани поради паразитска инфекција?“, кое може да ни послужи како урнек како се одвива измамата со продажба на лажни лекови преку злоупотреба на здравствени авторитети.
Во случајов е јасно дека измамниците ја злоупотребиле пандемијата со коронавирусот која однесе неколку илјади жртви само во Македонија, потпирајќи се на оправданиот страв кај населението. Потенцијалните жртви на измамата треба да бидат на штрек, зашто не се свесни што ги очекува после пандемијата на коронавирусот, односно дека има поголеми убијци од вирусите!
Во „интервјуто“ д-р Пановски, божем, се вклучува во програма на емисијата „Жешко политичко лето“ на една од домашните телевизии, која е исто така злоупотребена, каде што наводно гостуваат други лекари и таму соопштува шокантни податоци: „Денес речиси 95% од луѓето не умираат од вируси, туку од оштетување на внатрешните органи од паразити!“ „Паразитите го напаѓаат човечкото тело одвнатре, ги апсорбираат сите корисни хранливи материи и го контаминираат телото со токсини. Паразитите несат јајца во црниот дроб, бубрезите, срцето, мозокот, белите дробови и другите витални човечки органи!“
Стравот за животот и здравјето кај сите нас, потенцијални пациенти, понатаму во објавата се мултиплицира со пласирање шокантни фотографии од наводни паразити во организмот, т.н. фузиформни црви кои можат да достигнат должина и до 40 сантиметри, паразити во црниот дроб, во окото дури!?
Стравот за животот и здравјето се мултиплицира со пласирање шокантни фотографии
Дополнително, потенцијалните жртви на измамата се обработуваат со божемни податоци од светски авторитети: „Според светската здравствена организација 1,7 милијарди луѓе се веќе заразени со паразити опасни по живот!“ „Заразените имаат девет пати поголема веројатност да заболат од хронични болести… што на крајот доведува до смрт“ сигурно „ќе ги заразат и своите најблиски“.
Теории на заговор
Откако жртвата ќе биде преплашена за сопствениот живот, како и за животот на најблиските, потоа измамниците користат зборови на утеха и решение на проблемот – не грижете се, има спас! Има лек, но здравствените власти го кријат овој лек и затоа го нема во аптеките! Овде, пак, се прави нова манипулација – користење на теорија на заговор.
„Зошто овие лекови не се достапни во аптеките?“, вели наводно д-р Никола Пановски. „Чекаат населението да паничи и дури тогаш за огромни пари ќе почнат да продаваат спасувачки лекови! Ќе заработат многу пари од туѓа несреќа, а нашите сограѓани ќе загинат, бидејќи нема да можат навреме да го спречат оштетувањето на внатрешните органи и да ги отстранат паразитите!“
Значи, страшна болест, властите го кријат лекот затоа што сакаат да заработат на вашето здравје, но не грижете се, можете да го набавите тука, сега и веднаш. Следува реклама за „чудотворниот чај“, кој треба да ги реши вашите проблеми.
Но, чекајте, прво треба да направите „тест“ – кој е совршено средство да ве навлечат на измамата, зашто треба да ви остави впечаток дека се нуди научен метод за испитување на вашата состојба. Во тестот насловен „Откријте дали имате паразитска инфекција“ одговарате на прашања – колку често се чувствувате уморни, дали страдате од несоница, колку често чувствувате надуеност или имате дијареја, запек, главоболка, настинка, вознемиреност, лутина, стрес… Состојби кои се многу чести кај обичниот човек, но и едно прашање за малку посериозна дијагноза – дали имате папиломи по целото тело? Сепак, без оглед дали ќе одговорите на тестот за овие здравствени проблеми со „многу често“, „ретко“ или „никогаш“, на крајот ќе добиете ист резултат: „За жал, постои 92 отсто шанса да имате паразити во вашето тело! Дефинитивно треба да ги спречите штетните ефекти на паразитите, а во тоа можат да ви помогнат ефективни природни антипаразитски агенси!“
Понудата да го купите чајот се отвора на нова веб-страница каде што измамниците ви втеруваат дополнителен страв со пораките „Секоја година 15 милиони луѓе умираат од паразити! Пазете се од паразитите! Тие се причина за заразни болести и рак! Може да пораснат до 38 сантиметри и да изведат 250 јајца одеднаш!“
Овде има и список од што сè ќе ве ослободи чајот паразол – акни, мозолчиња, рана ќелавост, себореја, лупење и кршење на ноктите, ангина, полипи, синуси, замор, крајници… Паразитите предизвикуваат буквално се што ќе замислите!? И се разбира, тука клучно е ветувањето дека „Паразол“ ќе ги отстрани паразитите од вашето тело за 30 дена! Следува составот на чајот, кој е природен и составен од неколку билки – пелин, диво оригано, мајчина душица и нане! И сето тоа ја уништува армијата паразити!
Се нудат и резултати од наводни клинички испитувања и дополнително експертско мислење од извесен д-р Кире Трајчев, наводен доктор по заразни болести со 18 г. искуство како и неколку сертификати кои треба да докажат дека производот е испитан!
Следува маркетиншкиот трик дека чајот се нуди со 50 отсто попуст и наместо за 4.800 денари имате можност да го купите само за 2.400 ден. Но, побрзајте, затоа што количините на попуст се разбира, се ограничени. Понудата завршува со сведоштва на пациентите што го консумирале „Паразол“. Уверливи слики како по употребата паразитите излегле од човековото тело се помесетени во лажното интервју на проф. Пановски!
Покрај постојаните деманти во јавноста на професорот Пановски, повеќе македонски медиуми и информативни портали објавија текстови во кои ги откриваат измамите со чајот „паразол“ како и за други наводни чудотворни лекарства што се нудат во лажни реклами на социјалните мрежи.
Многу медиуми постојано алармираат на измамите
Посериозно новинарско истражување на темата објавува „Слободен печат“ во текстот со наслов „Кој во Македонија продава „магла во тегла“ со нечесни реклами и лажни интервјуа со д-р Пановски во кои чај се претставува како лек против паразити?!“. Во текстот главно се открива дека зад лажните реклами и продажбата на чајот „Паразол“ стои фирмата„Монад Плуг“ од Македонија која го увезува чајот сосема легално како храна од производителот, фирмата „Монетизе“ од Босна и Херцеговина. Чајот не е регистриран како додаток во исхраната во Македонија, а најмалку како лек. Еден од главните проблеми е што на чајот, откако ќе го добиете, не пишува дека тој лекува паразити. Впрочем, во прашање е измамничка шема за лажно рекламирање. Фирмата производител на тој начин е заштитена зашто таа не врши директно лажно рекламирање, туку други фирми, како „Лимитед шарм“ и „Монад Плуг“, чии телефонски оператори се јавуваат на нарачателите и им ги раскажуваат лагите.
Но, освен истрагата за безбедносниот дел, важно е дека лекарите за „Слободен печат“ ја побиваат лажната вест, дека паразитите се причинител на толку многу болести како што се тврди во рекламите и дека може да се искоренат за неколку дена. Доктор Снежана Цветковиќ, специјалист по медицинска микробиологија и паразитологија за „Слободен печат“ вели:
„Не е точно дека сите луѓе имаат паразити. Паразитите се докажуваат. Таман работа сите да имаме, тогаш сите ние што работиме во лабораторија би требало да сме полни со паразити. Тоа е лажна информација за да се продава производот. Тревките, чајчињата не се штетни по здравјето, но не се лек за паразити…“
Д-р Никола Пановски, пак, за „Слободен печат“ вели: „Паразитите се исклучително ретки во градска средина, а со чај не можат да се исфрлат туку со лекови (антихелминтици) кои се докажани во клинички испитувања и се употребуваат со децении. Ги пропишува лекар на рецепт, само и исклучиво по доказ за присуство на паразитите. Болестите со црви во развиениот свет се извонредно ретки…“
Лекарите од Институтот за јавно здравје демантираат и дека било кој лекар од Институтот го препорачувал овој чај, а такви информации им пренеле пациенти, жртви на измамата.
Што се однесува до маркетиншките трикови за продажба на производот, наводно за 50 отсто од цената, тие треба да ви бидат вистински аларм дека на продажба ви се нуди лажен производ. Ова особено затоа што доколку сакате чајот да го купите за вистинската цена – 4.800 денари, тоа никаде на страниците што го продаваат, не се нуди!
Лекарите, пак, кои наводно ги препорачуваат овие болести, како д-р Кире Трајчев во рекламата, се непостоечки. Искуствата од пациенти кои се воодушевени по користењето на лекот, исто така се измислени. Тоа, пак, може лесно да се утврди. Ако ги проверите фотографиите од лицата преку Google Image Search, ќе забележите дека се совпаѓаат со фотографии користени на интернет во разни слични шеми за продажба на лажни производи. Така, д-р Кире Трајчев во српската реклама за „Паразол“ е д-р Лука Лучиќ, а „среќните пациентки“ Сашка, Кате и Лидија што го употребувале чајот, таму се Живана, Анѓа и Смиљана…
Во „рекламите“ лажни се и лекарите и пациентите кои сведочат за делотворноста на лековите
Многу други елементи на рекламата се алармантни и треба да ви послужат како доказ дека станува збор за измама со лажно рекламирање. Текстовите главно се лоши преводи од српски или од англиски јазик, а некаде има толку очигледни грешки, што веднаш се гледа дека е во прашање измама. На пример, во текстот од наводното интервју на Пановски, на повеќе места во рекламата наместо „Чај“ тотално без никаква смисла и проверка, употребен е зборот „Чадор“. На две места дури „Чадорот за сонце“! Очигледно рекламните „ботови“ кои го составувале ова интервју, го згрешиле и преводот и смислата!
Лошиот превод е исто така знак за измама
Ако и тоа не успее да ве увери и ако сте навистина очајни за вашата здравствена состојба, побарајте го вашиот лекар и прашајте го дали станува збор за автентичен лек, додаток во исхраната и сл., чај што помага или можеби е во прашање измама.
За продажба на истиот лажен чај против паразити, „паразол“ злоупотребен е и имунологот д-р Вело Марковски, исто така познат и популарен за време на пандемијата со коронавирусот. Повеќе врвни македонски лекари злоупотребени се со слични реклами што продаваат лажни лекарства, чаеви, масти, тинктури…. Меѓу нив се д-р Сашко Кедев, кој наводно препорачува средство за намалување на притисокот, за кое се тврди дека обезбедува 120 години живот, д-р
Никола Тодоров, поранешен министер за здравство, кој божем рекламира маст против габична инфекција, односно против епидемија на смртоносни нокти и габи на кожата! Измамниците веројатно не воделе сметка за тоа што Тодоров е правник, д-р на правни науки, а не лекар по професија, иако беше министер за здравство, па целосно е некомпетентен да препорачува лекарства.
Потоа, д-р Арбен Таравари кој демек рекламира производи што ќе ви помогнат брзо да ослабите... Таравари е лекар, беше и министер за здравство, но неговата професија е неврологија, што нема никаква врска со препарати за слабеење, но тоа не е важно за измамниците, важно е да уловат што повеќе жртви. Сите овие лекари постојано ги демантираат лажните вести и злоупотребата на нивниот авторитет. За жал, повеќе од една година иако МВР има преземено активности се уште нема никаков резултат од прогонот на измамниците.
Рекламите за лажни лекарства на социјалните мрежи или на дел од македонските портали вообичаено ве водат до веб-страници кои наликуваат на страници со вести, некои божем имаат и рубрики, како спорт, култура и сл., имитираат постоечки портали – како „Кајгана“, „Новости“ и сл. Сепак, кога ќе кликнете на некоја од божемните рубрики, сите ве водат само до нарачката на лажниот производ. Таа практика исто така треба да биде аларм дека се во прашање измамници.
Доволно е да си јавна личност за да бидеш злоупотребен
Иако полицијата презема активности за гонење на компјутерскиот криминал, а ФБ, Твитер и другите социјални мрежи постојано блокираат вакви страници, можноста за лажно онлајн рекламирање на интернет е огромна. Парите што ги заработуваат овие криминалци им овозможуваат во трката со онлајн-полицијата да постираат секојдневно нови и нови реклами, на блогови, на лажни ФБ профили и сл.
Како тогаш да се одбраниме од рекламите за лажни лекарства со лажни сведоштва и препораки од здравствени авторитети? Животот и здравјето се најскапоценото нешто со кое располагаме и затоа мора да бидеме свесни дека не постојат преку ноќ решенија за здравствените проблеми. Факт е дека со употреба на природни препарати, билки и сл. може да се ублажат, а понекогаш и да се отстранат одредени здравствени проблеми, но важно е да не бидеме лекомислени и да не им веруваме на измамниците што сакаат само да ги злоупотребат нашите најсилни емоции и загриженоста за здравјето!
Во секој случај, со животот и со здравјето располагате лично. Точно е дека и парите се ваши, најчесто тешко заработени, и затоа внимавајте за што ги трошите, особено онлајн. Секоја реклама за чудотворен лек, еликсир, тинктура, маст и сл. што ќе ви реши некаков здравствен проблем, проверете ја со вашите пријатели, побарајте информации на ФБ или пребарајте на Интернет за да откриете дали е автентична или лажна, дали лекарот што ја препорачува на својот ФБ профил објавил за тоа некаква информација, дали демантирал и сл., дали специјализираните вебстраници за проверка на вестите ја истражувале рекламата итн.
Во секој случај, овде важи златното правило: Ако нешто ви звучи премногу добро за да е вистинито, најверојатно е лажно!
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.