„Енормна појава“ на змии во општина Аеродром
Во општина Аеродром, во август 2022 г., граѓани забележале змии, една жива во запуштената трева кај кулите на Џевахир и една кожа од преслечена змија на тротоар кај маркетот „Тинекс“. Но ширењето неверодостојни фотографии и предимензионирањето на оваа појава од политичките партии ја прави целата информација сомнителна, а со тоа и лажна вест
Стравот е едно од најексплоатираните чувства кај луѓето кога станува збор за техниките на манипулација на граѓаните преку ширење лажни вести. Политичките партии во својата битка за гласови и потребата да се оцрни политичкиот противник, често употребуваат лажни вести и дезинформации. Но, понекогаш се служат и со вести кои се вистинити или делумно вистинити, меѓутоа со употреба на претеран јазик (loaded language), неавтентични фотографии за илустрација, преувеличени податоци кои не одговараат на фактите, стануваат страшни вести кои можат да рашират паника меѓу граѓаните. Таков е примерот со објавата лани летото за наводна енормна појава на змии во општина Аеродром.
Хаос, ужас, змии на детските игралишта!?
На 26 август 2022 г. ФБ профилот „Ново лисиче“ објави информација за поплаки од граѓани за појава на змии во општина Аеродром:
„Почитувани сограѓани,
Деновиве добивме повеќе поплаки од граѓани за појава на змии во Реонски центар и кај Џеваир за присуство на змии кои може да бидат опасност за граѓаните.
Овие случаи се забележани на аголот во Реонски центар каде беше предвидена изградбата на општинската зграда, а сега е запуштен дел обраснат со трева, и во делот кај преминот кај Џеваир кај малата црквичка, каде исто така е обраснат со трева.
Ги замолуваме надлежните служби во Општина Аеродром да ги искосат тревните површини на наведените локации за да не дојде до немили настани.“
Следниот ден, на 27 август 2022 г., општинската организација на СДСМ од Аеродром објави соопштение со наслов „СДСМ Аеродром: Нема крај на хаосот и ужасот во кои граѓаните секојдневно живеат во општина Аеродром под раководство на ВМРО-ДПМНЕ и Муцунски“. Во соопштението преземена е фотографијата од ФБ профилот „Ново Лисиче“ на која доминира опасна змија, а текстот на соопштението изобилува со застрашувачки квалификации:
„Нема крај на ХАОСОТ и УЖАСОТ во кои граѓаните секојдневно живеат во општина Аеродром под раководство на ВМРО-ДПМНЕ и Муцунски“.
„На социјалните мрежи се споделуваат ГОЛЕМ БРОЈ ФОТОГРАФИИ на граѓани од појавата на змии низ урбаните делови во општина Аеродром“.
„ПАРКОВИТЕ, ДЕТСКИТЕ ИГРАЛИШТА, ПАРКИНЗИТЕ, стануваат ОПАСНОСТ ПО ГРАЃАНИТЕ на Аеродром“.
„Родителите се во СТРАВ за своите ДЕЦА“
„Покрај проблемот што се случува со зголемениот број на бездомни кучиња, сега поголем проблем е ЕНОРМНАТА ПОЈАВА НА ЗМИИ низ парковите во Аеродром.“
Неодговорно преувеличување на опасноста
Ова соопштение потоа е преземено од повеќе веб-страници на информативни медиуми, за жал, без да се проверат објавените информации и фотографии, кои се преувеличени и не се поткрепени со доволно докази.
Имено, мала проверка на фактите, ќе докаже дека на ФБ, како и на веб-страниците на информативните медиуми, не се споделуваат ГОЛЕМ БРОЈ ФОТОГРАФИИ од појавата на змии, како што се тврди во соопштението на СДСМ.
Имено, за само ДВЕ фотографии кои се споделени од граѓаните може да се тврди дека се автентични. Едната е од место близу до автобуска станица кај Тинекс, каде што на тротоарот може да се забележи кожа од преслечена змија, а другата е глетка од змија во обрасната трева, снимена наводно во запуштениот дел кај Џевахир кулите од еден граѓанин.
Другите фотографии од змии кои се употребени во ФБ постовите, како и во медиумите, главно се преземени од интернет, а на нив се прикажани опасни змии готови да нападнат.
„ПАРКОВИТЕ, ДЕТСКИТЕ ИГРАЛИШТА, ПАРКИНЗИТЕ, стануваат ОПАСНОСТ ПО ГРАЃАНИТЕ на Аеродром“.
Оваа информација е исто така лажна, односно изнасилена и претерана, зашто змии не се видени во парковите, на детските игралишта и на паркинзите, туку во запуштените места – градилишта кај кулите Џевахир обраснати со трева. Ова е значи претерано манипулирање со стравот за политички цели. Секако, тоа не значи дека тие места треба да останат запуштени од општинските служби и дека во играта и таму не може да заскитаат деца, па родителите со право може да се загрижени, но мора да се внимава при споделувањето вакви информации. Зашто, ако прочитате информација дека има ЕНОРМНА ПОЈАВА НА ЗМИИ во Аеродром, тоа може да предизвика паника кај вас како граѓанин и да се уплашите воопшто да излезете од својот дом или да им забраните на децата да излезат и да си играат.
Затоа, кога се вакви информации во прашање секогаш треба да внимавате на фактите. Дали се поткрепени со докази односно дали зад нив се крие намера со преувеличување на опасноста да се дискредитира политичкиот противник или едноставно медиумите да заработат што повеќе кликови од читателите.
Но, ако целта на политичките партии е да ја предимензионираат негрижата за граѓаните и политичката одговорност на противникот, не водејќи сметка за фактите, непрофесионално е новинарите некритички да преземаат страшни фотографии од опасни змии од интернет, како илустрација за појавата на змии во Аеродром.
Змиите биле од Австралија?
Ова во случајот ќе се покаже клучно за натамошната судбина на информацијата. Имено, во објавата на речиси сите медиуми доминира фотографијата споделена од ФБ профилот „Ново Лисиче“, а подоцна ќе се испостави дека станува збор за фотографија симната од интернет, од австралиска веб-страница.
Така, општина Аеродром, претставувана од градоначалникот Муцунски, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, ќе ја искористи таа шанса и веднаш ќе објави „демант на информацијата“, според кој фотографијата во соопштението на СДСМ е лажна, а со тоа, „се разбира“ и целата информација.
Информативниот медиум „Република“, кој е политички близок до ВМРО-ДПМНЕ, но и други медиуми од сродна политичка ориентација, на својата веб-страница ќе го објави соопштението со наслов на веста „Општина Аеродром демантира, змиите на СДСМ се од Австралија“.
„Општината е во континуиран раст и развој, а објавување слики од змии, кои веројатно се преземени, не можат да ја сменат оваа реалност.“
„СДСМ Аеродром, наместо да се занимава со лажни вести, многу поважно е овој понеделник да го поддржи ребаланост на буџетот кој предвидува нов парк од 6000 м2 во Реонски центар…“
„Лажните вести, монтираните фотографии, лажната паника и занимавањето со лажни змии се груба манипулација со јавноста и уште еден доказ за депресивната реалност, која, за жал, долго време е присутна во редовите на СДСМ. Веројатно змијата е најдобра асоцијација за лефтерноста во која се наоѓа оваа партија и која, за жал, ја чувствуваат сите граѓани на Македонија“.
Сличен текст, со реакција на ВМРО-ДПМНЕ, на својата веб-страница ќе објави и информативниот медиум „Курир“, близок до опозициската партија, со наслов „Сликите од од змии објавени од СДСМ се слики симнати од гугл од Австралија а не се направени во Аеродром“. Во реакцијата меѓу другото се вели:
„СДСМ со украдени слики се обидува да го оцрни градоначалникот Муцунски. СДСМ се фатени во лага, сликите кои тие ги објавија за наводно дека во парковите во општина Аеродром има змии се симнати од Гугл и се слики од Австралија, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.“
Појавата на змии во општина Аеродром не е целосно лажна вест. Зашто, макар и една видена змија во запуштениот дел, треба да го вклучи алармот, за општинските служби да почнат да си ја вршат работата и граѓаните да бидат соодветно информирани. Во Аеродром се видени змии, барем од двајца граѓани, барем една жива во запуштената трева кај кулите на Џевахир и една кожа од преслечена змија на тротоар кај маркетот „Тинекс“. Но ширењето неверодостојни фотографии и предимензионирањето на оваа појава од политичките партии ја прави целата информација сомнителна и ефектот на крајот е лош. Градоначалникот и општината добиваат можност да ги оценат информациите за појавата на змии во општина Аеродром како целосно измислени, како лажна вест пар екселанс… А дел од граѓаните да им поверуваат.
Иако, една обична претрага на интернет ќе открие дека вести за појава на змии во општина Аеродром имало и во 2018 г. кога градоначалник на општината бил Златко Марин од СДСМ. Таква е оваа објавена во „Курир“ со наслов „Аеродром во моето срце“: Змии во општината која Марин и Шилегов направија да личи на џунгла“, која е илустрирана со фотографија на која доминира убиена змија и сличен текст како и поновите.
Партиските штабови креираат јавно мислење
Но, ако од политичките партии не можете да очекувате да ја говорат вистината, туку само она што одговара на нивните политички интереси, медиумите и новинарите се должни да ја проверат информацијата, да стапат во контакт со граѓаните кои објавиле пост на социјалните мрежи за појавата на змии, да ги проверат фотографиите дали се автентични, да отидат на терен и сами да се уверат во состојбата, да се обратат во општината и да прашаат зошто не е искосена тревата, зошто не е исчистен шутот, дали им се пожалиле граѓани на појава на змии итн. итн.
Каква поука можеме да извлечеме од овој случај?
Во војната со партиски соопштенија кои медиумите дословно ги преземаат, најчесто страда вистината. За жал, кога станува збор за теми кои го загрозуваат јавното здравје или безбедноста тоа може да биде поразително. Поради тоа што новинарите не си ја вршат професионално својата работа, сеедно дали затоа што се мрзливи, некадарни, недоволно едуцирани, во немилосрдна трка по кликови и читаност или пак затоа што се политички пристрасни, тие им оставаат на партиските штабови да креираат јавно мислење, а со тоа да шират и лажни вести. Граѓаните на тој начин ја губат довербата во медиумите, кои наместо да им пренесат точна, проверена информација, само ги засилуваат поделбите меѓу нив за тоа кој ја зборува вистината а кој лаже во зависност од политичката определба.
Затоа внимавајте кога читате вести од партиски соопштенија во медиумите или на социјалните мрежи! Секогаш постои можност да бидете изманипулирани како читател!
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.