Анализирај |

Пропаганда 101: Никотинска индустрија

feat-img

Техниките за наметнување пропаганда се повторуваат од минатото и се сосема успешни и денес. Научете како се создава пропаганда, за да знаете да ја препознаете следен пат кога ќе бидете на мета.

Уште од настанокот на цигарите се појавувале сомнежи за нивниот ефект врз здравјето на луѓето. Така во 1906та година САД ги брише тутунот и никотинот од официјалната листа на лекови и токму тогаш, стапува на сила машинеријата на умешната пропаганда – таа почнува да ја врти  приказната во своја корист – за да создаде профит.

Во оваа пропаганда не се поштедени ниту децата. Зголемување на пазарот со младите пушачи, го постигнала и  американската компанија „Р.Џ. Рејнолдс Тобако“  тогаш сопственик на брендот цигари „Камел“, кога во 1988 година ја иницира сега озлогласената кампања „Олд Џо Камел“. Според истражувачи на Стенфорд универзитетот, ликот Џо Камел бил привлечен за децата, имал младински сленг и двојно значење за да се потенцира „мекиот вкус“ на овие цигари.

Пушењето претставувало и симбол на мажественост, па тутунската индустрија во обид да ги привлече и жените, создала претстава за тутунот како семејна вредност.

Сепак, најголем продор во таа бариера на мажи пушачи и жени непушачи ја создал таткото на пропагандата, Едвард Бернејс. Тој бил ангажиран од Американ Тобако при што ја создал кампањата „факели на слободата“ со која пушењето цигари ја еманципира и ослободува угнетената жена.

Но, пропагандата тука не запира. Како одговор на штетните ефекти од пушењето, во раните 1950-ти почнуваат да се промовираат цигарите со филтер. Тие биле сметани за женски.

Kористењето на обични луѓе, и денес е едно од најкорисните средство при ширење пропаганда. Со нив едноставно се поистоветува и сочувствува публиката, еднакво како што им се верува на авторитетите кои можеби и користат извртени факти или пак инфлуенсерите. 

Како овој вид на пропаганда се одразува кај нас? Дали ваквиот еволутивен развој се пресликува или ние поинаку ја препознаваме во заедницата?

„Секое општество е зафатено од пропаганда. Секое општество се менува со пропаганда и од тука се менува современиот човек. Фактички современиот човек станува зависен од некакви информации, информации кои му се блиски на неговите вкусови, потреби, аспирации, асоцијации кои што всушност произлегуваат од некакви кампањи“, вели Марија Дракуловска, професор по социологија на комуникации на Институтот за социологија, на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје. 

Овие средства на пропагандата денес се во низок старт, но со еден поинаков производ, двете брзо растечки алтернативни технологии за испорака на никотин – електронските цигари и загреаните тутунски производи (HTPs) или попоуларните IQOS. 

Во Македонија, во 2021 година, тивко беше донесена одлука со која несогорливите тутунски производи и уредите за нивно загревање не спаѓаат под забраната за пушење. Со тоа се создаде слика дека овие производи се значително помалку штетни за околината и здравјето.

Техниките за наметнување пропаганда се повторуваат од минатото и се сосема успешни и денес. Научете како се создава пропаганда, за да знаете да ја препознаете следен пат кога ќе бидете на мета.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Поврзана сторија Многу лаги и болна вистина зад стапчињата што нè убиваат